Итна посета на Олаф Шолц на Белград
Црвен тепих. Почесна гарда на војската на Србија. Државната делегација на домаќините предводена од претседателот на Србија, Александар Вучиќ,… сè е како што треба и мора да биде под конец кога ќе пристигнат големите државници и најважните гости. По тропските горештини, на аеродромот „Никола Тесла“, доцновечерниот ветрец го испрати тој жесток исцрпувачки ден, воведувајќи го во периодот пред полноќ, кој штотуку се наѕираше.
Конечно! Слетува авион со гломазна делегација од Берлин: владини министри, експерти и економски махери од Германија, предводени од канцеларот на до неодамна економски најмоќната земја во Европа, Олаф Шолц. Нежно и непречено, крилестиот џин слетува на земја и ползејќи почнува да се приближува до церемонијалниот ешалон на гардата; вратата се отвора по исклучувањето на моторот; алуминиумските скали се спуштаат; елегантниот почесен строј се стегнува во знак на почит. Претседателот на Србија државнички се накашлува, а потоа учтиво се приближува до авионот со насмевка од илјада пораки.
Но тој не излегува! Повеќе од педесет секунди по исклучувањето на моторите на авионите и спуштањето на алуминиумските скали, сепак го гледаме Вучиќ како беспомошно се притеснува, нервозно повлекувајќи ги рацете од стомакот до бутовите и од бутовите кон стомакот. И тој сè уште не излегува!
Конечно, од темната утроба на леталото, тој излегува: со вообичаеното рутинско закопчување на палтото, храбро се затетерави по скалите кон Вучиќ, желен да се ракува. Следуваа куртоазни зборови на Вучиќ за добредојде и возвратна развеселеност на Шолц, а потоа дистанцирано мавтање со стегнати тупаници; претставување на делегацијата на земјата домаќин; и прошетка по црвениот тепих до црна лимузина за гостинот. Со вообичаениот муабет за главната средба што ги очекува наутро, гостинот и домаќинот уште еднаш се ракуваа и се поздравија. Со заемна благодарност за повторната меѓудржавна средба на двајца стари познаници, канцеларот колебливо се сврте кон почесното место во црната лимузина и потоа повторно завладеа тишина. Повторно чекање, чекање, чекање…
Видливо е како српскиот претседател избезумено глуми смиреност. Црната лимузина, како закована, не тргнува. Вучиќ со молежлив израз ги оближува дехидрираните усни, со говорот на рацете и целото тело (јасно се гледа) го проколнува својот „врховен“ гостин за срамот што повторно му го приредува пред толку многу ТВ-камери и новинари, вклучувајќи ги и оние што го презираат.
Конечно! По повеќе од три минути нервоза, црната лимузина мрзливо тргна по долго чекање во место.
Со државник од таков калибар во кабината на црна лимузина, со ваков застој при тргнувањето, според секој дипломатски протокол, тоа е огромен дипломатски скандал!
Режија на Шолц или нова идеологија на Западот?
Државно-дипломатската драматургија прикажана на крајот на неделата во Белград дефинитивно не е соло-режија на Олаф Шолц. Станува збор за шлаканица-дипломатија, дум-дум дипломатија или дипломатија на понижување со оружјето на гестовите. Да, понижувањето со гестови и државничките гестови во меѓународните дипломатски односи имаат моќ на политички пораки, често многу поостра моќ од конвенционалните изјави или од заклучоците на хартија.
Овој вид дипломатија на високо ниво е во симбиоза со западната надворешна политика долго време и е сѐ почеста „нова норма“ во меѓудржавните односи, особено во меѓудржавните односи меѓу „големите“ и „малите“ држави.
Но ова е само еден од сè повеќебројните феномени на современата формална дипломатија, кој во пакет со мноштво други „нови норми“ наменети да ги дисциплинираат помалку послушните државници и држави, повеќе или помалку успешно го спроведуваат сите водечки дипломати и државници на „западната хемисфера“. Дипломатијата на омаловажување на ривалите со говор на телото или само гестови – едноставно стана мода во светот на историските економско-политички, идеолошки, културни и други дивергенции и конфронтации. Во ова шампиони се дипломатите на „англосферата“, но како што можеше да се види во четвртокот во Белград, европските ученици не само што не се лоши туку во некои случаи се и поарогантни од професорите.
Дипломатија на супрематизмот
Ако тргнеме од премисата дека дипломатијата е „вештина да се застапуваат интересите на својата земја“ – тогаш би можело да се каже и дека она што германскиот канцелар му го подготви на српскиот претседател во Белград нема никаква врска со конвенционалната дипломатија пропишана во 1964 година со Виенската конвенција за дипломатски односи. Тоа нема никаква врска со нормите на Дипломатскиот протокол на која било независна и суверена држава под покровителство на Обединетите нации. Тоа нема никаква врска ниту со меѓународните обичајни норми и меѓународно прифатениот дипломатски кодекс.
Тоа што Шолц му го направи на Вучиќ можеби е дипломатски преседан на европско тло во однос на размерите на грубоста и начинот на негово омаловажување, но не е ништо ново во меѓудржавните односи на денешниот мултиполаризам. Затоа, ова не беше „бламажа над бламажите на српскиот претседател“, како што пренесуваат сите регионални медиуми. Напротив: тоа е срам на дипломатијата како гранка на меѓународната политика од страна на „големиот“ канцелар.
Набљудувајќи го лицето на Вучиќ, со рацете скрстени на стомакот како загрижена мајка додека го исчекуваше службениот автомобил со германскиот канцелар конечно да се упати кон хотелот каде што ќе се наспијат високите гости за „историските договори за стратегиски суровини“ – еден и единствен заклучок што ми падна на ум беше: „новите норми“ на „модерната“ дипломатија се најавтентичниот доказ за неолибералниот супрематизам, кој со сите негови манифесни карактеристики и реални достигнувања е само слика на новата фаза на неоколонијализмот, за која веќе толку многу се зборува. А клучната разлика помеѓу овој современ и поранешниот колонијализам е само тоа што последиците од современиот неоколонијализам можат да бидат, или веќе се, неспоредливо подраматични за денешното вжештено човештво од оние последици што повеќе или помалку беа преживеани во векот на европскиот колонијализам во Америка, Африка, Австралија, Океанија и во Азија. Токму овој поранешен европски колонијализам од 19 век е трансформиран во последните децении во неолиберален супрематизам не само во Западна Европа туку и во целата „западна цивилизација“.
Ако, според тоа, дипломатијата е дефинирана како гранка на политиката што се занимава со односите меѓу државите – најновиот однос на германскиот канцелар Олаф Шолц кон српскиот претседател Александар Вучиќ и по ова мерило претставува грда илустрација за невидената вулгаризација на дипломатијата како „гранка на политиката што се занимава со односите меѓу државите“.
Тоа е срамна илустрација за вулгаризацијата на меѓудржавните односи и затоа што српскиот претседател овој пат самоволно му понуди личен нарцизам на германскиот премиер, наместо да ги следи виенските принципи на реципроцитет во дипломатијата и да му ја препушти спарната и ветровита вечер на белградскиот аеродром на новоизбраниот српски премиер Милош Вучевиќ, да биде пандан на германскиот канцелар.
На Запад ништо ново
Преземајќи го горенаведениот наслов од истоимениот роман на друг Германец, многу попознат од сегашниот канцелар, а се работи за Ерих Марија Ремарк и неговото најзначајно книжевно дело, сакав да го истакнам заклучокот дека „новите норми“ и манири во денешната нова дипломатија се рутински и планирани потези. Гестот е во мода како моќна политичка порака – како порака од „нас горе“ до „вас долу“. Сетете се барем како тогашниот американски претседател Доналд Трамп ја игнорираше тогашната германска канцеларка и во тоа време највлијателната жена во Европа, Ангела Меркел, пред претседателскиот камин во Белата куќа на 17 март 2017 година. Или на тоа колку скромниот индиски премиер Наредра Моди го пречека Риши Сунак во Делхи на почетокот на септември 2023 година, тогаш актуелниот премиер на неговиот не толку дамнешен колонизатор. Или погледнете со каква дрскост западните амбасадори се однесуваат кон балканските претседатели, премиери и министри, особено кон Македонија, Босна и Херцеговина и кон Косово!
Европската, а подоцна и супрематистичката политика на целиот западен блок отсекогаш се оправдувала со „нашето давање“ и „вашето земање“.
Така беше и во конкретниот случај: германскиот канцелар не дојде во Србија за да го „земе“ српскиот литиум првенствено за својата автомобилска индустрија. Германскиот канцелар и европскиот комесар за европски зелен план, меѓуинституционални односи и прогнози, Марош Шефчовиќ, не им ја „одземаат“ на жителите на Јадар кај Лозница на западот на Србија нивната вековна обработлива земја со цел да произведуваат германски електрични автомобили. Напротив – со ископ на литиум се „создаваат“ историски перспективи за истите тие од Јадар, а на Србија ѝ се „дава“ можност за економски просперитет. И уште поважно – ѝ се „дава“ „историска можност за учество во остварувањето на историски важните европски климатски цели“. Па како да не бидеш учесник во тоа? Особено со Вучиќ на чело на државата!
Светски војни за стратегиски суровини
Писмо на намери со неколку водечки европски автомобилски концерни, финансиски институции и производители на батерии, како и меморандум за разбирање за стратегиско партнерство во секторот на стратегиски суровини, синџирот за производство на батерии и електрични возила – ова е „историскиот пакет што германскиот канцелар речиси полутајно ’го донесе‘ во Србија“.
Поради вистинската историска важност на тој пакет за европската автомобилска индустрија, затоа германскиот канцелар реши да глуми несмасност по пристигнувањето, а неговата главна цел беше да покаже дека единствено нешто што останува на домаќинот е да се согласи на сè. Ова е неоколонијалната дипломатија на тврдокорниот либерализам. Ова е цената што малата Србија, како и сите други „мали“, мора да ја плати ако се грижи за каков било напредок во процесот на евроинтеграциите, ако се грижи за неповратните средства од европскиот буџет и ако сака да има каков било дијалог, дури и ако е стерилен за Косово. Енергетската светска војна во која живееме денес започна со Првата индустриска револуција. Но неизмерно подеструктивната глобална војна за стратегиски суровини е безвременски конфликт и ќе трае додека постои нашата цивилизација.
Бродолом на ерата на чесните медиуми
Сепак, најголемиот проблем можеби не е толку алчноста на светските моќници, колку бродоломот на чесните медиуми, кои одамна престанаа да бидат совест на нивните општества, држави и нивната јавност. Поранешните „кучиња чувари на вистината“ се претворија во поданици на лагите.
Само така може да се случи она што се случи со шлаканица-дипломатијата на Шолц во лицето на „малиот“ српски претседател: ниту еден од регионалните медиуми што се осврнаа на доаѓањето на германскиот канцелар во Белград деновиве не препозна во однесувањето на „големиот Германец“ таква видлива супрематистичка ароганција. Сите регионални медиуми го видоа само „невиденото понижување“ што „големиот канцелар“ му го направи на „малиот“ Александар Вучиќ. Српските медиуми, поради (само)цензура, се разбира, не се навратија на овој политички и дипломатски скандал. Зашто да направеа така, „модрицата“ на наднационалниот претседател ќе беше уште поголема. Ако, значи, српскиот претседател беше навистина понижен од германскиот канцелар, во тој случај беше понижен и целиот народ. И ако намерата беше да се понижи целата српска нација, тогаш супериорната дипломатија на канцеларот овој пат се водеше од крајно груби гестови, наменети и за сите други „мали“ народи!
Не толку одамна, есента, сега веќе во заминување, првиот дипломат на Европската унија, Жозеп Борел, се сеќавате, најсликовито го опиша односот на „големите“ и моќните кон „малите“ и уценети: „Западната цивилизација е цветна градина со милион цвеќиња, а остатокот од светот е запуштена џунгла што треба да се заштити“.
Зекеријах Смајиќ
Авторот е новинар од Брисел, експерт за европски политики и за процесот на проширување на ЕУ