Предвремена косовска предизборна кампања – врз грбот на Македонија?!
Редовните парламентарни избори во Косово се закажани за 9 февруари 2025 година. Иако до тамошната предизборна кампања има уште цели два и пол месеца, се чини како веќе таа да започна, и тоа врз грбот на Република Македонија! Како што јавија информативните агенции, Ѓерѓ Дедај, поранешниот амбасадор на Косово во Македонија, вчера во изјава за информативниот портал ТЕВЕ 1 од Косово го нападнал косовскиот премиер Албин Курти дека „ја ставил заедничката седница на владите на Македонија и Косово, одржана во Приштина, во функција на предизборната кампања за својот режим во заминување“!
Меѓутоа, се добива впечаток дека не само Курти туку и косовските опозиционери стартуваа со својата предизборна кампања, за да покажат дека се големи „бранители на Албанците во Македонија и нивните права“, во надеж дека така ќе освојат повеќе гласови на 9 февруари в година од нивните сонародници во Косово.
Мемли Красниќи, лидерот на опозициската Демократска партија на Косово и пратеник во косовското собрание, на еден ден пред да биде одржана седницата на македонската и косовската влада во Приштина го праша Курти преку својот фејсбук-профил зошто тој и неговата влада не го поставиле прашањето за албанскиот јазик на оваа заедничка седница. „Не беа поставени клучни прашања на дневен ред на оваа заедничка седница, кои мора да се бранат со решителност: основните права на Албанците во С. Македонија, вклучувајќи ја и употребата на албанскиот јазик, како и правата на ветераните на УЧК, кои се апсат“, напиша Мемли Красниќи.
Како да е небаре непосредно на прагот на парламентарните избори во Косово, Красниќи побара од нивната влада, а „особено од албанските политичари што се дел од Владата на С. Македонија“, „да го кренат својот глас и да се заложат да не се загрозува употребата на албанскиот јазик од никого и од никаде“. „Основните права на Албанците во С. Македонија, вклучувајќи ја и употребата на албанскиот јазик, мора да се бранат со решителност. Веднаш мора да престане секој обид да се загрозат овие права“, порача лидерот на опозициската Демократска партија на Косово Красниќи преку Фејсбук.
Како што известуваат информативните агенции, во своја анализа косовскиот весник на албански јазик „Бота сот“ во понеделникот се осврнал на „соништата, што ги сонуваат“ лидерите на Демократската партија, Мемли Красниќи, на Алијансата за иднината на Косово, Рамуш Харадинај, инаку поранешен премиер, како и Лумир Абдиџику, лидер на Демократскиот сојуз на Косово, „да бидат на власт наместо Албин Курти“. Дури, Рамуш Харадинај предложил „да се вртат за премиерската функција“ со Демократската партија и Демократскиот сојуз: „едните едната година, другите другата година, а третите третата година“!
За да му послужи за премиерските амбиции на својот брат Рамуш, Даут Харадинај, член на претседателството на Алијансата за иднината на Косово, му се нафрли на Курти вчера, поради одржувањето заедничка седница на неговата косовска влада со македонската влада. „Во Македонија се кршат рамноправноста и правата на Албанците, но Курти не се вознемирува, поради тоа!“, тврдеше Даут Харадинај.
„Албин Курти не му верува на Уставниот суд во сопствената држава, туку има доверба во Уставниот суд на соседната држава. Во „Македонија се кршат рамноправноста и правата на Албанците, а Курти не се вознемирува поради тоа. Премиере Курти, ти помина времето на манипулирање и во Косово, но и каде било!“, посочи Даут Харадинај во својата порака до Курти, која претставуваше исто така предизборно одмерување на рејтингот и пресметка на косовската опозиција со него, повторно врз грбот на Република Македонија.
Како што посакуваат косовските опозиционери што поскоро да си заминат Курти и неговиот режим, кого го обвинуваат за „дебакли во владеењето“, па да заседне некој од нив во тамошниот премиерски кабинет, така и Али Ахмети и ДУИ и нивниот таканаречен „Европски фронт“ фрлаат со „дрва и камења“ врз сопствената држава, врз премиерот Христијан Мицкоски и сегашната влада на Македонија. Албанците-опозиционери во Македонија обвинуваат дека „се нарушуваат столбовите на Охридскиот договор и правата на Албанците“, а особено дека „се загрозува употребата на албанскиот јазик“.
Прашање е само дали постојат некаква заемна, меѓусебна координација и договарања меѓу косовската опозиција и албанската опозиција во Македонија во нивните „сонувања соништа за власта“ или не… Факт е дека Албин Курти е во тесна релација со лидерите на коалицијата Вреди, кои се исто како и него на власт во Македонија, па можеби и не е далеку од вистината дека и Мемли Красниќи, Рамуш Харадинај и Лумир Абдиџику се во некаква „блиска врска“ со Али Ахмети, Зијадин Села и другите опозиционери од албанскиот опозициски табор во Македонија…