Последните настани и поднесените кривични пријави за корупција, како и предметите што се во процес на евалуација околу утврдувањето евентуални коруптивни дејства, сигнализираат дека се формира здрава политичка волја за пресметка со корупцијата. Засега, препознатлив е начинот на кој му се пристапува на овој општествено вкоренет проблем: од врвот на пирамидата, па надолу. Во таквата намера безрезервна поддршка дава и македонскиот стратегиски партнер САД, чии тимови будно ги следат сите потенцијални коруптивни активности во земјава
Најголемиот предизвик со кој Македонија треба да се соочи во периодот што претстои е бескомпромисна и неселективна борба со корупцијата како најголемото зло што ги поткопува одвнатре македонското општество и институциите на државата, спречувајќи земјата да направи сериозен исчекор во подобрување на внатрешните состојби.
Впрочем, и сите досегашни извештаи на Европската комисија за напредокот на државата ја нотираат потребата од ефикасно справување со корупцијата и нејзино сведување во некакви симболични рамки, што е одлика на развиените европски земји, но и клучен услов за зачленување во европското семејство.
Последните настани и поднесените кривични пријави за корупција, како и предметите што се во процес на евалуација околу утврдувањето евентуални коруптивни дејства, сигнализираат дека новата македонска влада е решена да се пресмета со корупцијата почнувајќи од врвот на пирамидата, па надолу.
Во таквата намера безрезервна поддршка дава и македонскиот стратегиски партнер САД, чии тимови будно ги следат сите потенцијални коруптивни активности во земјава, а постојаното ажурирање нови лица на американската црна листа го потврдува фактот дека официјален Вашингтон работи деноноќно со македонските институции во насока на неутрализирање на корупцијата, која во последните години се шири со галопирачко темпо.
Секако, најголемо внимание деновиве привлече означувањето на поранешниот прв вицепремиер и висок функционер на ДУИ, Артан Груби, на американската црна листа поради „вмешаност во значителна корупција преку примање мито за поткопување на судските процеси поврзани со кривичната пресуда на Сашо Мијалков, поранешен директор на Управата за безбедност и контраразузнавање“, кој исто така од претходно е под американски санкции. Набрзо потоа следуваше и поведување обвинителен акт од страна на Јавното обвинителство за нелегални активности поврзани со „Државна лотарија“. Груби е осомничен во истрагата за набавката на ВЛТ-апаратите во „Државна лотарија“. По него, како и по поранешниот директор на „Лотарија“, Перпарим Бајрами, на 18 декември беше распишана и меѓународна потерница откако беше утврдено дека тие не се достапни за органите на прогонот во земјава.
Во случајот со „Државна лотарија“, Груби и Бајрами се осомничени како соизвршители на делото проневера во службата, додека уште четири други лица како членови на комисијата за јавни набавки се гонат за злоупотреба на службената положба и овластувања.
Груби тогаш се огласи преку социјалните мрежи велејќи дека е „чист како солза“ и дека ќе се повлече од јавниот живот за да не биде ничиј политички товар. Во меѓувреме се појавија информации дека тој не е во државата и дека се наоѓа во бегство, по што тој уште еднаш се огласи преку социјалните мрежи со најава дека приватно е на Косово и дека штом ги заврши обврските ќе се врати во Скопје. Но тоа не се случи, така што уште повеќе се продлабочија сомнежите околу неговата улога во сомнителните зделки.
Во рамките на борбата со корупцијата, во изминатиот период актуелен беше и случајот со поранешниот директор на РЕК Битола, ТЕЦ Осломеј и ТЕЦ Неготино, Васко Ковачевски, кој веќе подолг период не е во земјава и исто така е недостапен за органите на прогонот.
Ексдиректорот на ЕСМ Васко Ковачевски е осомничен во случајот за злоупотреба со местење тендери, при што ја оштетил државата за 6,5 милиони евра. Обвинителството против Ковачевски води две постапки, едната како директор на ЕСМ, а другата за злоупотреба во време додека бил прв човек на термоцентралата во Битола.
Од борбата со корупцијата не беа поштедени ниту судиите и обвинителите, па во август годинава обвинителството склучи спогодба со врховниот судија Наќе Георгиев, кој беше осомничен дека сторил кривично дело примање награда за противзаконско влијание. Георгиев со спогодбата прифатил да му биде изречена казна затвор од три години и забрана за вршење професија.
Истражната постапка против врховниот судија Георгиев и членот на Советот на јавни обвинители Иџет Мемети беше отворена во мај, откако беше објавено дека барале пари, а за возврат ветувале дека можат да му ја олеснат положбата на поранешниот градоначалник на Ново Село, Боро Стојчев, кој е осомничен за шверц на дрога. Барањето поткуп го пријавил синот на Стојчев.
– Имајќи ја предвид запретената казна затвор од една до десет години за ова кривично дело, прифатил да му биде изречена казна затвор во траење од три години, како и забрана за вршење професија, дејност или должност на службено лице во период од три години – наведоа од Обвинителството за гонење на организиран криминал.
Од Јавното обвинителство уште соопштија дека не е отфрлена ниту кривичната пријава што МВР ја поднесе против експремиерот Димитар Ковачевски, како и против поранешниот генерален секретар на владата Методија Димовски. Јавното обвинителство во моментот ги проверува наводите во пријавата, притоа појаснувајќи дека пријавата против Ковачевски е во врска со друго дејство и во друг временски период.
За аналитичарите последните отворени големи случаи за коруптивни активности во земјава против високопрофилирани функционери говорат за тоа дека обвинителството повеќе нема простор да ги става во фиока ваквите случаи, особено откако американската амбасадорка во земјава отворено ги повика да постапуваат.
– Амбасадорката Агелер, по објавувањето на имињата на Груби и судијата Беџети на црната листа, отворено кажа дека ако тие успеале да соберат докази за корупција на оддалеченост од илјадници километри, тогаш сега е моментот кога македонските органи треба да постапуваат. Со други зборови, беше многу јасна и прецизна, дека Македонија повеќе нема време да ја одложува борбата со корупцијата и дека таа мора да почне веднаш и сега, без оглед дали истрагите водат до крупни политички фигури, поранешни или актуелни. Впрочем, и сегашната влада подолг период упатуваше повици до Јавното обвинителство да почне да постапува по многу случаи за кои имаше допрен глас дека има корупција и криминал, што е потврда дека оваа влада има намера да удри по корупцијата. И народот го бара тоа бидејќи му е смачено да гледа како функционерите се богатат врз грбот на граѓаните, а државата тоне сѐ подлабоко во сиромаштија – објаснуваат соговорниците.
Според нив, добро е што актуелните власти се насочија кон средување на состојбите дома, наместо целата енергија да биде насочена кон блокираните евроинтеграции.
– Додека се бара решение за бугарската блокада, добро е да почнат да се средуваат работите дома. Борбата со корупцијата и владеењето на правото се клучни. Ако властите успеат во таквите намери, тогаш и патот кон ЕУ ќе ни биде многу побрз бидејќи земјата ќе биде подготвена за членство во најбитните кластери. Како и да е, борбата со корупцијата мора да биде бескомпромисна, но пред сѐ неселективна, за да се исклучи моментот на политички реваншизам. Македонските институции започнаа со оваа битка и повеќе нема враќање, а основното мото што во иднина треба да го знае секој е дека корупцијата и криминалот повеќе во оваа земја не се исплатуваат – заклучуваат соговорниците.
Сѐ погласно се зборува за корупција во главните европски институции, во Европската комисија, во Советот на ЕУ, во Европскиот парламент, но европските челници вешто го избегнуваат тоа тврдејќи дека работите се чисти
ЕУ како да ја губи битката со корупцијата
Аферата „Катаргејт“ што пред две години од темел ја потресе Европската Унија го урна митот за некорумпирана европска бирократија, која постојано ги повикуваше земјите кандидати, меѓу кои и Македонија, да ја искоренат корупцијата доколку сакаат да бидат дел од европското семејство.
Сепак, апсењето на потпретседателката на Европскиот парламент, Ева Каили, покажа дека корупцијата внатре во ЕУ е длабоко метастазирана и дека многу лостови на одлучување внатре во Унијата функционираат врз принципот на финансиско „подмачкување“ од разни страни, што дополнително го урива европскиот кредибилитет.
Сѐ погласно се зборува за корупција во главните европски институции, во Европската комисија, во Советот на ЕУ, во Европскиот парламент, но европските челници вешто го избегнуваат тоа тврдејќи дека работите се чисти.
О’Рајли: Со Брисел управува неизбрана „мафија“, која прави што сака
Пред извесно време и Емили О’Рајли, омбудсманката на Европската Унија, во интервју за „Политико“ отворено ги критикуваше нетранспарентноста и неодговорноста во Европската комисија под водство на Урсула фон дер Лајен. На крајот од нејзиниот 11-годишен мандат, О’Рајли нагласи дека нетранспарентноста на Комисијата се влошила и ја истакна културата на моќ што ја диктираат советници во кабинетот на претседателот на Комисијата, кои не добиле мандат од граѓаните на избори.
Во таа насока, О’Рајли го опиша кабинетот на претседателката на ЕК како „моќен советник“ – термин што често се поврзува во англискиот јазик со советниците на мафијата. Таа посочи дека станува збор за исклучително интелигентни поединци, но дека никој не ги избрал, што дополнително ја поткопува довербата во транспарентноста на европските институции.
– Културата секогаш доаѓа од врвот – рече О’Рајли, имплицирајќи дека Фон дер Лајен лично го обликува овој недостиг од отвореност.
Како омбудсман, О’Рајли е одговорна за промовирање на транспарентноста и спречување конфликт на интереси меѓу индустријата и институциите на ЕУ. Сепак, нејзините пресуди се необврзувачки, што го ограничува вистинското влијание на нејзината функција.
Таа ја насочи својата фрустрација кон Европскиот парламент, кој го критикуваше поради слабиот надзор над Комисијата.
– Ако Парламентот почне да ја интернализира идејата дека не може правилно да ја надгледува Комисијата, тоа ќе остане така – предупреди таа.
О’Рајли, првата жена на чело на канцеларијата на народниот правобранител, во февруари ќе ѝ ја предаде на Тереза Анжињо, поранешната министерка за правда на Португалија. Европскиот парламент со мнозинство гласови го одобри нејзиниот мандат.
Највисоките функционери на ЕУ под истрага за корупција
Во меѓувреме, новоизбраните раководители на првите три институции на Европската Унија се под лупа на јавноста поради обвинувања за корупција.
Имено, европските лидери неодамна се договорија околу назначувањата за главните функции во блокот и усвоија стратегиска агенда за 2024-2029 година за време на неодамнешниот самит во Брисел.
Поранешниот португалски премиер Антонио Кошта беше избран за претседател на Европскиот совет, највисокиот политички субјект на Унијата, каде што секоја земја членка е претставена од нејзиниот лидер.
Лидерите исто така ја номинираа германската политичарка Урсула фон дер Лајен за уште еден мандат за претседател на Европската комисија, главното извршно тело на ЕУ, како и естонската премиерка Каја Калас за функцијата шеф за надворешна политика.
Но она што го привлече вниманието е дека тројцата лидери се предмет на обвинувања за корупција.
Урсула фон дер Лајен
Почнувајќи од 2020 година, Европската комисија обезбеди големи количества вакцини од неколку фармацевтски производители и производители на вакцини за борба против пандемијата на ковид-19.
Најголемиот договор на комисијата за набавка на вакцините беше со компанијата „Фајзер“.
ЕУ имаше договори во вредност од 35 милијарди евра (37,6 милијарди долари) со „Фајзер“ за 1,8 милијарда дози од вакцината. Точната вредност на договорите не е официјално соопштена поради деловни тајни.
Телефонските пораки меѓу Фон дер Лајен и извршниот директор на „Фајзер“, Алберт Бурла, за време на преговорите за набавка на вакцини ги поттикнаа обвинувањата против неа.
Имаше повици Европската комисија да ја открие содржината на пораките, но таа одби.
Претставниците на Комисијата тврдат дека не постои правило што бара задржување на телефонските пораки на претседателот и членовите на Комисијата, туку само документи.
Вознемирен од тоа, Фредерик Балдан, белгиски лобист специјализиран за трговски односи меѓу ЕУ и Кина, ја тужеше Фон дер Лајен во 2023 година за лошо менаџирање во нејзините зделки со „Фајзер“. Тужбата вклучува различни обвиненија, меѓу кои и злоупотреба на службената положба во договорите со „Фајзер“.
Расправата за случајот, која беше отворена по кривична пријава поднесена до обвинителите во Лиеж, Белгија, се одржа на 17 мај. Судот одлучи да го одложи судењето до 6 декември за да им овозможи на странките да разјаснат различни технички прашања, како што е надлежноста на Европското јавно обвинителство (ЕПЈО) во случајот. Со текот на времето на правниот процес се приклучија и други подносители на жалба. Во овој процес имаше барање за пристап до досиејата за комуникација на Фон дер Лајен со Бурла, а беа поведени и наводи за злоупотреба на службената положба и уништување јавни документи.
Во исто време ЕПЈО, која е одговорна за кривични истраги и гонење прекршоци против буџетот на ЕУ, започна истрага за купувањето вакцини од страна на Европската комисија за повеќе милијарди евра. ЕПЈО тврдеше дека набавките на вакцините се прашање од финансиски интерес на ЕУ и дека е во нејзина надлежност да ја спроведе истрагата. Правната постапка за случајот е во тек.
Антонио Кошта
Кошта дојде на власт по општите избори во Португалија во јануари 2022 година. Обвинет за корупција, лажење и злоупотреба на службената должност, тој поднесе оставка во ноември минатата година поради истрага за наводни неправилности извршени од неговата социјалистичка администрација во справувањето со проектите за ископ на литиум и водород во земјата.
Негирајќи ги обвинувањата против него и каква било вмешаност во корупција, тој во изјавата за оставката рече дека за време на неговиот мандат како премиер се посветил на службата на Португалија и на португалскиот народ.
Минатиот ноември, 42 локации, вклучувајќи ја и канцеларијата на премиерот во главниот град Лисабон, беа претресени под истрага на Врховниот суд, а шефот на кабинетот на Кошта, Витор Ескарија, и неговиот близок пријател, бизнисменот Диого Ласерда Мачадо беа приведени.
Истрагата, по која следуваше обвинение против Кошта и неколку члена на неговиот кабинет, беше поврзана со ископ на литиум во рудниците Романо и Баросо во северна Португалија и проект за фабрика за производство на зелен водород во Синес.
Истрагата за случајот е во тек.
Каја Калас
Каја Калас, премиерка на Естонија од 2021 година, е вмешана во обвиненија за корупција што произлегуваат од активностите на нејзиниот сопруг Арво Халик.
Иако е познат како застапник на строгите економски санкции на ЕУ кон Русија и како антируски ориентиран, се тврди дека Халик одржувал деловни врски со Русија и покрај војната што земјата ја започна во Украина и санкциите на ЕУ.
Наводите, кои естонскиот претседател Алар Карис ги опиша како дека „го доведува во прашање кредибилитетот на државата“, се однесуваат на „Старк логистик“, транспортна компанија делумно во сопственост на Халик.
Компанијата наводно дејствувала како посредник за друга естонска фирма, „Метапринт“, која тргувала во Русија.
Според извештаите на естонските медиуми, „Метапринт“ ѝ продаде на Русија стоки во вредност од 17 милиони долари во периодот од февруари 2022 година, кога започна украинската војна, до ноември 2022 година.
Калас ѝ обезбеди заем од 350.000 евра на компанијата на нејзиниот сопруг и неколкупати го посети „Метапринт“.
Инсистирајќи дека нема никаква врска со бизнисот на нејзиниот сопруг, Калас рече: „Јас и мојот сопруг никогаш не разговараме за бизнис дома“.
Наводите се во спротивност со жестоката поддршка на Естонија за Украина во однос на Русија, застапувањето на Калас за строги санкции против Кремљ и нејзиниот повик да ја одвикне ЕУ од нејзината енергетска зависност од Русија. С.Т.