Албанците ќе имаат шест министри во идната влада која ќе се формира на почетокот на јуни, изјави еден од лидерите на коалицијата Вреди, Арбен Таравари, во интервју за Радио телевизија Косово – РТК, додавајќи дека Вреди ќе ја има и функцијата претседател на Собранието.
Таравари во интервјуто истакна дека министрите од Вреди ќе бидат експерти за својата област, соодветни за функциите, исто како и останатите владини и други државни функционери. Вреди допрва треба да ги именува кандидатите за министерските функции.
Конституирањето на Собранието, според Таравари, ќе се случи на крајот на месецов, додека се очекува новата Влада да биде изгласана во јуни.
– Кон крајот на идната недела ќе ги имаме и кадровските решенија и владината програма – кажа Таравари, напоменувајќи дека со коалиционите партнери се согласиле приоритети на новиот владин состав да бидат патот кон Европската Унија и бескомпромисната борба против криминалот и корупцијата.