Фото: Приватна архива

Анета Трајкова за време на своето истражување во Франција пронајде два гена, клучни регулатори на процесот на клеточно репрограмирање, претворање на телесните клетки во матични клетки, чија функција е ветувачка за развој на терапии во доменот на регенеративната медицина. Поразбирливо кажано, нашата сонародничка во своето истражувачко работење го изучуваше процесот на т.н. клеточно репрограмирање. На пример кога еден ембрион се формира, тој се состои од неколку клетки, кои се наречени матични клетки и кои се делат и имаат капацитет да се диференцираат во која било клетка од организмот на возрасен човек со специфична и поединечна улога, како на пример клетка на кожа, на око, на срце и така натаму. Клеточното репрограмирање всушност е модифицирање на една специјализирана клетка, на пример клетка на кожа, за да се врати во својата провобитна состојба – матична клетка, и повторно да има потенцијал да стане која било друга клетка во организмот…

Во сржта на новите откритија од доменот на биологијата и медицината

Македонката Анета Трајкова од Неготино го одбрани докторатот со наслов „Студија за регулатори и молекуларни патишта на конверзија на клеточна состојба“ во ноември 2024 година во Лион, пред шестчлено интернационално жири, и предизвика голем интерес во научниот свет од овој домен. До неодамна беше ангажирана и изготви постдокторат во истата област и со истиот тим во Лион, каде што паралелно работеше на објавата на својата последна публикација. Моментално разгледува понуди за работа во Европа во истражувачкиот дел, но истовремено и аплицирана медицина каде што би можела да биде во близок контакт со пациентите за да ги види директните бенефиции кај пациентите од различните терапии во областа на генетиката, што претставува нејзин сон од почетокот на студиите во Франција. Македонија отсекогаш била и ќе биде во нејзиното срце. Не би имало подобра сатисфакција за неа од можноста да ги пренесе стекнатите знаења во нашата држава и да придонесе во македонската истражувачка дејност.
Во своето образование Анета вложи цели пет години за да може да го стекне целото знаење што ѝ беше потребно за овој докторат. Таа ја започнува својата приказна истакнувајќи ја големата љубов кон природните науки.
– Не сакав да избирам точно една наука, па барав моите понатамошни студии да бидат еден сплет од биологија, математика, физика и информатика. Таква насока наречена Животни науки постоеше во Франција. Учев во француската паралелка во неготинската гимназија и ги поседував сите елементи за да ја изучувам оваа насока, која пред 10 години не постоеше во Македонија. Потоа дипломски студии започнав на Универзитетот „Монпелје II“ каде што во последната година од студиите имав посебни афинитети за молекуларна и клеточна биологија и наедно тоа беше насоката на која ги специјализирав дипломските студии. Дипломирав во Монпелје со највисок просек во генерацијата. Потоа за магистерските студии на Молекуларна и клеточна биологија се запишав во Лион, на една од најдобрите и најселективни насоки на универзитетите наречена Генетика и патологии на клетката. Магистерските студии на Универзитетот „Клод Бернар I“ ги завршив како студент на генерацијата – вели Анета Трајкова.

Анета Трајкова

Поради желбата со својот труд да придонесе во општеството во доменот на медицината, со иновации во науката, особено во областа на генетиката и регенеративната медицина каде што истовремено ќе работи со потенцијални терапии што ќе имаат директно влијание кај пациентите, Анета Трајкова се определува да го направи тоа преку истражувачка дејност и се определува за докторски студии.
– Во Франција докторатот се презентира како договор за работа за време на кој извршувате истражувачка дејност во лабораторија на научен институт, каде што правите експерименти, обработка на податоци и презентирање на истите тие. Затоа, се натпреварував на државните конкурси во Лион за финансии, кои би ја поддржале мојата истражувачка дејност за четирите години од докторатот. Успеав да бидам лауреат на два конкурса од локалните во Лион и државните поддржани од фондацијата за медицинско истражување (Fondation de recherche medicale – FRM). Она што е значајно да го истакнам е дека имав можност да работам во еден од најмоќните истражувачки институти за борба против рак во Франција, ЦРЦЛ („Cancer Research Center of Lyon“), во состав на болницата за лекување рак „Леон Берар“.
Конкретно работев на тематика за регенеративна медицина и онкогенеза во тимот на Фабрис Лавиал, реномиран научник во оваа област и наедно лауреат на наградата од областа на науката „Импулсајнс“. За време на моето истражувачко работење го изучував процесот на клеточно репрограмирање, на пример кога еден ембрион се формира, тој се состои од неколку клетки, кои се наречени матични клетки и кои се делат и имаат капацитет да се диференцираат во која било клетка од организмот на возрасен човек со специфична и поединечна улога, како на пример, клетка на кожа, на око, на срце и така натаму. Клеточното репрограмирање всушност е модифицирање на една специјализирана клетка, на пример клетка на кожа, за да се врати во својата провобитна состојба – матична клетка, и повторно да има потенцијал да стане која било друга клетка од организмот.
Овој процес е исклучително важен во доменот на регенеративната медицина каде што еден орган е оштетен и околните клетки не можат да ја надоместат загубата и нивната функционалност (невродегенеративни болести, инфаркт, повреди), така што новодобиените матични клетки добиени од репрограмирање на клетки од кој било друг достапен орган (кожа, крв) можат да придонесат за регенерација на оштетениот орган – објаснува Анета.

Според зборовите на Анета, процесот на клеточно репрограмирање сѐ уште е долг и неефикасен и има потреба од длабинско познавање за да биде имплементиран во терапии без несакани дејства.
– Едно од тие несакани дејства може да биде и канцерогенезата, односно девијација на овие клетки доколку процесот не е ригорозно спроведен. Затоа моја задача беше да ги изучам процесите на клеточно репрограмирање и канцерогенеза, да ги утврдам заедничките, а наедно и поединечните гени потребни за нивна регулација. На тој начин би нашле сигурни начини да го подобриме клеточното репрограмирање без индукција на рак на клетките, но истовремено би нашле и регулатори на формирањето рак, кои би можеле да бидат цел за терапии. Јас за првпат ги карактеризирав заедничките процеси што се случуваат во клетките за време на двата процеса и идентификував два гена што ги регулираат истите тие. Потоа ги изучував сите цели на овие гени и ги пронајдов „жешките точки“ каде што би можеле да дејствуваме на нив.
За време на мојата четиригодишна истражувачка дејност бев коавтор на две публикации во „Нејчр сел бајолоџи“ и „Трендс ин сел бајолоџи“. Во изготвување е и последната публикација на која сум прв автор и која би требало да биде објавена годинава. За време на мојот докторат исто така предавав на универзитетот „Клод Берар Лион I“, држев вежби за студентите на дипломски студии и обучував студенти за работа во лабораторија. Исто така би го издвоила моето присуство на интернационалниот конгрес како „Колд спринг харбор“ во Лонг Ајленд Њујорк и „Интернешнл сосајти фор стем рисрч“ во Хамбург – Германија – вели таа.
На прашањето колку беше тежок патот до остварувањето на овие значајни научни успеси на кои најмногу е гордо нејзиното семејство и еднакво Кавадарци и Неготино, бидејќи нејзината мајка е кавадарчанка, а татко ѝ е неготинчанец таа ни одговори:
„Докторатот е еден од потешките моменти во животот на еден научник. Бара голема истрајност и упорност. Бара да можеш да се соочиш со неуспех на експериментите во поголемиот дел од времето и да бараш кој дел од многуетапниот процес може да се оптимизира за подобар одговор на нашите научнички прашања. Но во спротивно, нѐ учи да се радуваме на секое мало откритие. Деновите се долги бидејќи работиме со жива материја и матични клетки, кои се бесценети, па се работи непрекинато и за време на викендите. На крајот целиот труд, кој понекогаш е компетитивен со други лаборатории и за кој временските рамки се пократки, треба да биде на ниво на научничките списанија што се задолжени за дифузија на истиот тој. Па сепак докторат е една етапа од кариерата што му дозволува на еден млад научник да биде одговорен за проектот од почетокот до крајот, од концептот до пласирањето резултати. Исто така е и човечка авантура за време на која соработуваме со нашиот одговорен, но и со преостанатиот тим, имаме можност да разменуваме искуство со многу реномирани научници и сме во сржта на новите откритија во доменот на биологијата и медицината“.