Фото: Маја Јаневска-Илиева

Загадувањето е комплексно прашање што не може да се реши со една мерка, туку со повеќе мерки. Со комплексот мерки што ги преземаме, полека но сигурно ќе влијаеме да има почист воздух и почиста животна средина, порача денеска првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити. Тој како позитивен пример го оцени последниот проект на Владата за доделување средства на општините за реализација на капитални проекти, зашто, како што рече, 40 отсто од нив се за еколошки проекти и за подземна инфраструктура, со што индиректно се помагаат за почист воздух.
– Работиме интензивно на намалување на загадувањето, кое е проблем. Точно е дека долго време Скопје и некои други градови во Македонија се високозагадени, особено урбаните средини, но точно е и дека во последните години се намалуваат деновите во кои воздухот е најзагаден. Има и други мерки од министерството и од Владата. Деновиве во функција ќе бидат ставени и средствата од ЕИБ во износ од 50 милиони евра за подземна инфраструктура во сите општини, кои досега не беа искористени – кажа Меџити во одговор на прашање при вчерашната посета на депонијата „Дрисла“ во Скопје.
Според анализите, во повеќе градови, како што истакна, главен фактор за загадување на животната средни се домаќинствата што се греат со огревни дрва или со несоодветни горива.
– Тука се и големите загадувачи, но со нив работиме интензивно за поставување филтри и да преземат соодветни мерки. Но не требаат само краткорочни, туку и долгорочни проекти. Еден од нив може да биде и проектот за гасификација на урбаните средини, кој може да го реши проблемот не само на домаќинствата туку и на индустријата, но и на јавните институции од кои добар дел се греат на мазут и на средства што се загадувачи – рече Меџити. Н.М.