Како и многуте занаети така и молерскиот занает во Кичево тивко умира. Бројот на мајстори што се занимаваат со молерофарбарски работи во градот секоја година е сѐ помал, а главна причина за големиот пад на мајстори е заминувањето во странство, пред сѐ во Германија. Тие во голем број и таму се занимаваат со истиот занает, но за многу повеќе пари, додека одреден број молери се занимаваат со слични занаети како поставување плочки и друго.
Во градот се останати претежно мајстори во поодминати години, од кои еден дел брзо ќе го заврши своето учество во молерскиот занает. Еден од нив, кој полни пет децении се занимава со молерскиот занает, е мајсторот Миле Војне, кој сѐ помалку работи, бидејќи возраста и сѐ послабото здравје не му дозволуваат.
– Кога почнав да се занимавам со молерскиот занает, во Кичево имаше голем број мајстори што се занимаваа со молерај, а многу млади го започнуваа учењето на овој занает и често работеа заедно со своите мајстори за добро да го испечат молерскиот занает. Бројот на молери во градот беше голем до пред десетина години, кога заминувањето во странство стана вистински тренд и сѐ поголем број молери одлучија да ја напуштат земјава и да почнат лебот да го заработуваат во некоја од западноевропските земји. Заминувањето на сѐ поголем мајстори и сѐ помалиот прилив на млади придонесоа бројот на молери да опаѓа, а постои реална опасност нивниот број во блиска иднина да биде недоволен за целосно да одговори на обврските во градот – истакна најстариот мајстор во Кичево.
Граѓаните коментираат дека времето на големиот интерес за молерскиот занает неповратно заврши.
– Повеќе од очигледно во нашиот град бројот на молери е сѐ помал и помал, со тенденција многу скоро тој да се сведе на минимум. Ќе нема мајстори што ќе можеме да ги ангажираме за варосување на домовите. Дополнително, сѐ помал е бројот на вистински мајстори што добро го совладале овој занает и затоа во нивната работа можат да се забележат повеќе пропусти – вели Крсте Тренески, постар жител на Кичево.
Текст и фото: Зоран Антоски