Фото: Маја Јаневска-Илиева

Светот го дочекува денешниот Меѓународен ден на совеста во услови на голем воен конфликт со катастрофални последици на почвата на Европа, сѐ уште незгасната пандемија и редица други тешкотии и предизвици во живеењето и опстојувањето. Тоа покажува дека, за жал, за совеста во глобални и меѓународни рамки како воопшто да нема место и во светот сѐ уште царуваат само интересите. Слични се околностите и во Македонија. Но може ли совеста конечно да се разбуди и да проработи или, пак, досегашните трендови на себичност и бескрупулозност се многу посилни? Филозофите и аналитичарите имаат интересни согледувања

Меѓународниот ден на совеста како повод

Низ светот денеска се одбележува Меѓународниот ден на совеста, 5 Април, ден што треба да ги потсети луѓето да ја следат својата совест и да прават исправни работи. Клучно е да се разбудат свеста и совеста кај луѓето низ светот за да се промовираат љубов, толеранција, прифаќање и грижа, како начин да се овозможи сите луѓе да работат заедно за општо добро. Но светот го дочекува токму денешниот Меѓународен ден на совеста во услови на голем воен конфликт со катастрофални последици на почвата на Европа, сѐ уште незгасната пандемија и редица други тешкотии и предизвици во живеењето и опстојувањето. Тоа покажува дека, за жал, совеста во глобални и меѓународни рамки воопшто нема место и во светот сѐ уште царуваат само интересите. Во однос на политиките на Европската Унија може да се заклучи дека Унијата не покажа трошка свест и совест во своите политики кон Македонија, а истото може да се каже и за нашите соседи Грција и Бугарија, кои се членки на Унијата.
Може ли да се зборува и да се бара совест во услови на девалвирани вредности, примена на двојни стандарди, методи на уцена и распаднати критериуми во самата ЕУ и воопшто во глобални рамки.
И случувањата овие 30 години во Македонија покажаа дека совеста како да исчезна од овие простори, секој гледа да се дограби до позиција, а потоа без ронка совест, свест, а уште помалку одговорност, да ги оствари своите цели.
Тоа доведе државата да се најде во ваква ситуација, раководена од политички гарнитури што во најголем дел не покажаа нималку совест за интересите на државата и граѓаните. Кога нема совест, нема ниту грижа на совест, па од тие причини никој не понесе одговорност за повеќето негативни работи што се случија изминатите три децении.

И наместо општеството да созрева и да станува совесно и одговорно за сите постапки, тоа уште повеќе се трансформира во општество без никаква совест, себично, грабливо и водено од желбата за лична полза.
Токму на Меѓународниот ден на совеста се наметнува дилемата дали може воопшто конечно совеста да проработи и да стане главната особина од која ќе се раководат оние што ја водат државата или, пак, светските трендови на себичност и бескрупулозност се многу посилни.
Универзитетскиот професор, филозоф и публицист Ферид Мухиќ смета дека во Македонија сè уште постојат некои зафрлени предели, сиромашни квартови во градовите или, пак, во селата, каде што може да се пронајде совест кај луѓето, но не и кај политичарите.
– Ако има некаква разлика од она што се случува во светот, во Македонија совеста единствено е зачувана во некои зафрлени предели на земјата, некои посиромашни квартови во градовите, во селата, но во секојдневниот, економскиот и политичкиот живот, во сите односи, без оглед со кого да разговарате, кај него зборот совест не постои, постои само зборот корист – вели Мухиќ.
Според него, сè во оваа држава ја загуби својата хуманистичка димензија, а на сметка на себичноста и искористувањето.
– Тоа е светски тренд, процес што го доведе светот до оваа ситуација, а кај нас ова е рефлексија, одраз, влезено е веќе како зараза. Нашата општествено-политичка ситуација, секојдневните односи, образованието, медицината, здравството, сето она што е хуманистичко, ја загуби сета хуманистичка димензија и стана целосно водено само во крајна линија без совеста, од принципот на корисност и себичност – истакнува Мухиќ.
Професорот појаснува дека колку што е едно општество поразвиено, толку во него има помалку место за совеста.
– Апсолутно, доколку е понапредно едно општество, во него има помалку совест. Водечките економски, технолошки, политички сили во светот дејствуваат тотално без совест, на сите нивоа. Од највисоките политичари, до оние најниски слоеви бездомници или до оние секојдневни луѓе, веќе терминот совест не се користи воопшто – нагласува Мухиќ.
Анализирајќи низ една филозофска призма, тој смета дека оспорувањето на совеста е тренд што трае половина век.

– Совеста е нешто што го оспоруваат систематски на сите нивоа дури и филозофите. Тоа е еден многу силен тренд во последните педесетина години, да се покаже дека совеста не постои. Тоа не е порекнување на Бог, тоа е напад врз поимот на Бог. Мислам дека совеста, всушност, е шепотот на божјите зборови во нас во онаа смисла во која тоа не мора буквално да значи Бог, но има еден внатрешен глас во нас кој непогрешливо ни кажува ако се прашаме, иако обично не се прашуваме, дали она што го правиме е исправно или не. Тој внатрешен глас секогаш непогрешливо ни кажува што е исправно, а што не – објаснува Мухиќ.
За него големата дилема во светот е судирот меѓу разумот и совеста.
– Разумот е чисто прагматичен. Тој се прашува дали може нешто да се направи, без да се праша дали тоа е исправно или неисправно. Негов критериум е можно-неможно. Политиката не е за можното, тука за она што е добро и што не е добро. Како што вели Платон, големото добро, тоа е политика. Барање заедничко добро за сите. Сè што е можно, е исправно. Можно е да се направат концентрациони логори, можно е. Можно е да се направи атомска бомба, можно е. И архитектот на концентрационите логори, и оние што наредиле да се направи атомска бомба, и научниците што ја направиле ги поврзува една заедничка работа, а тоа е отсуство на совест, сите тие апсолутно ја исклучија совеста. Ако им проработеше совеста, немаше да ги направат овие работи – вели Мухиќ.
Професорот понатаму додава дека светот се движи веќе од 2000 година под изразита доминација на разумот, кој е чисто прагматичен и кој го прави она што е можно.
– Но она што не се гледа е уште пофасцинантно и поспектакуларно по своите страшни последици што се апсолутно тука. Нуклеарната војна е апсолутно можна и е неизбежна ако совеста не се јави. Не може да не се проба, веќе е пробано трипати. Еднаш во Хирошима, двапати во Нагасаки, сега се спомнува нуклеарното оружје и во врска со случувањата во Украина. Човештвото е осудено да пропадне доколку совеста не проработи. Единствена работа што може да го спаси истото ова човештво е уздите да ги земе совеста, а коњите се всушност разумот. Разумот треба да влече, а совеста да управува – појаснува Мухиќ.


Моќта на совеста сега е попотребна од кога било

Светот денеска го одбележува Меѓународниот ден на совеста. Овој ден служи да ги потсети луѓето да ја следат својата совест и да постапуваат исправно.
Кога повеќето луѓе ќе ја следат својата совест и ќе се посветуваат на ширење љубов, поттикнување соживот без оглед на разликите, ќе ја употребуваат мудроста да ги решаваат проблемите и ќе ги инспирираат и другите да постапуваат така, светот ќе стане многу поубаво место за живеење.
Пандемијата на ковид-19, како и војната во Украина покажаа дека сега е потребна моќта на совеста повеќе од кога било, за да го трансформираме светот.
Затоа и пораката е да се разбуди совеста кај сите.


Османи го девалвира МНР

Министерот за надворешни работи Бујар Османи деновиве се пожали дека луѓе во државните институции се јавувале во Бугарија и ги минирале преговорите со источниот сосед, со цел тие да не успеат.
Нејасно е, со која совест министерот ги девалвира институциите со кои тој самиот раководи, наместо да спроведе внатрешна истрага и да утврди дали и кој води дипломатија „на своја рака“.
Совесноста на политичарите се гледа во тоа да постапуваат на начин што ќе утврдат што е исправно, а што не. Дополнително прашање е дали шефот на дипломатијата е свесен каква порака испраќа со ваквите изјави, дека македонското МНР е несериозна институција од која секој може наоколу да се јавува и да го нарушува угледот на државата.