Во вчерашниот број ги издвоивме тезите на високиот интелектуалец Борис Малагурски, кој во своето ново излагање детално се осврна на американскиот долар, го опиша развојот на таа валута до светски доминантно ниво, но укажа и на промените што во последните години, а особено во последните месеци се случуваат на глобално ниво, но кои недвосмислено упатуваат на процесот на дедоларизација и губење на приматот на американскиот долар во светската трговска размена. Во пресрет на самитот на БРИКС (неделава, на 6 и 7 јули), денес се осврнуваме кон процесот на операционализација на некои влијателни држави, но и сојузи во врска со воспоставувањето нова резервна валута. Во наредниот период ќе ги следиме експертските анализи од повеќе светски медиуми и ќе ги презентираме за да се добие поцелосна слика за ова актуелно прашање
Како ќе изгледа светот кога американскиот долар ќе ја загуби доминацијата во светот? (2)
Групата БРИКС, првично составена од Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка (сега проширена со Египет, Етиопија, Индонезија, Иран и Обединетите Арапски Емирати), сепак продолжи да ги проширува и продлабочува размислувањата и ставовите во врска со воспоставувањето нова резервна валута, поддржана од нивните национални валути.
Рускиот претседател предничеше, но во последно време како да ретерира од проектот за новата валута на БРИКС
Во постојниот меѓународен финансиски систем, околу 90 проценти од целата трговија со валути се одвива со американскиот долар. И до неодамна речиси 100 проценти од трговијата со нафта се одвиваше во американски долари, но во 2023 година, според извештаите, една петтина од трговијата со нафта се спроведувала со употреба на други валути. А доколку земјите од БРИКС воспостават нова резервна валута, тоа веројатно ќе има уште позначително влијание врз американскиот долар, што потенцијално би довело до пад на побарувачката или она што е познато како дедоларизација, што би имало импликации за американската и глобалната економија.
За потсетување, на самитот на БРИКС во 2024 година рускиот претседател на бината, при неговиот говор, покажа нешто што изгледаше како прототип на можна банкнота на БРИКС. Но мора да се потенцира дека оттогаш досега, со значителната динамика на меѓународните односи, рускиот претседател, според аналитичарите, „некако како да се повлече од претходните агресивни повици за дедоларизација, наведувајќи дека целта на земјите членки на БРИКС не е да се оддалечат од платформата СВИФТ, доминирана од американскиот долар, туку да спречат ’оружување’ на американскиот долар преку развивање алтернативни системи за користење на локалните валути во финансиските трансакции меѓу земјите на БРИКС и трговските партнери“.
Зошто членките на БРИКС сакаат нова алтернативна валута за светската трговија?
Земјите од БРИКС имаат различни причини да воспостават нова валута, вклучувајќи ги неодамнешните глобални финансиски предизвици и агресивната надворешна политика на САД. Тие сакаат подобро да ги задоволат своите економски интереси, а наедно да ја намалат глобалната зависност од американскиот долар и од еврото. Новата валута би можела да има неколку придобивки за земјите од БРИКС, вклучувајќи поефикасни прекугранични трансакции и зголемена финансиска вклученост. Со користење блокчејн-технологија, дигитални валути и „паметни договори“, валутата би можела да го револуционизира глобалниот финансиски систем. Благодарение на прекуграничните плаќања, тоа би можело да ги промовира и трговијата и економската интеграција меѓу земјите од БРИКС и пошироко. Новата валута на БРИКС исто така: би ја зајакнала економската интеграција во рамките на земјите од БРИКС; би го намалила влијанието на САД на глобалната сцена; би го ослабнала угледот на американскиот долар како глобална резервна валута; би ги охрабрила другите земји да формираат сојузи за развој на регионални валути; би ги ублажила ризиците поврзани со глобалната нестабилност поради едностраните мерки и намалената зависност од доларот.
Земјите на БРИКС сè уште немаат своја специфична дигитална валута, но во развој е систем за плаќање базиран на блокчејн на БРИКС. Познат како платформа за плаќање со повеќе партии, т.н. мост БРИКС би ги поврзал финансиските системи на земјите членки за порамнувања во дигитални валути на централните банки. Планираниот систем би послужил како алтернатива на сегашната меѓународна платформа за прекугранични плаќања – СВИФТ, во која доминира доларот.
Создавањето независен систем за плаќање на БРИКС е важна цел за иднината, базиран на најсовремени алатки, како што се дигиталните технологии и блокчејн. Клучот е да се осигури дека е погодно за владите, обичните луѓе и бизнисите, како и дека е исплатливо и ослободено од политика.
Проектот „мБриџ“: Соработка меѓу Институтот за дигитални валути на Народната банка на Кина, Централната банка на ОАЕ, Монетарната управа на Хонгконг и Банката на Тајланд
Друг дигитален систем за прекугранично плаќање што е алтернатива на доларот е проектот „мБриџ“ (mBridge), кој се развива преку соработка помеѓу Монетарната управа на Хонгконг, Банката на Тајланд, Институтот за дигитални валути на Народната банка на Кина и Централната банка на ОАЕ. Саудиска Арабија исто така неодамна одлучи да се придружи на проектот. Дигиталните валути на централните банки со кои се тргува на платформата ќе бидат поддржани од злато и локални валути во земјите членки.
Некои финансиски аналитичари посочуваат дека токму „создавањето на еврото во 1999 година е доказ дека валутата на БРИКС е можна“! Сепак, тоа би барало години подготовка, формирање нова централна банка и договор меѓу земјите од блокот за постепено укинување на сопствените суверени валути. Најверојатно ќе му биде потребна и поддршката од Меѓународниот монетарен фонд за да биде успешен на меѓународно ниво. Кина има намера да ја зголеми моќта на јуанот на меѓународно ниво. Исто така, постојат големи економски разлики меѓу Кина и другите земји од БРИКС, кои не се мали пречки за надминување. Експертите нагласуваат дека рускиот претседател Путин претходно предложил за валутата на БРИКС „цврста актива како злато или нафта“, новата валута на БРИКС, според анализите, „веројатно би била поддржана од кошничка од валутите на блокот БРИКС“. Сепак, оваа кошничка потенцијално би можела да содржи и злато. Познатиот економски експерт Џим Рикардс зборуваше за тоа како би можела да функционира валута на БРИКС поддржана од злато. Тој посочи дека ако една единица од валутата на БРИКС вреди една унца злато, а цената на златото се зголеми на 3.000 долари за унца, единицата од валутата на БРИКС би вредела 3.000 американски долари, додека доларот би изгубил вредност. Сепак, важно е да се напомене дека тој не го гледа ова како нов златен стандард или крај на американскиот долар или еврото.
Во пресрет на самитот на БРИКС, медиумите не регистрираат преземање значајни чекори кон валута на БРИКС
Во моментов нема сериозни планови за преземање значајни чекори кон валута на БРИКС. Сепак, мерките за намалување на зависноста од доларот се многу активни, а прекуграничните системи за плаќање, вклучувајќи го и истражувањето на блокчејн-технологијата, се актуелни теми на дискусија. Иако е неизвесно дали ќе се случи создавање на резервна валута на БРИКС, нејзиното појавување би имало значајни импликации за глобалната економија и потенцијално би ја предизвикало доминацијата на доларот како глобална резервна валута. Доколку блокот на крајот создаде една таква валута, ќе биде важно да се следи нејзиното влијание врз економиите на членовите на БРИКС и поширокиот глобален пазар. Р.С
Сепак, студијата на Центарот за геоекономија на Атлантскиот совет, објавена во јуни 2024 година, покажува дека доларот е далеку од тоа да биде симнат од тронот како примарна резервна валута во светот. Доларот продолжува да „доминира во девизните резерви, трговското фактурирање и валутните трансакции низ целиот свет, а неговата улога како примарна глобална резервна валута е обезбедена на краток и среден рок“
Доларот сѐ уште е далеку од тоа да биде симнат од тронот како примарна резервна валута во светот!
Американскиот долар со децении уживаше ненадминлива доминација како водечка резервна валута во светот. Според податоците од Федералните резерви на САД, помеѓу 1999 и 2019 година доларот се користел во 96 проценти од фактурирањето во меѓународната трговија во Америка, 74 проценти во Азиско-Пацифичкиот Регион и 79 проценти во остатокот од светот.
Според Атлантскиот совет, американскиот долар се користи во приближно 88 проценти од трансакциите со девизи и сочинува 59 проценти од сите девизни резерви што ги поседуваат централните банки. Поради својот статус како најшироко користена валута за конверзија и употреба како референтна вредност на девизниот пазар, речиси сите централни банки низ целиот свет држат долари. Покрај тоа, доларот се користи за трговија со нафта.
Иако уделот на доларот се намали како што еврото и јенот добија на популарност, доларот сè уште е најшироко користената резервна валута, по што следуваат еврото, јенот, фунтата и јуанот. Потенцијалното влијание на новата валута на БРИКС врз американскиот долар останува неизвесно, при што експертите дебатираат за нејзината способност да предизвика доминација на доларот. Сепак, доколку новата валута на БРИКС се стабилизира во однос на доларот, тоа би можело да ја ослабне моќта на американските санкции, што би довело до понатамошен пад на вредноста на доларот. Тоа би можело да предизвика и економска криза што би ги погодила американските домаќинства. Понатаму, таа нова валута би можела да го забрза трендот на дедоларизација.
Сепак, студијата на Центарот за геоекономија на Атлантскиот совет, објавена во јуни 2024 година, покажува дека доларот е далеку од тоа да биде симнат од тронот како примарна резервна валута во светот. Доларот продолжува да „доминира во девизните резерви, трговското фактурирање и валутните трансакции низ целиот свет, а неговата улога како примарна глобална резервна валута е обезбедена на краток и среден рок“. Р.С.
Златни резерви
Од третиот квартал од 2024 година, комбинираните златни резерви на централните банки на оригиналните земји на БРИКС плус Египет (единствената земја од петте нови членки што има златни резерви во централните банки) учествуваа со повеќе од 20 проценти од вкупното злато што го поседуваат глобалните централни банки.
Русија, Индија и Кина се меѓу првите десет земји во однос на резервите од злато на централните банки.
Русија контролира 2.335,8 тони од златото, што ја прави петта по големина во однос на резервите од злато на централната банка. Кина следува на шестото место со 2.264,3 тони злато, а Индија е на осмото место со 853,6 тони. Златните резерви на централните банки на Бразил и Јужна Африка се многу помали, односно 129,6 и 125,4 тони, соодветно. Златните резерви на новата членка на БРИКС, Египет, се мали, 126,8 тони. Р.С.