Фото: „Нова Македонија“

ЗАКОНОТ ЗА УПОТРЕБА НА ЈАЗИЦИТЕ НА РЕНДГЕН КАЈ СУДИИТЕ НА УСТАВНИОТ СУД

  • Конечно по 13 поднесени иницијативи и редици архивирани експертски забелешки, меѓу кои за нас најмногу тежат тие од Венецијанската комисија, Уставниот суд ќе решава за судбината на Законот за употреба на јазиците, кој во практиката ја нормира широката употреба на албанскиот јазик, закон што недвосмислено ги надлета уставните рамки на Македонија
  • Она што експертите го очекуваат е да се стопира политичкото насилство, при што очигледни и опасни станаа обидите под влијание на албанскиот етноцентризам да се прекројува Уставот, а со тоа и системот

По 13 поднесени иницијативи и експертски алармирања дека еден закон надлетал многу повисоко од Уставот, конечно на дневен ред пред судиите на Уставниот суд на Република Македонија ќе се најде фамозниот Закон за употребата на јазиците. Целиот закон е составен набрзина, без почитување на експертите дома и тие од Венецијанската комисија, а најавата на поранешната министерка за правда Рената Десковска дека ќе се усвои законот, а препораките од Стразбур подоцна ќе се вградат во тој закон, никогаш не се спроведе. Така добивме своевиден „јазичен Франкенштајн“, кој е сериозна закана за унитарниот карактер на Македонија забетониран и со устав. Закон што отиде над уставните норми, и тоа со злоупотреба на европското знаменце за да се усвои без двотретинско мнозинство. И експертите на Венецијанската комисија констатираа дека законот е над европските норми и пракси и препорачаа враќање на јазичните норми од 2008 година.
На интернет-страницата на Уставниот суд е објавено дека првата закажана седница е на 4 декември, но во моментов кога го пишуваме текстот го нема објавено целосно дневниот ред. Можно е студениот декември да почне токму со едно од најжешките прашања за Македонија, која по укинатиот балансер ќе мора да покаже зрелост дека е подготвена уште еднаш да се соочи со мечот на правдата.

КОЛКУ ЧИНИ ВО ПАРИ ДВОЈАЗИЧНОСТА?

Нефункционален, крајно загрозувачки за унитарниот карактер на државата, скап и не промовира национална кохезија се стручни оцени изнесени за „Нова Македонија“ во врска со Законот за употребата на јазиците. Дали по шест години од неговото усвојување и примена, која дури е проследена и со присила и казни, се разбра дека тој ќе мора да се стави ад акта (во фиока) и да се донесе нов? Новата влада на Христијан Мицкоски мораше да се соочи со одлука на уставните судии, сите деветмина избрани и со мандат од времето на Владата на СДСМ/ДУИ, што навистина е извонреден материјал за анализи и шпекулации. Но рековме дека мечот на правдата е во рацете на Јустиција, која е со врзани очи за да може да суди непристрасно. Секако и на основа на аргументи и добри практики.
Да потсетиме дека контроверзниот и неуставен закон стапи во сила во март 2018 година со потписите на Талат Џафери, претседател на Собранието на Република Македонија, и на Неџбедин Ибраими, заменик на генералниот секретар на Собранието на Република Македонија, а под името на тогашниот претседател Ѓорге Иванов стои само права црна линија на која го нема претседателскиот потпис. Зошто? Тогашниот претседател, кој го извршуваше вториот мандат, инаку универзитетски професор од Правниот факултет, оцени дека тој закон е противуставен и ја загрозува унитарноста на државата Македонија. А без потписот на претседателот на државата законот е мртво слово на хартија.
И Изет Меџити, сега вицепремиер и министер во Владата, неодамна јавно праша зошто ДУИ и Али Ахмети донеле закон што е противуставен? Одговорот може да се даде на еден лапидарен, па дури и уличен јазик – оти им се можело! Со притисоци и закани без да се води сметка за сите последици и импликации. Така, се случи на една прес-конференција на новинарско прашање до Бујар Османи, тогаш задолжен за евроинтеграциите – дали се направени пресметки колку државата ќе ја чини двојазичноста, тој дипломатски одговори – некои работи, како правото да се зборува на мајчин јазик, немаат цена. Но, за жал, сѐ има цена, а на тоа упатува и мислењето на Венецијанската комисија. Точната сума колку Македонија ја чини двојазичноста во една фискална година сѐ уште јавно не е објавена. Можно е и да ја нема, според логиката на Османи дека за некои работи не смее да се користи простата математика.

Со преференции за албанското малцинство, СЕ КРЕНА ОПАСЕН ПОЛИТИЧКИ ВЕТАР

Законот беше усвоен со 69 гласа „за“, а опозицијата не го поддржа. Како главни аргументи за носење на тој закон, на кој му залепија без каков било издржан аргумент и европско знаменце, значи да се донесе во скратена процедура и да се смени Уставот без двотретинско мнозинство, власта предводена од коалицијата на СДСМ со ДУИ и неколку помали партии ги наведоа членството во НАТО и во ЕУ (што не е точно) и заради мирен соживот, но и дека тоа било предвидено со Охридскиот договор, што исто така експерти по уставно право го негираа. Вториот аргумент, пак, кажува дека во земјата има етнички тензии и дека албанското малцинство е подготвено со притисоци да се носат закони во нивен интерес. Маневрите на ДУИ, кои ги презема по нивното развластување, го потврдуваат тоа, а тактиката е иста – странски експерти даваат предлог за проширување на употребата на јазикот, главно да се избрише употребата на „20 проценти“ и да се назначи „албански јазик“, а тие да се погрижат за притисокот. Дали и овој закон е во нивен интерес е многу дискутабилно, ако се земе предвид што тој не промовира интеграција во општеството, туку сегрегација, тврдат експерти, а тоа се покажува и во пракса. Еден од таквите жални примери е со поранешната директорка на Токсикологија, која наводно не знаела македонски јазик?! Но тоа незнаење предизвика огромна штета. А сега беше искористен Денот на албанското знаме за да се демонстрира сила, беше мобилизирана и средношколска младина за да излезе со албанските државни знамиња низ скопските улици и притоа очигледно да се бараат провокации. Дали зад ова стојат структури на ДУИ или други политички сили? МВР веќе длабински ги скенира сите елементи дали може да се дојде до таков заклучок. За такво нешто се информирани и странски служби и партнерски земји.

ВЕНЕЦИЈАНСКАТА КОМИСИЈА СЕ ФАТИ ЗА ТРИ ОДРЕДБИ

Законот нормира дека „на целата територија во Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо; (2) друг јазик што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните (албански јазик), исто така, е службен јазик и неговото писмо, согласно овој закон“.
Законот ги изедначи македонскиот и албанскиот јазик на сите нивоа, па дури според толкувањето на албанските политичари тие имаат право и во комуникација со странство и за време на странски посети да го користат албанскиот јазик. Ваква одредба нема во Охридскиот договор и таа е ризичната патека на унапредување на албанскиот јазик, процес форсиран од највисокото раководство на СДСМ/ДУИ. Охридскиот договор предвидува покрај употребата на македонскиот јазик и употреба на албанскиот јазик, но не на државно ниво, туку само во средините каде што албанското малцинство е 20 проценти. Терминот малцинство се употребува соодветно на праксата во Стразбур и во Европа.
Експертите од Стразбур ни кажаа дека законот е нејасен, нефункционален, скап, непрактичен и со решенија што не ги познава меѓународната пракса, па затоа и неприменлив во целост. Тоа беше особено потенцирано за двојазичните униформи, а Стразбур побара тоа решение да биде ставено под мраз.
Затоа независните експерти на Венецијанската комисија ги повикаа македонските власти да го преиспитаат Законот за употреба на јазиците преку консултации со сите засегнати страни. Тие потенцираа дека во споредба со законодавството за 2008 година, новиот закон значително ја проширува употребата на албанскиот јазик и во многу аспекти ги надминува европските стандарди утврдени со Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и Европската повелба за регионални и малцински јазици.
На проверка треба да одат членовите што се однесуваат на поштенските марки, фактурите, фискални сметки, банкнотите….


Што очекуваат уставните и правни експерти?

Што очекуваат експертите по право? Пред сѐ враќање на законот и неговата содржина од 2008 г., кој исто така е над европските стандарди и сосема ги исполнува барањата и потребите на говорителите на албанскиот јазик. Мора да се угаси јазичниот пламен, кој со многу сила и закани предвидува казни за неупотреба на албанскиот јазик и таму каде што тоа е сосема непотребно и над уставните и законските норми. Мора да се санкционира праксата секаде каде што натписите на институциите првин се напишани на албански јазик и да се смени тоа, затоа што не е уставно. Заклучокот би бил дека со враќање во минатото од 2008 година, всушност влегуваме во иднина што почитува закони, а не политичко насилство. А токму тоа го видовме кога неодамна се изврши обид за јазичен десант врз МАНУ. Уставот и државата Македонија со сите нејзини граѓани и специфики не смеат да бидат заложници на албанскиот етноцентризам, а уште помалку Уставот да се крои по тој принцип.


Законот за македонскиот јазик засега само за украс

Законот за употреба на македонскиот јазик беше усвоен на 28 јануари, а во сила стапи наредниот ден со објава во „Службен весник“. Иако помина речиси цела година, тој закон сѐ уште не се применува. Клучните членови што се додадоа на законот се:

Член 1

(1) Со овој закон се уредуваат употребата на македонскиот јазик, утврден со Уставот на Република Северна Македонија како службен јазик на целата територија на Република Северна Македонија и во меѓународните односи, основањето на Советот за македонски јазик и неговите надлежности, условите и постапката за полагање на испитот за добивање лекторска лиценца, основањето на Инспекторатот за употребата на македонскиот стандарден јазик и неговите надлежности, надзорот над спроведувањето на овој закон и други прашања од значење за употребата на македонскиот јазик. (2) Употребата на македонскиот јазик како службен јазик е право и должност на граѓаните на Република Северна Македонија. (3) Употребата на македонскиот јазик како службен јазик во меѓународните односи е право и должност на секој претставник на државната и на локалната власт. (4) Македонскиот јазик е нематеријално културно наследство на Република Северна Македонија (во натамошниот текст: Републиката), во согласност со закон.

Член 2

(1) Македонски јазик, во смисла на овој закон, е македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо. (2) Употребата на македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо, во смисла на овој закон, ги опфаќа неговата примена, заштита, унапредување и збогатување.