Северна Македонија силно верува во европските вредности и останува целосно посветена на патот кон полноправно членство во Европската Унија, порача пратеникот и портпарол на СДСМ, Дарко Каевски во своето обраќање во Европскиот парламент.
– Ги исполнивме сите услови за почеток на преговорите за членство во ЕУ и имаме поддршка од останатите земји членки, веруваме во европските вредности кои се водилка за развојот на македонското општество – истакна Каевски.
Тој во своето обраќање се осврна и на односите со Бугарија и положбата на македонското малцинство.
– Најосновното право што една личност или нација го заслужува е правото на самоопределување. Време е бугарските власти да ги почитуваат одлуките на Европскиот суд за човекови права, каде јасно е наведено дека правата на македонското малцинство во Бугарија се прекршени, малцинство кое државата треба да го препознае и признае и целосно да го почитува нивното место во општеството. Време е да ги елиминираме сите сомнежи дека одредени политичари сакаат да ги нарушат добрососедските односи помеѓу двете држави, одработувајќи за трети страни. Правото на самоопределување е основно човеково право, кое треба да го заштитиме, за да можеме заеднички да градиме подобра иднина за нас и нашите деца – заклучи Каевски.