Од излегувањето на првиот весник во 1605 година, токму печатените медиуми (весниците) низ светот се оформија како важен и релијабилен извор на информации, анализи, истражувања, како и незаменлив водич во медиумската писменост. Но она што е најбитно е дека весниците нудат НЕИЗБРИШЛИВА ТРАГА на она што е испечатено, така што ниту најдобрите хакери не може да интервенираат во содржините на објавените текстови, на огласите и на рекламите што се објавуваат во весниците и со тоа да биде направен фалсификат на вистината.
Веќе испечатениот материјал, објавен во весникот, не може да биде изманипулиран (избришан, преправен, фалсификуван) по ниеден основ и затоа таканареченото ПРИНТ-издаваштво е она што треба да се негува и зачува како носител на историските вистини без кои и не може да се изгради вистинска иднина, ниту за граѓанинот како поединец ниту, пак, за нацијата или за државата
За важноста на печатените медиуми (весниците) како традиционални медиуми
Во 1987 година Жан-Пјер Кинц (историчар и универзитетски професор) во архивата на Стразбур пронајде барање на печатарот Јохан Каролус до градскиот совет од 21 декември 1605 година, за издавање весник во градот. Ова беше доказ дека весникот „Рилејшн алер фурнамен“ (Relation aller Fürnemmen und gedenckwüren Historien), печатен од Каролус, е најстариот весник во светот, нешто што беше потврдено од Светската асоцијација на весници со седиште во Франкфурт, Германија. Од излегувањето на првиот број на споменатиот весник до денес, весниците се оформија како витален извор за информации, обликувајќи го јавното мислење и документирајќи ја историјата. Денес весниците се соочуваат со повеќе тешкотии, како што е намалување на тиражот или конкуренција од дигитални медиуми. Меѓутоа неколку значајни истражувања потврдија дека весниците како печатен медиум остануваат неверојатно важни, дури и во дигиталната доба, особено поради одржување на новинарскиот интегритет и проверката на фактите, како и поради фактот дека тие се историски запис, односно весниците документираат настани и служат како вредна неизбришлива архива за идните генерации! Неколку реномирани истражувања исто така потврдија дека доколку весниците исчезнат, тоа може негативно да се одрази врз истражувачкото новинарство, а општеството ќе изгуби витален хроничар, со што идните генерации ќе бидат лишени од значајни информации за минатото. Со други зборови, весниците се насушна потреба затоа што тие го зачувуваат начинот на кој настаните биле перципирани во времето кога се случиле. Оттука подоцнежните генерации се потпираат на овие извештаи за да ги разберат минатите општествени ставови и реакции.
Зошто весниците се суштински важни во дигиталната доба?
Известувањето во весниците одигра огромна улога во обликувањето на јавната перцепција преку влијание врз тоа како луѓето ги разбираат и реагираат на настаните од околината. Академските истражувања потврдија дека начинот на кој весниците известуваат за настаните (преку насловите или акцентот) влијае врз тоа како луѓето ги толкуваат. На пример, за време на слетувањето на Месечината, весниците го врамија тоа како монументално достигнување, поттикнувајќи гордост и оптимизам за истражување на вселената. Неколку новинарски истражувања исто така потврдија дека весниците како традиционален медиум се стремат кон точност и се во спротивност со медиумската пристрасност или напливот на дигиталните дезинформации, кои влијаат на јавната перцепција на погрешни начини.
Весниците се суштински важни во дигиталната доба, во морето на онлајн содржини, весниците ги одржуваат новинарскиот интегритет и проверката на фактите, што ги прави доверлив извор на вести, нешто што е реткост во дигиталниот простор, како што велат нашите соговорници. Според нив, во споредба со брзите ажурирања на социјалните медиуми, весниците обезбедуваат темелни истражувања, анализи и експертски мислења, но и одличен водич за усвојување на медиумската писменост и широк спектар за едукација.
– Весниците фрлаат светлина врз настаните во заедницата, но го одржуваат и новинарскиот интегритет преку неколку практики. Истражувањата потврдија дека весниците ги проверуваат и верификуваат фактите, нешто што неколкупати се потврди во изминатиов период, кога некои медиуми објавија непотврдени информации. Од друга страна, неколку реномирани истражувања укажаа дека весниците во суштина имаат уредувачка независност, односно спречуваат надворешни влијанија, а кога ќе се случат грешки, реномираните весници објавуваат корекции транспарентно. Тие исто така опфаќаат различни перспективи, односно известуваат балансирано, со вклучување повеќе гледишта, со што се избегнува пристрасност. Една од значајните карактеристики на весниците е длабинското известување односно откривање важни информации, кои инаку би можеле да останат скриени – велат нашите соговорници.
Каква е сегашната состојба со весниците
Според нашите соговорници, денес весниците се соочуваат со одредени проблеми, како што е намалување на тиражот или конкуренција од дигитални медиуми. Оваа состојба се должи на фактот дека луѓето сѐ помалку купуваат весници, поради што весниците не можат да го одржат својот традиционален бизнис-модел.
– Од друга страна, преку социјалните медиуми, блоговите и онлајн изворите на вести, луѓето имаат моментален пристап до наслови и стории – велат нашите соговорници.
Оваа состојба се должи на промена на навиките, односно помладите генерации претпочитаат кратки вести и мултимедијално раскажување приказни, а не долги статии. Многу помлади генерации пораснаа со паметни телефони и социјални медиуми, што ги направи посклони да ги добиваат вестите преку кратки статии, видеа или објави наместо преку долги читања на весници.
– Граѓаните сега консумираат кратки и не секогаш проверени вести првенствено преку интернет или социјални медиуми. Со моментален пристап до најнови вести, привлечноста на чекањето весник се намали – велат нашите соговорници.
Според нашите соговорници, оваа состојба негативно се одразува врз новинарскиот интегритет бидејќи многубројните брзи и непроверени информации доведуваат до дезинформации и јавна конфузија, нешто што неколкупати се повтори во македонскиот медиумски простор, како што беше лажната информација за смртта на Илија Темелковски (ракометна легенда, селектор на македонската ракометна репрезентација) или првоаприлската шега за македонското вино во Франција, која беше пренесена како вистина.
– Во споредба со дигиталните медиуми, весниците не објавуваат пристрасни или неточни приказни. Тие имаат интегритет и објавуваат информации што служат за одредени интереси, истовремено весниците се трудат да известуваат точно, со што се избегнува непотребна паника кај пошироката јавност – велат нашите соговорници.
Весниците служат како примарни извори за историски настани
Од излегувањето на првиот весник во 1605 година, токму весниците низ светот се оформија како важен и релијабилен извор на информации, анализи, истражувања, како и незаменлив водич во медиумската писменост. Но она што е најбитно е дека весниците нудат НЕИЗБРИШЛИВА ТРАГА на она што е испечатено, така што ниту најдобрите хакери не може да интервенираат во содржините на објавените текстови, на огласите и на рекламите што се објавуваат во весниците и со тоа да биде направен фалсификат на вистината.
Веќе испечатениот материјал, објавен во весникот, не може да биде изманипулиран (избришан, преправен, фалсификуван) по ниеден основ и затоа таканареченото ПРИНТ-издаваштво е она што треба да се негува и зачува како носител на историските вистини, без кои и не може да се изгради вистинска иднина, ниту за граѓанинот како поединец ниту, пак, за нацијата или за државата.
– Не случајно весниците се чуваат во библиотеките, бидејќи служат како вредни записи за историјата, културата и тековните настани. Тие даваат информации од прва рака за значајни моменти, увид во општествените промени и перспективи за различни прашања со текот на времето – велат нашите соговорници.
Библиотеките ги чуваат за да можат истражувачите, студентите и пошироката јавност да пристапат до минатите вести, да ги проучуваат трендовите и да ја анализираат еволуцијата на новинарството и јавниот дискурс. Доколку дојде до дигитална доминација, односно доколку онлајн вестите станат доминантни, а веб-страниците и платформите за стриминг се оформат како примарни извори на информации, тогаш тоа негативно ќе се одрази за идните генерации, бидејќи онлајн изданијата не се сигурен извор за истражување на идните генерации. Дури и огласите или рекламите што еднаш ќе се испечатат во весниците не можат да се менуваат како што веќе има случаи да се прави на одредени веб-страници, што придонесува за забуни, па и за измами и исмевања на огласувачите и рекламерите.
– Честопати се случува одредена информација од веб-страниците да исчезне, најчесто поради одредени тешкотии во одржувањето на сајтовите, или да се фалсификува, а понекогаш поради недостиг за складирање на содржините, кои се условени од финансиски трошоци, одредена информација целосно да ја снема. Оттука порталите или веб-страниците немаат неограничени ресурси за зачувување на содржините, нешто што е сосема инфериорно во споредба со весниците, кои се чуваат во архивите и библиотеките. Со други зборови, весниците се незаменливи бидејќи се стабилен извор за информации на идните генерации – велат нашите соговорници.