Фото: Маја Јаневска-Илиева

Тоа што Македонките предничат во науката по бројност во однос на нивните машки колеги, односно тоа што Македонија има највисок процент на жени научни истражувачи во Европа е ветувачки сигнал за родовата балансираност во нашето општество, барем во оваа област, но, секако, не е показател за степенот на развиеност на науката кај нас, ниту, пак, за висока бројност на научните кадри

ОСМИ МАРТ – ПОВОД ДА СЕ АКТУАЛИЗИРА ПОЛОЖБАТА НА ЖЕНАТА ВО НЕКОИ ПОСЕБНИ ОБЛАСТИ

Меѓународниот ден на жените е повод да се актуализира положбата на жената во општеството и во некои посебни области, како што е на пример науката. Ова е ден да се издигне свеста за нееднаквостите и пречките со кои се соочуваат жените во остварувањето на својот целосен потенцијал. Исто така е можност да се прослави досегашниот придонес на жените во сите научни полиња и да се истакнат важноста и потребата од нивна поголема застапеност во областите што ги предводат напредокот и иновациите.

Од учителка до научничка

Во минатото, на жените често им биле забранувани формалното образование и пристапот до универзитети. Многу од нив биле ограничени на приватно образование или посетувале специјализирани училишта за девојки, каде што се учеле домашни работи и основни вештини. Дури и кога имале можност да студираат, жените често биле под влијание на нормите што ги сместувале во т.н. женски професии, како што се наставата или медицината. Токму тоа е причината зошто жените во текот на децениите често придонесувале во науката само преку улогата на учителки или наставнички, многу ретко издигнувајќи се над традиционалните улоги и станувајќи научници што придонесуваат со свои иновации и истражувања. И денес ова е важна професија без која општеството не може да функционира.
Наставничките биле тивките хероини на науката што ги пренесувале основите на знаењето и ги инспирирале младите умови. Нивната посветеност на образованието била од клучно значење во создавањето цврста основа за идните жени научници. Студирањето предмети како математика, физика или инженерство се сметало за необично или несоодветно за жените, што резултирало со ограничени можности за нивниот академски и професионален развој. Сепак, постепено почнале да се отвораат нови можности за образование на жените. Во втората половина на 19 век неколку универзитети во Европа и во Америка почнале да примаат студентки, давајќи им можност да студираат научни предмети на високо ниво. Тоа претставувало значаен чекор напред во борбата за родова еднаквост во образованието и ја отворило вратата за новите генерации жени да ги истражуваат научните дисциплини и да ги развијат своите академски кариери.
Денес се забележува прогрес во таа смисла, па жените активно придонесуваат во светот на науката. Преминот од улогата на воспитувачки во улога на истражувачки е една инспиративна еволуција. Денес жените храбро се соочуваат со сложени предизвици во одредени научни дисциплини. Нивниот придонес станува незаменлив дел од напредокот во светот на науката и на тој начин ги поставуваат темелите на новите генерации што во иднина ќе чекорат по научните патишта.

Во Македонија има жени научници, ама нема развиена наука

Кога ќе ги погледнеме статистиките за Нобеловите награди во научните дисциплини, јасно е дека бројот на наградени мажи е значително поголем во споредба со бројот на жени. Од основањето на наградата во 1901 година, помалку од 4 отсто од сите нобеловци во науката им се доделени на жени.
Жените сè уште претставуваат само 33,3 отсто од истражувачите низ светот, а нивната работа ретко го добива признанието што го заслужува. Овие податоци јасно укажуваат на постоење на длабоки родови нееднаквости во светот на науката, каде што жените се соочуваат со голем број пречки и ограничувања во нивниот професионален развој.
Сепак, според последната статистика за родовата застапеност во науката од Институтот за статистика на УНЕСКО, која е направена лани, процентот на жени во науката во вкупниот број на истражувачи генерално се зголемува, а интересно е што графиконот покажа дека Македонија со 52,3 проценти беше прва на листата. По неа доаѓаат Летонија со 52,2 и Литванија со 51,6 проценти, па земјите од регионот: Србија со 50 проценти, Бугарија, Хрватска, Црна Гора, Босна, Албанија. Последни на листата се развиени земји како Австрија, Луксембург, Германија, Франција и Холандија.
Тоа што Македонките предничат во науката по бројност во однос на нивните машки колеги, односно тоа што Македонија има највисок процент на жени научни истражувачи во Европа е ветувачки сигнал за родовата балансираност во нашето општество, барем во оваа област, но, секако, не е показател за степенот на развиеност на науката кај нас, ниту, пак, за висока бројност на научните кадри.
Постојат повеќе критериуми по кои се мери развојот на науката во една држава: бројот и факторот на влијание на објавените научни трудови, научноистражувачките проекти, бројот на научници, рангот на универзитетите и научните институции, па, оттука, за да зборуваме за развиена наука, потребно е многу повеќе, а најмногу од сѐ сериозни вложувања во неа (нешто што кај нас е запоставувано со години), и тоа не само преку издвојувањето буџетски средства за научните истражувања туку и преку долгорочни одржливи политики, вклучување во големи проектни тимови и користење средства од меѓународни програми. Во моментов ниту еден од овие предуслови не е исполнет докрај, па единствено со што можеме да се пофалиме е што напредуваме во однос на вклученоста на жената во научната област.


Научнички во сенка

Астрофизичарката Каролин Хершел, која открила неколку комети и е првата жена што имала официјална позиција во истражувачка институција во Обединетото Кралство, честопати била занемарувана во историските записи во астрономијата.
Ботаничарката Кетрин Есау, која постигнала значителен напредок во проучувањето на структурата на растенијата, се соочувала со пречки за објавување на својата работа и признавање на научните достигнувања.
Еден од најпознатите примери е Милева Мариќ Ајнштајн, која ја започнала својата кариера како учителка по физика и математика, но подоцна се вклучила во работата на Алберт Ајнштајн во формулирањето на теоријата на релативноста. Иако нејзиниот придонес често бил занемарен или потценет, нејзината улога во делата на Ајнштајн е неоспорна и таа е пример за жена што со својата научна работа го променила текот на историјата, иако нејзиниот придонес не е документиран.
Розалинд Френклин, која исто така ја започнала својата кариера како учителка, стана пионерка во областа на кристалографијата со рендген и клучна фигура во откривањето на структурата на ДНК. Иако нејзиното име не било истакнато при доделувањето на Нобеловата награда за ова откритие, нејзината работа е од суштинско значење за разбирањето на генетиката и молекуларната биологија.
Џоселин Бел Барнел е британска астрофизичарка позната по нејзиното откритие на пулсарот, едно од најважните астрономски откритија на 20 век. Тогаш била докторантка на универзитетот „Кембриџ“. Сепак, иако Бурнел одиграла клучна улога во откривањето на пулсарот, таа не е наградена со Нобеловата награда за ова откритие, но нејзините колеги, професорите Ентони Хјуиш и Мартин Рајл, ја добиле Нобеловата награда за физика во 1974 година за нивното истражување за пулсарите..
Овие примери јасно ги илустрираат неправдата и дискриминацијата што многу жени морале да ги поднесат во светот на науката. Тие биле принудени да се борат со разни пречки и често биле маргинализирани, но нивниот придонес останува неизбришлив дел и моќен потсетник за важноста на борбата за родова еднаквост во светот на науката.
Марија Кири е единствената жена што ја добила Нобеловата награда во две различни научни дисциплини – физика и хемија. Но и нејзиниот пат бил полн со предизвици, била дискриминирана и маргинализирана во научните кругови, но со својата упорност, страст и талент успеала да ги надмине сите пречки и да постигне извонредни резултати.