Фото: „Нова Македонија“

Хајрулахи поднесе кривична пријава против Коцевски со аргументи за тотално незаконска постапка водена против него

„Од страна на обвинителката Татјана Кацарова ниту една одредба од членот 70 од ЗКП не е применета со тоа што од нејзина страна не сум навреме и детално информиран за што се товарам, за кое кривично дело и кои се доказите против мене, ниту пак ми обезбедила присуство кога ги испитувала сведоците против мене“, обелоденува Мустафа Хајрулахи

ВИШИОТ ОБВИНИТЕЛ ГО ВРАЌА УДАРОТ: ЌЕ СЕ НАЈДЕ ЛИ ЈУНАК ШТО ЌЕ ГО ОТВОРИ „ЗАТВОРЕНИОТ КРУГ“ ВО ЈАВНОТО ОБВИНИТЕЛСТВО (4)

Што се случувало во „бастионот“ наречен Обвинителство? Многу работи до неодамна беа тајна, иако во јавноста се изнесуваа информации дека таа „независна власт“ е длабоко зафатена со вирусот на корупција, клиентелизам, семејни врски и извршување партиски нарачки. Во моментов зад тие ѕидини се одвива пресметка на високо ниво, а јавноста се надева дека ќе победат оние сили што сакаат правдата да биде владетелка. Неодамна нашиот весник објави ексклузивно интервју со вишиот обвинител Јован Цветановски, кој обелодени дека е суспендиран од претседателот на Републичкото јавно обвинителство, Љупчо Коцевски, затоа што одбил да смени одлука поврзана со незаконските бонуси на обвинители во специјалното јавно обвинителство, популарно наречено „обвинителството на Катица Јанева“. Според Цветановски, штетата врз буџетот поради тие бонуси е над четири милиони евра. Шефот на Скопското јавно обвинителство, Мустафа Хајрулахи, ја потврди јавно таа информација, но и тој е суспендиран и против него се води казнена постапка за наводно малтретирање соработници?!
„Нова Македонија“ преку Хајрулахи влезе во лавиринтите на тој бастион. Имавме можност и да ја видиме поднесената кривична пријава против Коцевски, но и други лица од Обвинителството. Хајрулахи тврди дека Коцевски служејќи се со непримерни методи лично го дискредитира сакајќи да го отстрани за да реализира „наредби што му се дадени“.
Конфликтот хронолошки почнува ланската година, но кулминира кога на 31.10.2024 година Коцевски до ОЈО Штип поднесува наводна кривична пријава против него за кривично дело „малтретирање во вршење служба по чл. 143 од КЗ“.
– Подносители на пријавата се Ружица Слезенковска, вработена во ОЈО Скопје, Валентина Калениковска, вработена во ВЈО Скопје како дактилографка, Руже Јосифовска, вработена во ВЈО Скопје, Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, и Жаклина Никодиновска, вработена како дактилографка. Сведок предложен од пријавителите е Фатиме Фетаи.
Јавниот обвинител Коцевски, врз основа на нивниот писмен допис доставен до Јавното обвинителство на Република Северна Македонија уште во јули 2024 година, на 31.10.2024 година, дента кога јас како виш јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Скопје обелоденив пред медиумите дека преку неговата ќерка Марија изнесува информации од извршениот надзор над работата на ВЈО Скопје до одреден медиум, истиот ден писменото известување од „малтретираните“ го претвори во кривична пријава и истата таа ја достави во ОЈО Штип кај Татјана Кацарова. Нејзе ѝ ветува дека ќе ѝ заврши работа за во Академијата за судии и обвинители. За што конкретно се однесувало ветувањето дополнително ќе ја запознаам јавноста. Предметот се доставува под РО бр. 384/24 на 31.10.2024 година, на надлежно постапување се доставува до ОЈО Штип, при што на 5.11.2024 година во ОЈО Штип е оформен предмет КО бр. 452/24, кој го водела јавната обвинителка Татјана Кацарова како основен јавен обвинител на ОЈО Штип. Вредната обвинителка од ОЈО Штип, Кацарова доставува известување до републичкото Јавно обвинителство дека по спроведените истражни дејства во Јавното обвинителство, на 5.11.2024 година е донесена Наредба за спроведување истражна постапка против мене за кривично дело „малтретирање во вршење служба од чл.143 в.в. со чл.45 од КЗ“.

Дали се знае кои истражни дејства ги презела Татјана Кацарова за да има основано сомневање дека сте можен сторител на кривичното дело кое, како што рековте, е наведено во Наредбата за спроведување истражна постапка? Дали ги зела предвид одредбите од чл. 39 од ЗКП, каде што е наведено дека обврска на јавниот обвинител е „да пронаоѓа, предлага и да обезбедува докази, под услови и на начин определени со овој закон,,?

– Во конкретниот случај, со самото донесување на Наредбата за спроведување истражна постапка, јавниот обвинител немал никакви докази, туку имал само кривична пријава непоткрепена со ниту еден материјален доказ. Врз основа на ваква јалова наредба за спроведување истражна постапка, Љупчо Коцевски на 11.11.2024 година донесе одлука со која, поради постоењето на предметната истражна постапка, ме оддалечува од вршењето на функцијата јавен обвинител сметано од 11.11.2024 година, 13.30 часот за времето, па сѐ додека трае кривичната постапка што се води пред ОЈО Штип. Од страна на предметната обвинителка Кацарова до почетокот на март 2025 година не се преземаат никакви истражни дејства по однос на донесената Наредба.

Логично би било да прашаме – дали е тоа тактика за да се добие во време?

– Тоа е, според мене, логичен заклучок. Причините се за да се одолжува постапката и што е можно подолго да трае оддалечувањето од вршењето на функцијата виш јавен обвинител, а за возврат да добие услуга за во Академијата за судии и обвинители. Во Законот за кривична постапка јасно е наведено како треба да постапува јавниот обвинител при водење на кривичната постапка. Во членот 275 од ЗКП, кој се однесува на рокот за одлучување по кривичната пријава, е наведено: (1) Ако јавниот обвинител во рок од три месеци од денот на приемот на кривичната пријава не одлучи по пријавата, должен е веднаш писмено да ги извести подносителот на кривичната пријава и повисокиот јавен обвинител. (2) Кон известувањето од ставот (1) на овој член до повисокиот јавен обвинител се изнесуваат и причините за неодлучување по кривичната пријава.
Се поставува прашањето дали јавната обвинителка Кацарова ги запазила одредбите од чл. 275 од Законот за кривична постапка, односно дали истата таа го известила непосредно повисокиот јавен обвинител, вишиот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Штип за горенаведените причини содржани во чл. 275 од ЗКП, како и подносителот на кривичната пријава Љупчо Коцевски, за причините за неодлучување по кривичната пријава. Во чл. 291 ст. 1 од ЗКП јасно е наведено дека: 1. Истражната постапка се пoведува против определено лице кога постои основано сомневање дека сторило кривично дело за кое се гони по службена должност или по предлог. Дали Кацарова воопшто ја разбира одредбата од горенаведениот член дека против определено лице се поведува истражна постапка кога постои основано сомневање дека сторило кривично дело или ветувањето за во Академија ја заслепило. Поднесувањето празна, јалова кривична пријава од претходно инструирани подносители без никаква материјална поткрепа не е основано сомневање.

Можете ли да ни кажете што се случувало по приемот на кривичната пријава?

– Кацарова, по приемот на кривичната пријава, имала само најнизок степен на сомневање, без никакви докази врз основа на кои би можело да се донесе разумен заклучок за евентуално сторено кривично дело. Друг битен факт на кој требало да внимава се наводите од кривичната пријава, кои опфаќаат период од 2020 година до декември 2024 година, што значи дека нема точно утврдено време на сторување на кривичното дело, туку е опфатен период од четири години. За да се утврди точното време на сторување на кривичното дело, Кацарова требало да преземе истражни дејства предвидени во одредбите од Законот за кривична постапка. Во Кривичниот законик, пред измените во февруари 2023 година во чл. 143 е наведено дека „ тој што во вршењето на службата малтретира друг, го застрашува, го навредува или воопшто спрема него постапува на начин со кој се понижува човечкото достоинство и човековата личност, ќе се казни со затвор од една до пет години“. Со измените во Кривичниот законик, во 2023 година, членот 143 гласи „службено лице што во вршење на службата или кое било друго лице што постапува во службено својство, како и лице поттикнато од службено лице или со негова изрична или премолчена согласност, неовластено употребува сила, се заканува или врши физичко или психичко насилство за да му нанесе на друго лице физичка или душевна болка или страдање што претставува сурово, нечовечко или понижувачко постапување или казнување, ќе се казни со затвор од три до осум години“. Задолжителното применување на поблаг кривичен закон за сторителот на кривично дело во случај кога по извршување на кривичното дело е изменет законот еднаш или повеќепати е наведено во членот 3 од Кривичниот законик и тој гласи: (1) Врз сторителот на кривично дело се применува законот што важел во времето на извршувањето на кривичното дело. (2) Ако по извршувањето на кривичното дело е изменет законот, еднаш или повеќепати, ќе се примени законот што е поблаг за сторителот.

Доаѓаме до уште еден клучен момент во постапката што е поведена против вас – дали е тоа испочитувано, земено предвид?

– Во конкретниот случај, јавната обвинителка Кацарова, намерно, за да ми наштети, а со тоа да удоволи на желбата на Коцевски, кој барал по секоја цена да има Наредба за спроведување истражна постапка и истата таа се користи како основ за мое оддалечување од вршењето на функцијата виш јавен обвинител, а за возврат на Кацарова да ѝ завршат голема работа за во Академија, таа ги применува построгите одредби од чл. 143 од Кривичниот законик, што е во спротивност со чл. 3 од Кривичниот законик, да се примени поблагиот закон за сторителот. На 5.11.2024 година Кацарова донесува Наредба за спроведување истражна постапка против мене, до март 2025 година, иако јас во неколку наврати преку мојот бранител поднесов писмени барања до ОЈО Штип за да се изврши увид во кривичната пријава, како и другите права што се предвидени во членот 70 од Законот за кривична постапка. Во чл. 70 од ЗКП, меѓу другото, е наведено дека секој обвинет ги има следните права: … да биде навремено и детално информиран, на јазикот што го разбира, за делата за кои се товари и за доказите против него да има доволно време и можност за подготвување на својата одбрана, а особено да има увид во списите и да биде запознаен со доказите против него и во негова корист да има можност да се изјасни за фактите и доказите што го товарат и да ги изнесе сите факти и докази што му одат во прилог самиот или преку бранител да ги испита сведоците против него, како и да му се обезбеди присуство и испитување на сведоците во негова корист под исти услови, како и сведоците против него. Од страна на Кацарова ниту една одредба од членот 70 од ЗКП не е применета со тоа што од нејзина страна не сум навреме и детално информиран за што се товарам, за кое кривично дело и кои се доказите против мене, ниту пак ми обезбедила присуство кога ги испитувала сведоците против мене. Јавната обвинителка Татјана Кацарова, која постапува по кривичниот предмет на ОЈО Штип КО бр. 452/24, намерно, при водењето на истражната постапка врз основа на кривичната пријава поднесена против мене, иако во истата таа е опфатен периодот од 2020 година до 2024 година, иако сите пријавени како јавни обвинители биле должни да знаат дека до февруари 2023 година запретената казна за кривично дело „малтретирање во вршење служба од чл. 143“ била поблага казна и за ова кривично дело не било предвидено донесување наредба за истрага и дека заострената казнена политика за кривичното дело „малтретирање во вршење служба по чл. 143“ од Кривичниот законик било од февруари 2023 година, со што потешко ги повредиле правата на вишиот јавен обвинител на ВЈО Скопје непречено да ја извршува функцијата на јавното обвинителство како виш јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Скопје во согласност со членот 23 ст. 2 од Законот за јавно обвинителство, Флагрантното кршење на одредбите од Законот за кривична постапка и Кривичниот законик е основ за кривична одговорност на јавниот обвинител Љупчо Коцевски и Татјана Кацарова.

(Н.М)


Кривична пријава за Коцевски и за уште три лица

Сметајќи дека му се нарушени правата, дека не се почитуваат постапките, дека има злоупотреба на службена положба, дека не се почитуваат законските одредби ниту, пак, е објаснето делото за кое го товарат, вишиот обвинител Мустафа Хајрулахи поднесе кривична пријава до ОЈО за гонење организиран криминал и корупција, до Советот на обвинители до ОЈО Штип, а за кривичната пријава е информирано и македонското собрание.
Кривичната пријава е поднесена врз основа на чл. 274 од Законот за кривична постапка против: Љупчо Коцевски, јавен обвинител на Република Северна Македонија, Татјана Кацарова, основна јавна обвинителка на Основното јавно обвинителство Штип, Ристо Бојаџиски, виш јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Штип, и Ермон Незири, член на Советот на јавни обвинители на РС Македонија.