Првата конкретната активност на Собранието по завршувањето на колективниот одмор на пратениците е продолжението на седницата на собраниската комисија за избори и именувања за изборот на уставните судии. Како што најави претседателот на Собранието, Талат Џафери, по координативната средба со потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски, координаторите на пратеничките групи СДСМ, ДУИ и Алијанса за Албанците, претставниците на Алтернатива и Беса и претставникот од Владата, Бојан Маричиќ, изборот на тројца нови уставни судии вчера повторно се врати на дневен ред во парламентот.
Од деветтемина кандидати (три како предлог на владејачкото мнозинство и шест од опозицијата), оваа собраниска комисија треба да утврди три предлози, кои потоа ќе треба да бидат изгласани и на пленарна седница. Досега расправата заврши само за двајца кандидати: апелацискиот судија Фатмир Скендер, кој е предлог на власта и доби мнозинство гласови „за“ во комисијата, и професорката Родна Живковска, која е предлог на ВМРО-ДПМНЕ и која не ја доби поддршката од собраниското тело.
На вчерашната седница, комисијата расправаше по биографијата на кандидатката Татјана Васиќ Бозаџиева, третата од вкупно деветте кандидати.
На дебатата учествуваа главно пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, кои имаат забелешки и сметаат дека таа како предлог од мнозинството ќе биде послушник на власта и ќе работи по нејзин диктат.
Пратеникот Панчо Минов, кој е дел од парламентарното мнозинство, во реплика на еден од говорниците од ВМРО-ДПМНЕ побара од опозицијата да не ги омаловажува кандидатите за судии туку да се фокусира на изборот на уставни судии за Уставниот суд да профункционира во полн капацитет.
Уставниот суд повеќе од една година работи во нецелосен состав. Од предвидените девет члена, на четворица им е истечен мандатот.