Овде, во Македонија, од овие простори се прошири светата христијанска вера за сиот словенски род. Овде се напишаа првите букви од азбуката на словенскиот јазик и првите книги на тој јазик. Оваа порака и аманет ми ги остави во една пригода поглаварот на МПЦ, г.г. Гаврил, кој си обезбеди заслужено место во македонската национална и црковна историја. „Кипро, запамети ги овие мисли и во секоја пригода употребувај ги и шири ги. Тоа е нашето оружје за одбрана на македонскиот јазик и на идентитетот на нас, Македонците“, ми порача г.г. Гаврил, кому му го посветувам и денешниот напис
ЗАБЕЛЕЖАНО, НЕНАПИШАНО
Архиепископот охридски и македонски г.г. Гаврил беше третиот поглавар на МПЦ-ОА, по возобновувањето на Охридската архиепископија (по г.г. Доситеј и г.г. Ангелариј). Беше скромен, сталожен, трпелив, високообразован духовник, секогаш подготвен да го сослуша соговорникот, со умереност да му укаже на грешките и да му помогне во решавање на проблемите и тешкотиите. Овие се моите видувања и карактеристики за поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Гаврил, кои се врежале во мојата меморија.
Роден е на 17 април 1912 година, во Скопје, а потеклото, корените му се од мијачкото село Росоки, таму биле родени татко му Никола и мајка му Евдокија. Да беше жив, архиепископот Гаврил ќе го прославеше 110-от роденден, а на 4 март годинава, со помен парастос беше одбележана 26-годишнината од неговото упокојување. Тоа ми е повод и предизвик денешнава колумна „Забележано, ненапишано“ да му ја посветам на овој исклучителен македонски деец и борец за македонскиот народ, за Македонија. Потсетувајќи се на неколку настани и случки, кои никогаш нема да ги заборавам, на овој начин ги запознавам почитувачите на неговиот лик и дело и младите генерации со делото што ни го остави човекот што целиот работен век го мина во црковно-просветната дејност и со самопрегорна работа создаде голем број учебници, училишна литература, прирачници, речници итн.
Со делата што ги создаде, г.г. Гаврил си обезбеди заслужено место во македонската национална и црковна историја. За поткрепа на оваа констатација ќе ги споменам следните дела: ја заврши изградбата на соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје и го освети, проект што го започна г.г. Доситеј, првиот поглавар на МПЦ, го формира Богословскиот факултет во Скопје, ја преведе Библијата на македонски литературен јазик, триесет години ги посвети на учебникарството и на просветителската дејност, бил прв претседател на Друштвото на преведувачи на Македонија, прв декан на Богословскиот факултет „Св. Климент Охридски“, прв македонски архијереј што ја обнови древната традиција фрлање на чесниот крст во водите на реката Вардар.
Се сеќавам како вчера да се случи. Во работниот кабинет, на вториот кат на зградата на Македонската православна црква во Скопје, по извршениот разговор на заминувањето, архиепископот г.г. Гаврил ми ја подари книгата „Охридската архиепископија и покрстувањето на Русија“, Зборник издаден по повод 1.000-годишнината од покрстувањето на Русите, издание на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ – Скопје, уредник архиепископ г.г. Гаврил, декан. Притоа од предговорот што го напишал подвлече неколку реченици и ми ги прочита: „Овде, во Македонија, од овие простори се прошири светата христијанска вера за сиот словенски род. Овде се напишаа првите букви од азбуката на словенскиот јазик и првите книги на тој јазик. Така подготвени и во придружба со своите ученици од овие простори тргнаа светите браќа кон север во апостолска мисија. Сето ова ја посведочува вистината дека на овие простори е почетокот на општословенската писменост и култура. Затоа и трудовите избрани во ова издание претставуваат најпрепознатлив белег и постојаност на врската меѓу Македонија и Русија – Охридската архиепископија и црквата во Русија“.
Врачувајќи ми ја книгата, ми рече: „Кипро, запамети ги овие мисли и во секоја пригода употребувај ги и шири ги. Тоа е нашето оружје за одбрана на македонскиот јазик и на идентитетот на нас, Македонците“.
На една од посетите, поглаварот г.г. Гаврил, откако ме почести со чашка (ракија), ја „швајцува“ цигарата, ми вели: „Кипро, нас Мијаците неоправдано нѐ етикетираат дека сме скржави. Тоа не е точно, ние сме домаќини, штедиме, не се расфрламе и затоа имаме… Виде, цигарата ја запалив од догорената, така правам цел ден, штедам кибрит, те почестив со ракија од чавче како капаче, да се напиеш, а да не се опиеш, ха, ха, ха“. Двајцата слатко се насмеавме. На бирото беа поредени една на друга, во вид на кула, шест кутии „МТ“.
Во подолгиот разговор ми рече дека редовно ги чита репортажите за селата и реткостите на Мала Река (Мијачија), Мавровско, Долна и Горна Река, а особено текстовите за Галичник и Галичка свадба. „Ми ги доловуваш убавините на прекрасната природа, на историјата, на војводите и комитите, на преродбениците, на црквите и манастирите. Продолжи и понатаму да пишуваш, репортажата е најтешкиот новинарски род“. Стана и од библиотеката ја зеде книшката со наслов „Галички свадбарски народни песни“ – Ѓорѓи Милошев, отпечатена во 1946 година. Ја разгледав, бев воодушевен и побарав да ми подари еден примерок, не добив бидејќи овој беше последниот. „Не грижи се, ќе добиеш од новото издание, кое го подготвува професорот Кирил Пенушлиски, мој школски другар, истакнат македонски фолклорист, основоположник на оваа наука во Македонија. Но треба да исполниш еден услов. Од секој свадбарски обред на туристичката манифестација ‘Галичка свадба’ ќе ни дадеш по една фотографија за да ја илустрирам книгата. Твоите фотографии што ги објавуваш во весникот ‘Нова Македонија’ и во другите списанија се одлични и би сакал некои од нив да ги објавам во книшката“.
Му ветив и по некој месец му предадов педесетина колор-дијапозитиви и колор и црно-бели фотографии. Архиепископот беше презадоволен.
На 17 мај 1991 година се одржа основачко собрание на МПЦО „Свети Климент Охридски“ во Берлин, на кое присуствуваа митрополитот на Брегалничката епархија на МПЦ, г. Стефан, и протојерејот Александар Гиревски, секретар на архиепископот г.г. Гаврил, кој подоцна стана и негов биограф. Митрополитот г. Стефан ги поздрави присутните и ги пренесе поздравите од поглаварот на МПЦ, г.г. Гаврил, и истакна дека е најрадосен што на овие простори, во главниот град на СР Германија, се пали уште едно кандило надвор од Македонија, кое ќе ги просветува Македонците што живеат и работат на оваа светска метропола“.
По завршувањето на официјалниот дел, гостите од Скопје, на Манојил Мане Јаковлески, претседател на МПЦО „Климент Охридски“ во Берлин, и мене ни ги пренесоа поздравите од дедо Гаврил и во негово име нѐ замолија да го посетиме ресторанот „Под липите“ (Under Der Linden) на улицата Фридрихштрасе (Friedrich-Straße) во Берлин (порано Источен Берлин), во кој поглаварот како студент по германистика во Лајпциг честопати одел во Источен Берлин. Им ја исполнивме желбата на гостите, неколку часови минавме во ресторанот и пиевме пиво. На заминување, Мане побара од менаџерот рекламен материјал (подлошки за пиво), на кои се потпишавме тогаш ние и кои ќе му бидат дадени на Македонецот што како студент често го посетувал ресторанот. Желбата беше исполнета и на поглаварот му беше предадена, а Мане му испрати пенкало со зелено мастило.
Заедно со Мане по неколку месеци го посетивме архиепископот да му ги предадам неколкуте германски списанија и весници, како и шише пиво од неговиот омилен ресторан. Дедо Гаврил му се заблагодари на Мане за подарокот (пенкало со зелена боја) и го праша уште колку такви пенкала им подарил на митрополитите, а Мане рече дека освен пенкалото за поглаварот друго не купил. „Мане, знам дека имаш купено повеќе, секој од браќата одвај чека да умрам и да го заземе тронот.
Ако, подарувај им, ама нема да умрам“. Во таа пригода од фиоката на бирото извади пластична фолија во која се наоѓаше штедна книшка, така зачувана како во овој момент да ја добил од банкарскиот службеник, да провериме дали германските марки постојат и дали во изминатиот половина век со каматата нараснале. Во Берлин ја посетивме Централната народна банка на Германија, нѐ известија дека основниот штеден влог постои, впишана е и каматата за секоја година одделно, штедниот влог може да го подигне само сопственикот на штедната книшка, никој друг, и само тој може да ги добие другите информации што го интересираат.
Последната средба и разговор со поглаварот г.г. Гаврил ги имав на 8 август 1992 година, на Света Петка, во селото Никифорово, на брегот на Мавровско Езеро, во сослужение со вардарскиот митрополит г. Михаил, кога извршија реосветување на црквата „Св Пантелејмон“, заштитник на селото. На свечениот ручек со членовите на Црковниот одбор од селото, видни општествено-политички работници и стопанственици од Гостивар, поглаварот во поздравот рече: „Искрено сум воодушевен во овие тешки економски и политички услови што вложувате средства и труд за обновување и зачувување на црквите и манастирите и на други црковни објекти, се радувам што ќе започне и обновата на манастирот ‘Св. Пантелејмон’ во месноста Борче, покрај Мавровско Езеро. Активностите на овој план да продолжат, бидејќи само Црквата може да ја одбрани државата од надворешните и внатрешните непријатели, кои низ вековите, во континуитет, работат да ја снема Македонија, да нѐ снема и нас, Македонците“.
Забележано, ама и запишано!
„Сам против цела руска гарда“
Во 1992 година, 42-годишниот Андреј Владимирович Козирев, министер за надворешни работи на Руската Федерација, престојуваше во Македонија. Во Скопје и во Охрид дојде по посетата на Грција. При посетата на неколкуте цркви и манастири во балканскиот Ерусалим, Охрид, министерот Козирев изразил желба да му организираат средба со г.г. Гаврил, поглавар на МПЦ. За непланираната, неочекувана и ненајавена средба со министерот Козирев, по неколку дена го посетив дедо Гаврил и во подолг разговор ме запозна со дел од разговорите, притоа ми рече да не пишувам за деталите од разговорите.
„Беше августовско топло пладне, во мојот кабинет дојдоа двајца високи претставници на МНР на Македонија, ми ја пренесоа желбата на рускиот министер за надворешни работи, дека во 15 часот ме очекува на средба во Собранието на Република Македонија. Во салата за состаноци на едната страна бев сам, наспроти мене беше министерот Козирев, лево и десно од него беа уште триесетина негови соработници. Сам против цела руска гарда, одговарав на безбројните прашања на министерот и на неговите соработници. Средбата беше планирано да трае еден час. Меѓутоа, на задоволство и барање на високиот руски гостин, кој по вокација е историчар, ме замоли да го продолжиме разговорот. Ги интересираше прашањето за Охридската архиепископија и покрстувањето на Русите, за непризнавањето на МПЦ, за односот со сестринските цркви, Српската и Грчката итн.“