Парада на грчката војска во Атина што потпали страсти на агресивен милитантен експанзионизам, шовинизам и верска омраза
Воената парада што се одржа минатиот вторник во Атина по повод Денот на независноста на Грција предизвика контроверзии, но и силни негативни реакции. Грчките војници на таа парада извикувале слогани, кои се оценети како недопустливи од повеќе аспекти. Нашите соговорници велат дека иако извикуваните слогани се однесувале за Турција, ова претставува и еден тежок преседан, но и метафора во која може да се прочитаат (да се пронајде) и Македонија и Албанија и другите соседи кон кои Грција отворено изразува нетрпеливост и претензии. Соговорниците гласно прашуваат дали Владата на една држава членка на НАТО и на ЕУ може да им допушти на својата армија, на своите елитни единици и нивните команданти и членови на генералштаб да изразуваат јавно политики на агресија, говор на омраза, навреди и омаловажување, бодрејќи ја и пошироката јавност за прифаќање на овие армиски ставови?
Во толпата што ја следела воената парада имало и мали деца, па останува да се претпоставува дали грчките војници имале намера и да им дадат „јавен час“ на малите грчки деца со „поуки“ како ќе треба и тие да се однесуваат во иднина кон своите соседи…
Соговорниците ни издвоија и коментари од соседството, од аналитичари од регионот, каде што се констатира дека всушност „армискиот врв всушност е само алатка во рацете на политиките на државниот врв на Грција и дека преку војската се пренесуваа гласот и расположението/ставовите на државниот врв од Атина.
– Строгата вертикала на војничка субординација само е цврста линија на сигурно спроведување на наредбите на политичкиот и државниот врв, при што се демонстрира силна волја и мотивираност истите тие да се спроведат – велат нашите соговорници.
Имено, доколку не се успее со „дипломатски ракавици“, како што беше тоа со Преспанскиот договор, тогаш во краен случај ќе се спроведат политиките -насилно и со милитаристички форми и методи, ја развиваат натаму тезата нашите соговорници, видно возбудени од демонстрацијата на брутална сила на воената парада во Атина, организирана од грчките власти. Но кој за ваквите поведенија „намигнува“ од Брисел?
Остри граѓански коментари: „Да постоеше чесен обвинител, сите тие, од поручници до началникот на Генералштабот, ќе завршеа на воен суд“!
Остри коментари се појавија и под видеоснимката од парадата што беше објавена на социјалните мрежи, па така, еден корисник напишал: „Да постоеше чесен обвинител, сите тие, од поручници до началникот на Генералштабот, ќе завршеа на воен суд“.
За издвојување е дека грчката опозициска партија Коалицијата на радикалната левица (СИРИЗА) ги осуди паролите и повика на темелна истрага за инцидентот!
Имено, СИРИЗА ги квалификува како „неприфатливи и историски неосновани паролите“ извикувани од студентите на Поморската школа за подофицери (ΣΜΥΝ). Во соопштението на партијата се вели дека „инцидентот треба да се истражи и да се дадат одговори и да се повика на одговорност“. СИРИЗА-ПС, исто така, ја критикува грчката влада за јавна демонстрација на „недисциплина“ и сериозни „административни нарушувања“ во воената морнарица. Партијата, исто така, критикувајќи ја сегашната грчка влада тврди дека е во „распаѓање“ и оти „веќе не може да контролира ниту основни работи“!
Индикативна и сомнителна забелешката на СИРИЗА
Токму, пак, последната гореспомената констатација на СИРИЗА беше исклучително симптоматична за нашите соговорници и затоа тие ја издвоија, за да ја протолкуваат на еден мошне интересен начин.
– Констатацијата дека сегашната официјална Атина „веќе не може да контролира ниту основни работи“ е по малку и алегорична, бидејќи може и да се толкува како: „Мицотакис веќе не може да контролира ниту основни работи, а тоа е – барем да може успешно да ги скрие нашите намери дека не ги симпатизираме своите соседи, ниту сакаме да им помогнеме во нивните напори да се интегрираат во регионот и во ЕУ, ниту пак сакаме да ги признаеме нивните малцинства во грчката држава… Но барем – да знае да го скрие тоа, а не со воен марш и мегафони да го обзнанува тој факт! Атина треба да биде умешна, како и секогаш во историјата, да го стави тоа итро во некакви „демократски обланди“, како што умешно го направи тоа СИРИЗА со Преспанскиот договор! Токму на тој начин на Македонија педантно и систематски, со помош и поддршка на Европа и цела меѓународна заедница, ние од СИРИЗА, во име на Грција, го одзедовме сето она што со векови си го баравме – ја толкуваат нашите соговорници скриената порака од соопштението на СИРИЗА, упатено до јавноста.
Соговорниците заклучуваат дека, сепак, капацитетите на Грција, знаењата и дипломатските вештини за постигнување на целите се далеку понапред и за тоа треба да им се признае. П.Р.
Турски „Хуриет дејли њуз“: Скандирањата на грчките војници се дрски и неприфатливи
Турскиот весник „Хуриет дејли њуз“ објави завчера дека Турција официјално побарала на 25 март објаснување од Грција во врска со скандирањата на некои грчки воени лица за време на воената парада во Атина, по повод Денот на грчката независност.
– Турските функционери ги опишаа слоганите како „дрски“. Изворите посочија дека инцидентот се смета за неприфатлив обид за поткопување на односите меѓу двете нации – напиша „Хуриет дејли њуз“.
Според овој весник, грчките медиуми известиле дека грчкото Министерство за одбрана дејствувало брзо.
– Командата на грчките поморски сили започна дисциплинска истрага за случајот. На снимката се прикажани припадници на грчките вооружени сили додека упатуваат навреди кон Турција и кипарските Турци – истакнуваат тие. П.Р.
Атина сепак успеа со помош на ЕУ со Преспанскиот договор да им ја „одере идентитетската кожа“ на Македонците
За потсетување, слични жестоки провокации можеа да се чујат во некои од изминатите години на парадите по повод грчкиот национален празник одржувани во Атина. „Ќе направиме облека од кожата на Скопјаните“, ова беше дел од паролите, извикувана од грчките армиски специјалци на една од споменатите паради во изминатите години. Расистички и националистички слогани, покрај против Македонците, се упатувани и против Албанците и Турците. Соговорниците токму на оваа тема, со чувство на горчина во својот вербален исказ и инсистирајќи на буквален цитат, велат дека „на грчките војници не им успеало да им ја одерат кожата на Скопјаните“ и од неа „да си направат облека“, ама Атина, сепак, успеа со помош на Европската Унија, преку Преспанскиот договор да им ја „одере идентитетската кожа“ на Македонците и со неа да си сошие своја лажна „македонска рува“. Но, сепак, со доза патриотски оптимизам, соговорниците тврдат дека „се ближи времето кога работите ќе се вратат на своето место“. П.Р.