Почекајте, чекор по чекор. Ова е одговорот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на прашањето што мисли кога вели дека на СДСМ и на премиерот Димитар Ковачевски ќе им се случи народ. Ставот на Мицкоски доаѓа откога Ковачевски одби да се сретне со опозицискиот лидер за да договорат датум за предвремени избори. Според ВМРО-ДПМНЕ, понудата има подадена рака за единство, за кое Мицкоски смета дека Владата нема капацитет.
– Жалам што во СДСМ и Владата нема мудрост, ниту државотворен капацитет. Жалам што вака постапуваат кога на народот му е потребно обединување. Од Ковачевски гледаме сѐ, освен она што му е потребно на народот. Не можам да разберам, зар толку им се важни тендерите во четири очи и привилегиите што ги уживаат? Не можам да разберам како може денот да го почнуваат и завршуваат кога знаат дека огромно мнозинство граѓани сакаат оваа Влада да замине и огромно мнозинство македонски граѓани велат дека Македонија се движи во погрешна насока. Очекував аналитичност, Ковачевски да излезе пред медиумите, и ако се одлучил да ја одбие подадената рака од мене, тоа да го направи на отворена сцена, да не се крие зад статуси на социјалните мрежи или да испраќа непознати ликови да тоа го прават место него на прес-конференции. Во Ковачевски и Владата гледам неодговорно однесување. Набргу денеска на сето ова ќе му дојде крај – рече Мицкоски.
Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ вели дека јавноста постојано ги прашува: „Што правите вие? Каде сте вие? Што прави ВМРО-ДПМНЕ?“ Мицкоски на ова вели: „Одговорот на тоа прашање го дадов и вчера, а тоа е дека ВМРО-ДПМНЕ од позиција на опозиција изминативе пет години е на браникот на татковината. Така и ќе продолжиме“.
– Мораме да си ја ослободиме Македонија од овие луѓе. Затоа повикувам на обединување – рече Мицкоски.
Претходно, кога Мицкоски упати повик за средба со премиерот на која ќе се договори датум за предвремени избори, Ковачевски му одговори преку фејсбук-статус.
– Јас кажав повеќепати и пак ќе кажам, уцени не прифаќам. Ова е вторпат како Мицкоски се обидува да ме уценува, а добро знаеме како заврши првиот пат. Неговите себични политички амбиции мене не ме засегаат, туку интересот на граѓаните и државата – напиша, меѓу другото, Ковачевски.