Клучната дилема што сега се јавува во македонската јавност по протекувањето голем број информации од Вашингтон за сериозни надворешни замешателства, како финансиски така и со луѓе дипломати вклучени во многу клучни процеси што се одвиваа изминатите години во земјава, е дали Преспанската спогодба може да се смета за полноважен меѓународен договор имајќи ги предвид околностите под кои е постигната
Анализа на грчка „То вима“: Секој договор постигнат на коруптивен начин е ништовен!
Основен предуслов секој меѓународен договор да биде широко прифатен е тој да биде потпишан во духот на бона фидес, односно со добра волја, без никакви притисоци, коруптивни активности и финансиски бенефиции кон оние што го склучуваат, оти во спротивност неговата важност се доведува во прашање.
Она што деновиве повторно го сврте вниманието на македонската јавност се информациите што се појавија во грчките медиуми, кои откриваат сериозни финансиски замешателства од трети страни што со пари издејствувале потпишување на Преспанската спогодба.
Имено, со замрзнувањето на активностите на УСАИД по извршната наредба на американскиот претседател Трамп, повеќето светски медиуми во рамките на повеќе истражувачки стории го следат текот на парите што од УСАИД завршувале во одредени кругови чија задача била да ги насочуваат политичките процеси во одредена земја.
„То вима“ ја истражува врската меѓу Сорос и УСАИД за дилот за потпишување на Преспанската спогодба
Грчкиот медиум „То вима“, во неодамнешната анализа на Лефтерис Харалампопулос, ја истражува поврзаноста на фондацијата „Отворено општество“ на Џорџ Сорос со УСАИД и нивното влијание преку поранешниот македонски премиер Зоран Заев за постигнување на контроверзната Преспанска спогодба меѓу Македонија и Грција.
Грчкиот весник изнесува податоци, според кои, фондацијата „Отворено општество“ во Македонија во периодот од 2012 до 2016 година добила речиси пет милиони долари, кои требало да бидат искористени за „дестабилизација на тогашната македонска влада и за поставување нова влада што би била пофлексибилна за постигнување договор за промена на името на државата“.
Според анализата во „То вима“, фондацијата интервенирала за да го обезбеди доаѓањето на Зоран Заев на власт, бидејќи токму тој, како што се наведува во текстот, бил „поприемчив за спогодба во стилот на Преспа“. Неколку месеци подоцна започнаа „истражувачки“ разговори меѓу Атина и Скопје, кои на крајот се финализираа со потпишувањето на Спогодбата во Нивици. Од самиот почеток, фондацијата „Отворено општество“ влијаеше врз поттикнување на јавноста во Македонија да го поддржи договорот.
Податоците што ги изнесе новата американска администрација, чешлајќи ја документацијата на УСАИД, јасно покажуваат дека во Македонија за само четири години, од 2012 до 2014 година, се истурени огромни пари со кои требало да се креира атмосфера за потпишување на Преспанската спогодба. Токму тоа го наведува Лефтерис Харалампопулос во својата анализа објавена во „То вима“.
Клучната дилема што сега се јавува во македонската јавност по протекувањето голем број информации од Вашингтон за сериозни надворешни замешателства, како финансиски така и со луѓе дипломати вклучени во многу клучни процеси што се одвиваа изминатите години во земјава, е дали Преспанската спогодба може да се смета за полноважен меѓународен договор имајќи ги предвид околностите под кои е постигната.
Секој договор постигнат на коруптивен начин може да се поништи
Професорот по меѓународно право на Институтот за политички студии од Белград, Игор Јанев, смета дека Договорот од Нивици е ништовен и Македонија треба да го напушти.
– Меѓудржавен договор или спогодба создаден преку финансиски замешателства или финансиска интервенција однадвор (вклучувајќи и од државните спонзори како УСАИД) потпаѓа под вид коруптивно дејствување или корупција и може да стане предмет на оспорување или поништување според членот 50 од Виенската конвенција за правото на меѓународните договори од 1969 година. Според овој член, на Виенската конвенција за договорното право е регулирано следното во поглавјето „Корупција на државните претставници“: „Доколку согласност на една држава да биде обврзана со договорот е добиен преку корупцијата на неговиот претставник со непосредното или посредно дејствување на друга држава, државата може да се повика на ваквата корупција при поништување на дадена согласност да биде обврзана со таков договорот (членот 50)“.
Во нашиот случај, ние и без презентираните докази, можеме да се повикаме дека нашите претставници што ја склучувале Преспанската спогодба биле под влијание на повеќе страни, спонзори, меѓу кои и УСАИД (која за администрацијата на Трамп е „криминална организација“) или само на УСАИД, така што ние поради ова сметаме дека Спогодбата од Преспа е ништовна и во согласност со овој факт ја раскинуваме како нелегален документ без правно дејство за нас – вели Јанев.
Тој упатува на уште еден член од Виенската конвенција што ѝ дава правна основа на Македонија да се повлече од контроверзната спогодба.
– Во врска со ова ние можеме да се повикаме и на членот 46 од истата конвенција, според кој, очигледно прекршување на домашните постапки (вклучувајќи ги и уставните процедури) може да биде причина за поништувањето или раскинувањето на еден таков договор, со што флагрантно се крши домашното или уставното право. Понатаму, имајќи предвид дека промената на Уставот е направена под корупција и со кршење на домашното или уставното право, а со цел редефинирање на основните идентитетски одредници (поаѓајќи од фактот дека уставното национално име е основната идентитетска одредница) или државните симболи заштитени со Уставот или законот, ние можеме при поништувањето или раскинувањето на Договорот од Преспа да се повикаме и на членот 53 од истата конвенција, според која, кршење на императивните меѓународни норми (јус когенс) може да биде основа за поништување или раскинување на договорите или спогодбите. При сето ова треба да се има предвид и да се повикува на начелото на културниот суверенитет (кодифициран во документите на УНЕСКО), а исто така треба да се има предвид и дека државно-правниот идентитет (односно државното име) е врвен национален симбол според меѓународното право (покрај државното знаме, државниот грб и државната химна). Исто така, треба да се има предвид и дека во овие државни симболи (вклучувајќи го и државното име) е сублимиран националниот дигнитет (како категорија заштитена со меѓународното право), така што надворешно мешање или обид за редефинирање на истите тие се коси со меѓународен морал или (по правило) со домашен јавен морал и основните етички вредности заштитени со Уставот или уставните документи – констатира професорот Јанев.