Фото: „Нова Македонија“

Кај добар дел од судиите и обвинителите нема никакво чувство за одговорност во исполнување на фундаменталните принципи на правото и правораздавањето. Последиците од ваквото нивно неодговорно работење директно ги чувствуваат граѓаните, кај кои со право се создава впечаток дека правдата за обичните луѓе не само што е слепа туку е и недостижна

Расте притисокот да се симне казнената заштита на праводавателите и да се воспостави фундаментално владеење на правото

Дијагностицираните уставни аномалии сѐ повеќе испливуваат на површина создавајќи постојано правни преседани и судски апсурди, кои го доведоа македонскиот правосуден систем на најниското можно ниво на доверба, а сѐ погласниот граѓански револт јасно говори дека судството во државава наместо правда и владеење на правото, продуцира систем на неказнивост.

Судски комодитет заради нивна неказнивост

Од случај во случај, катадневно испливува на површина некаков судски пропуст, некакви „олеснителни околности“, слободни процени, само затоа што судиите и обвинителите знаат дека се недопирливи, односно не подложат на казни за несовесно и неодговорно работење. Кај дел од нив нема никакво чувство за одговорност во исполнување на фундаменталните принципи на правото и правораздавањето. Последиците од ваквото нивно неодговорно работење директно ги чувствуваат граѓаните, кај кои со право се создава впечаток дека правдата за обичните луѓе не само што е слепа туку е и недостижна.
А комодитетот на неказнивост на судиите им беше овозможен со амандманска интервенција во Уставот уште пред 20 години, кога беа ослободени од секаква одговорност за одлуките што ги носат. Тој комодитет некои од судиите го искористија за да постапуваат во согласност со одредени политички нарачки, да исполнуваат туѓи желби само колку да ја задоволат власта што во тој момент раководи со земјата.
Имено, во амандманските измени од 7 декември 2005 година, во амандманот XXVII јасно е наведено дека судиите се изземаат од каква било кривична одговорност во врска со одлуките што ги носат.
– Судија не може да биде повикан на кривична одговорност за искажано мислење и одлучување при донесувањето на судските одлуки. Судија не може да биде притворен без одобрување на Судскиот совет на Република Македонија, освен ако е затечен во вршење кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години – се наведува во уставниот амандман.

Да се допре до недопирливите судии

Првиот човек на Левица, Димитар Апасиев, најави дека тие ќе иницираат враќање одредба од Кривичниот закон на СФРЈ од 1976 година, со која се предвидува затворска казна за судиите што ќе работат спротивно на словото на законот.
– Кому му пречеше оваа одредба од југословенскиот Кривичен законик на СФРЈ (1976)? И зошто истата таа е изоставена, па дури е воведена и спротивна одредба со амандманот XXVII на Уставот на РМ (2005)? Пратеничката група на Левица повторно ќе ја предложи оваа законска одредба, преку рогација на КЗ! Доколку не успее тоа, вреди да се размисли претседателката на РМ – преку својата уставна можност, да предложи и уставни измени на оваа тема, со бришење на неказнивоста на судиите како концепт, кој во пракса се докажа како многу опасен по владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните, а кој стана и непресушен извор на корупција – наведува Апасиев во статус на социјалните мрежи.
Инаку, одредбата што ја споменува претседателот на Левица всушност е членот 181 од КЗ на поранешна СФРЈ од 1976 година. Во овој член, став еден, се наведува: Судија или судија поротник на суд на федерацијата или на воен суд што, со намера на друг да му прибави некаква корист или да му нанесе некаква штета, ќе донесе незаконит акт или на друг начин ќе го прекрши законот, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години.
Во ставот два од истиот член уште се дополнува дека ако станува збор за потежок случај на делото од став 1, тогаш сторителот ќе се казни со затвор од три до десет години.

Правосудството никогаш нема да се реформира доколку судиите и натаму останат заштитени со споменатиот амандман

Неодамна и пратеникот Павле Трајанов се осврна на овој проблем, истакнувајќи дека правосудството никогаш нема да се реформира доколку судиите и натаму останат заштитени со ваков амандман, па затоа и самиот предлага отстранување на спорниот амандман.
– Потребни се темелни реформи во правосудниот систем. Тие сѐ уште не се почнати. Што е сугестијата? Прво треба да се промени Уставот, односно да се создадат услови за реформи во судскиот систем. Со сегашниот модел судиите имаат траен мандат и со уставен амандман е дефинирано дека судија не може да одговара за судска одлука каква и да е. Веројатно во тоа време се проценило дека ќе одлучува по сопствено убедување, како што е дефинирано, меѓутоа ако судија не одговара за судска одлука, ако направи злоупотреба, криминал, ако прими пари за одлуката, како може за тоа да не одговара – прашува Трајанов.
Според него, корумпираните судии што се свесни дека се недопирливи и не можат да бидат казнети без оглед каква пресуда и да донесат, едноставно постојано се приспособуваат на секоја власт.
– Во одреден момент ќе профункционираат оние судии што се плашат од криминалот и корупцијата во кои се тие навлезени. Тие брзо се приспособуваат и ѝ се додворуваат на секоја актуелна власт – посочува Трајанов, истакнувајќи дека без казнивост на судиите и обвинителите и без отчетност за нивната работа, нема да има вистинска реформа на правосудството.
Дел од стручната фела смета дека намерно е инсталирана ваква уставна аномалија за неказнивост за да може политиката да го контролира судството.
– Каде има вакво нешто, некој да суди спротивно на законот, тоа да резултира со негативни последици, корупција, криминал и слично, а да нема казна за тој судија или обвинител? Во сето тоа политиката ги има вмешано прстите, за да може да ги контролира и судиите и обвинителите. Ако има затворски казни, тогаш ниту еден судија или обвинител нема да ризикува да исполни нечија политичка наредба, да земе пари од некого, да му прогледа низ прсти некому и слично. Значи треба да се врати казнивоста и за судиите и за обвинителите и за извршителите, но и за политичарите, за сите што ќе се огрешат од законот, едноставно да нема повластена каста во државава. Времето на заштита на нашите бели мечки во судовите изминува, така што треба веднаш да се преземе нешто. Ако граѓаните за најбанални работи завршуваат во затвор, тогаш можат и судиите да се најдат зад решетки, наместо да се спогодуваат и да си го продолжуваат животот нафатирани како бродови – посочуваат познавачите. С.Т.