Вознесението Господово е еден од најголемите христијански празници, затоа што е поврзано со обожувањето на секој човек. Вредноста на Вознесението е во тоа што човечкото тело, кое беше обожено преку неговото соединување со Божјата природа, седнува на царскиот престол, оддесно на Бога Отецот. „При Неговото вознесение човечката природа на Христа бидува вознесена од земјата на небото“, прекрасно појаснува отец Даниел Јовановски, во разговор за „Нова Македонија“
Православните верници празнуваат уште еден голем празник
Вознесение Христово е еден од дванаесетте големи празници во православието. Христос се вочовечи, поучуваше, пострада, воскресна и се вознесе. Вознесението Господово, пак, кое Црквата го прославува во четвртокот од шестата недела по Велигден, е завршетокот на Благовештението, Рождеството (Божиќ) и на Воскресението (Велигден). Вознесението ја изразува најдлабоката смисла на духовниот живот и го прави можно обожението на човекот. По своето воскресение, Христос им се јавувал на учениците, правел чудеса и ја утврди нивната вера, правејќи ги сведоци на воскресението. Четириесет дена по Своето воскреснување, Христос се вознесе на небесата.
Празникот Вознесение е украсот на сите празници. Тој исполни сѐ со радост, затоа што Христос, откако ја отвори небесата, ни покажа чудесна глетка, т.е. нашето тело издигнато на царски престол. Вредноста на Вознесението е во тоа што човечкото тело, кое беше обожено преку неговото соединување со Божјата природа, седна на царскиот престол, оддесно на Бога Отецот. Кога Христос се вознесе на небесата, тогаш луѓето стекнаа совршено познание на Христа. И Светиот Атанасиј Велики вели дека Христовото Вознесение го возведува човекот на Небото и, менувајќи го човековиот начин на живот на земјата, го прави небото пристапно за него.
Со Вознесението го празнуваме востоличувањето, вознесувањето, на нашата природа на небесата, која со тоа стана богоподобна и се издигна на престолот Божји. Во Светото Писмо јасно се гледа дека Христос се вознел на небесата со телото, бидејќи, Божјата и човечката природа никогаш не се одвоиле. Христовото Вознесение, како и сите други големи настани, се случило во тишина, бидејќи само учениците биле присутни, но и покрај тоа станало познато по сите краишта на вселената.
Додека Христос се вознесувал на небото, ги благословувал учениците, испраќајќи им ја Својата изобилна и неограничена благодат и давајќи им сила за успех во вршењето на заповедите. „Ете, јас сум со вас преку сите денови до крајот на светот“ (Мт. 28, 20). Умот христијаните го имаат насочено кон небото: горе да ги имаме (умот и) срцата. Христос е совршен Бог и совршен човек, односно Тој е вистински Богочовек. Секогаш го следеле ангелите – тие, и тоа во голем број, се најдоа и при Неговото вознесение на небесата. Ангелите ги има и во образец и форма на облак, но и, за да не се уплашат учениците, во вид на мажи, кои носеле бели блескави облеки, кои ги означуваат нивната чистота, задоволството и големата радост.
Христос при Своето вознесение ги задржа на Своето тело раните од крстот и со нив се наоѓа на престолот на Отецот. Со Христовото вознесение целосно беше отфрлена моќта на ѓаволот, бидејќи лукавиот демон ја виде Христовата човечка природа вознесена на небесата и нејзиното поставување оддесно на Божјиот престол. Христос им заповедал на учениците да се вратат во Ерусалим по Неговото вознесение и таму да дочекаат да го примат Светиот Дух на денот на Педесетницата, при што ќе станат членови на Неговото (Христовото) тело, а потоа да проповедаат и да бидат Негови сведоци.
Вознесение се празнува со химни и песни духовни, но и со пракса, чистота и просветление на умот, односно со практикување телесна и душевна чистота. Низ оваа борба и преку просветлението човекот се радува на големата смисла и најдлабоката содржина на празникот. Таа радост има две основни причини. Првата е дека Христос со Своето вознесение таму каде што беше претходно покажа дека не е обичен човек ниту син на Јосиф, туку е Син Божји (Свети Никодим Светогорец). И втората е дека радоста произлегува од издигнувањето и вознесението на нашата природа (Свети Григориј Палама). Секако, тоа е најтесно поврзано со вознесението на секој човек што верува и се поврзува со Христа. Следствено, Христовото вознесение е восовршување на сето она што го направи Христос за нас. Овој празник нѐ повикува во духовно усовршување, на учество во Христовото вознесение и во доживување на нашето вознесение. Затоа меѓу нашиот народ овој празник е познат и како Спасовден (се доврши делото на спасението) или Денот на Спасителот на светот – Исус Христос.
Во врска со овој празник разговаравме со свештеникот Даниел Јовановски, свештенослужител во манастирот „Св. вмч. Георгиј“ во Криви Дол.
– Христовото воскресение од мртвите донесува победа над смртта, но домостројот на спасението тука не завршува. Од новозаветните записи увидуваме дека дури и најблиските Христови ученици непосредно по Спасителовата крсна смрт не се сигурни што значи таа, што ќе се случи со Неговото тело и воопшто, каква иднина ги чека самите нив. Затоа, Господ не се вознесува веднаш, туку останува на земјата уште четириесет дена, многукратно јавувајќи им се на Своите следбеници во тој период, со цел да им ја зацврсти верата, та да станат Негови непоколебливи сведоци – вели отец Даниел.
Објаснувајќи го значењето на вознесението, отец Даниел Јовановски истакнува дека не станува збор за физичко издигнување, туку за „вознесение во поинаква димензија на постоењето“.
– Дел од нив, уплашени и збунети, при првите такви средби со Воскреснатиот имаат сомнежи или не го препознаваат, но постепено срцата им се отвораат, па започнуваат да ја разбираат смислата на воскресението. Така, конечно доаѓа времето за Христос да се врати на небесата и Тој ги изведува апостолите на Малиновата Гора. Таму, благословувајќи ги, се вознесува. Секако, јасно е дека не станува збор за вознесение сфатено како физичко издигнување некаде во тропосферата или во која било друга сфера, до егзосферата, туку станува збор за вознесение во поинаква димензија на постоењето, за враќање онаму од каде што Тој и дојде – во вонвремениот и вонпросторниот престол, каде што предвечно „седи“ оддесно на Отецот – прекрасно ни појаснува отец Даниел Јовановски.
Празнувањето на Вознесението Христово е поврзано и со празникот Педесетница, односно славењето на Светиот Дух.
– Враќајќи се при Отецот, Христос нам ни го враќа небото што го бевме загубиле поради падот. Имено, како што при воплотувањето Бог доаѓа на земјата и, земајќи тело, станува Богочовек, така при Неговото вознесение човечката природа на Христа бидува вознесена од земјата на небото. Со тоа и ние луѓето „бидуваме совознесени со Христа“ (Св. Јован Златоуст) и нашата човечка природа станува „сопрестолна и собожествена“ (Св. Григориј Палама). Вознесувајќи се, Христос не нѐ напушта. Напротив, Тој останува со нас до крајот на светот, и сосема наскоро – на Педесетница (10 дена по вознесението) ни го испраќа Светиот Дух, за Црквата довека да постои и како Тело Христово и како заедница на Светиот Дух – кажува за значењето на овој празник во православието, ексклузивно за „Нова Македонија“, презвитер Даниел Јовановски.