Историска нужност (3)
- Што покажаа овие избори и што треба да прави Република Македонија по нив? Која е таа историска нужност пред која се исправени државните органи и водечките партии?
Иако локални, изборите покажаа дека мнозинството македонски гласачи се приврзаници на националните идеи (идеалите) за самостојност, суверенитет, за безусловно почитување на идентитетските, историските, јазичните, културните и други посебности на македонскиот народ. Победија тие факти, можеби не толку изразени преку бројки, туку многу повеќе како дух на припадност кон напорите да се издржат нападите на кои е изложена Македонија од повеќе страни.
Носителите на македонската национална свест, втемелена на дејноста и делата на претходните генерации, имаат обврска да не подлегнат на краткотрајните политички интереси засновани на празни ветувања и да го предадат она што нивните дедовци и татковци го стекнале со ум и разум, со мудрост и истрајност, понекогаш со пари и крв, но речиси секогаш определувајќи се на вистинската страна на историјата.
Нужност е – што поскоро санирање на штетата направена по македонските национални интереси во последнава деценија
Историското застранување и штетата што е направена по македонските национални интереси во последнава деценија од владеењето на коалицијата на СДСМ И ДУИ нужно е да што поскоро да се санираат, со помали или со поголеми последици. Промената на името, прифаќањето на ултиматумите од Европската Унија, менувањето на Уставот во неколку наврати, придонесоа да се намали идентитетскиот, политички и кадровски простор на мнозинскиот народ во сопствената држава. Процесот на намалување на македонските вредности што го наметнуваат и спроведуваат западноевропските држави треба да се запре што поскоро.
Историското искуство нѐ учи дека секогаш кога се проблематизирала македонската етничка свест и се доведувал во прашање националниот интегритет, се јавувал нужен отпор, се подигнувал бедемот на одбраната и заштитата, што било не само потреба туку и легитимен чин што давал ефект, постигнувал резултат. Колективниот национален имунолошки систем, колективниот отпор секогаш бил посилен одошто правењето индивидуална кариера врз негирањето на сопствениот личен и општиот национален идентитет.
Нужност е – создавање колективен, национален имунитет!
Тој колективен имунитет се должни да го градат и партиите што се на власт и партиите што се во опозиција. И покрај сите идеолошки и политички разлики, должни се пред народот да ги зачуваат и заштитат историјата, фактографијата, културното, книжевното, духовното, семејното наследство, јазикот и писмото! Да се запре деструкцијата на македонскиот идентитет, да се спротивстави и да се даде жесток отпор и на внатрешните сили, индивидуални и институционални, склони кон продолжување на националната и државна автодеструкција организирана од Зоран Заев и Али Ахмети. Не е време само за национално, време е за државотворно единство. За изградба на доктрина што ќе ја чува државата на долг рок, без разлика кој ќе биде власт утре. Во таа државотворна основа треба да учествуваат сите партии, зачувувајќи го својот идеолошки идентитет.
Нужност е – создавање доктрина на обединување, а не на делби!
Создавање една концепција, една јасна доктрина и практики во кои ќе се дефинираат, систематизираат и општо ќе се прифатат верувања, мислења и ставови што претставуваат суштина на заедничко, резултантно дејствување, раст и развој на нацијата е врв на приоритетите. А не политики на делби и цртање енклави. Создавање на сите услови за почитување на внатрешниот и надворешниот суверенитет на нацијата и државата во сите свои облици, при што секоја нација треба да има право да ги одредува сопствените закони и политики, слободна од надворешно влијание и контрола и без никакво мешање од страна на надворешни „фактори“. Доктрината на суверенизмот, која по дефиниција значи и национална обединетост, во себе интегрално ги содржи и човековото достоинство, еднаквоста, рамноправноста, владеењето на правото, социјалната правда, слободите на мислење и изразување, а има заеднички именител и за националните и верските разлики, за повеќепартизмот… Една таква средена држава ќе биде гледана со почит и авторитет.
Историска нужност е преземање полна одговорност пред
предизвиците од страна на македонскиот национален мнозински корпус!
Новото време, реалноста во Европа по војната во Украина, од сите политички чинители бара сериозен и одговорен пристап. Дотолку повеќе што нашата држава е под силна агресија и невиден притисок да му ги предаде некому „на тацна“ сите национални придобивки што ги извојувале претходните генерации.
Без оглед колку е сега неорганизиран, поделен, економски осиромашен, психолошки оптоварен, меѓународно подмитуван, залажуван и злоупотребуван, македонскиот национален мнозински корпус е тој што е најодговорен пред своите граѓани и државјани. Негова историска нужност е да поставува брани пред сите напливи што го загрозуваат неговото национално достоинство, што му ја понижуваат гордоста, што го тераат да го продаде суверенитетот во целост и што бараат од Македонците да се самоукинат како стар европски народ.
Македонците се оние што треба да ги најдат најсоодветните одговори на невидените дипломатски, финансиски, агентурни и други притисоци што се вршат врз државата. Партијата на власт секако дека ги носи најголемата тежина и одговорност, но од тие настојувања не би смееле да се оддалечуваат опозициските партии. И нивна должност е да ги бранат државните интереси, не само партиските. Конечно, така ќе се најдат и најсоодветниот пат и начин Македонија да го добие заслуженото место во Европската Унија, историска определба на државата и на сите партии. Р.Н.М.

































