И европската „изборна година“ ја става Европската Унија на тест
- Годинава ќе бидат одржани регионални и општински, но и парламентарни избори во редица највлијателни земји на Европската Унија, вклучувајќи ги Франција, Германија, Шпанија и Италија. На хартија, овие гласања ќе се однесуваат на локалните совети, државните парламенти, националните и регионалните влади. Но низ цела Европа дуваат сѐ посилни суверенистички ветришта, така што локалните и регионалните гласачки ливчиња добиваат можност да кажат нови тонови за насоката и иднината на европскиот континент, многу повеќе одошто многуте формални или неформални врвни среќавања во Брисел или како што беше деновиве одржаниот самит во замокот Алден Дизен
Европските избори ќе го покажат расположението на јавноста пред клучните национални избори што се очекуваат, пред сѐ, во Франција и во Германија. Општинските и регионалните избори во Франција ќе имаат големо и несомнено влијание врз сѐ поострата пресметка на француските суверенисти, предводени од Жордан Бардела, лидерот на Националниот собир на Франција, и лидерите на Непокорена Франција, со претседателот Емануел Макрон. Но француските избори ќе се одразат и врз цела Европа, врз ЕУ и дури и за нејзиното проширување.
– Франција отсекогаш била испреплетена со поширокиот проект за европска интеграција, како земја што е еден од темелните столбови на ЕУ. Внатрешниот политички судир може да ја оддалечи Франција од ортодоксијата на ЕУ (концептот на прифаќањето, правоверието во политиките на ЕУ – н.з.) – предупредува професорот Џон Рајан, а овој негов став индиректно се однесува и на сите земји кандидати за влез во „елитниот евроклуб“: дека може да започне уште посилно да опаѓаат „ортодоксијата на ЕУ“, атрактивноста и кредибилноста на Европската Унија во очите на Западен Балкан.
Деновиве на неформалниот самит во замокот Алден Бизен, кај малото село Рикховен во Белгија, лидерите на ЕУ се усогласија дека „конечно ЕУ треба да се движи со различна брзина и да го промени начинот на кој функционира, за да не биде оставена зад себе и настрана во екот на повеќекратните геополитички кризи“.
– ЕУ отсекогаш се гордеела со тоа што сите нејзини членови се движат напред како едно. Таа ера заврши – објави бриселскиот аналитички магазин „Политико“, анализирајќи ги ова собирање и договарање на лидерите на ЕУ.
Според „Политико“, на собирот во источна Белгија лидерите на Франција, Германија, Италија и други ги поддржаа плановите – кои ќе ги разработат уште на Европскиот совет следниот месец – да се одвојат и да се приклучат на иницијативи во помали групи.
– Владите зборуваа за тоа дека се зафатени од чувство на итност, бидејќи конкурентската предност на Европа се губи и оти многу од нејзините идеи се заглавуваат во неодлучност и несогласување. Евроблокот е погоден од повеќекратни геополитички кризи и речено е дека треба да се движи со различна брзина, бидејќи не може да се справи со тие кризи ако дејствува само кога сите 27 земји членки се согласни – напиша „Политико“ во својата статија со наслов „По години на отпор, лидерите конечно велат дека ЕУ треба да се движи со различна брзина“.
Клучните лидери на ЕУ го кршат со чекан долгогодишно табу на ЕУ. Лидерите собрани во белгиската провинција на неформален состанок ја поддржаа идејата дека некои реформи ќе мора да ги спроведат помала група земји. Со други зборови, на Европа ѝ се потребни повеќекратни брзини, за да се движи напред – повеќе не станува збор за вклучување на сите 27 членки.
– Мораме да се движиме брзо – рече францускиот претседател Емануел Макрон, кој е долгогодишен застапник на идејата за „Европа со повеќе брзини“, пренесе „Политико“ дел од клучните истапувања на неформалниот европски самит.
Најавено е дека на нивниот самит во Брисел следниот месец, претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, ќе го претстави она што го нарече „Патоказ и акциски план за една Европа, еден пазар“, во кој ќе бидат утврдени реформи во области како што се намалување на административните оптоварувања и ослободување приватен и јавен капитал, за да им се помогне на европските бизниси да се прошират. Лидерите ќе гласаат за планот кога повторно ќе се состанат пред летото. Ако во некои области не се согласат сите 27 земји, ЕУ ќе го користи она што го нарекува „засилена соработка“ – помали групи на земји членки, кои побрзо се движат по предлозите за политики, што, иако некои лидери го поддржуваа претходно, во голема мера беше избегнувано и етикетирано како раздор.
Европските суверенисти наспроти новата „повеќебрзинска ЕУ“
Веќе стасуваат пораки на национални спротивставувања до Брисел
Првата порака, но упатена во „најголема суверенистичка брзина“, на учесниците на неформалниот европски самит им стаса од словачкиот премиер Роберт Фицо, кој укажа на реалната опасност Европа да се претвори во „музеј под отворено небо“!
– Економијата на ЕУ е во ужасна состојба, поради смешни климатски и идеолошки цели. Подобро е да се каже дека е во катастрофална состојба. Ако не направиме ништо оваа година, пред сè со цените на електричната енергија, Европа нема да стане ништо повеќе од културен музеј на отворено за богати кинески туристи – предупреди Фицо.
Втората порака, исто така, во „најголема суверенистичка брзина“, на европските државници и на лидерите на ЕУ, а би се рекло специјално на „повеќебрзинскиот Макрон“, им дојде од Жордан Бардела, лидерот на Националниот собир на Франција, дека „Француската Република му припаѓа само на францускиот народ“!
– Како што се приближуваат претседателските избори, пред крајот на својот мандат Макрон се обидува да ја консолидира својата моќ над нашите институции, надевајќи се дека ќе ја задржи контролата и оти ќе го продолжи своето влијание. Но, вистината мора свечено да се повтори: Републиката не му припаѓа никому. Таа ѝ е доверена на суверената пресуда на францускиот народ – нагласи Бардела пред неколку дена во едно свое истапување во јавноста.
Тоа истапување е адресирано колку до Макрон толку и до лидерите на Европската Унија, која челникот на француските суверенисти и неговите истомисленици и содејци сакаат да ја „размонтираат одвнатре, за да не ги загрозува францускиот суверенитет и идентитет и француските национални закони“, а потоа и да ја „преобразат во ‘Европа на суверени нации’“.
Сѐ погласни предупредувањата до ЕУ да престане со авторитаризмот
Во европската година на избори, Бардела и неговата партија Национален собир ќе имаат можност веќе на 15 и 22 март, на општинските избори во Франција, да покажат колкава сила имаат, или сѐ уште немаат, за вистинско спротивставување кон Макрон и ЕУ. Французите ќе излезат на гласачки места за да изберат градоначалници низ целата земја. Француските општински избори во 2026 година, закажани за 15 и 22 март, се сметаат како клучен претходник на претседателските избори во 2027 година, со потенцијал да ја преобликуваат француската национална политика и да влијаат врз положбата на Франција во рамките на Европската Унија. Националниот собир има цел да ги искористи овие избори за да го зацврсти својот статус како доминантна политичка сила во Франција. Ако Жордан Бардела и неговата партија на овие француски општински избори добијат такво и толкаво политичко влијание, тогаш и идната француска влада би можела да се обиде да го врати приматот на француското право над правото на ЕУ. Тоа би можело да ѝ го намали просторот на Европската комисија да започне да спроведува „повеќебрзинска трансформација и дејствување“ на ЕУ. Европски и француски аналитичари сметаат дека тоа би можело, наводно, да предизвика и „вакуум во европското лидерство“!
Следни на ред се парламентарните избори во Унгарија, на 26 април 2026 година. Виктор Орбан во трката за свој шести премиерски мандат се соочува со сериозен предизвикувач: Петер Маѓар, поранешен човек од неговата партија Фидес, кој стана лидер на опозицијата. Најновите анкети на јавното мислење во Унгарија ја ставаат Тиса, партијата на Маѓар, во предност од 13 поени. Но, каков и да биде исходот, гласањето во Унгарија ќе има последици далеку надвор од границите на Унгарија. Орбан е во центарот на европскиот национално-конзервативен камп, тесно усогласувајќи се со светогледот на американскиот претседател Доналд Трамп и отворено спротивставувајќи им се на позициите на ЕУ за миграцијата, демократските стандарди, за доминацијата врз националните политики и особено за војната во Украина.
Но не само во Франција туку и во Шпанија, Германија и Италија годинава ќе се водат, како што пишува во своја анализа „Евроњуз“, „локални пресметки за националните влади“’.
– Четири од најголемите сили на ЕУ се подготвуваат за регионални и општински избори, кои ќе потврдат колку голем замав има крајната десница и дали ќе се зголеми и онака растечката недоверба кон владите во Мадрид, Берлин, Париз и Рим. Претстојните регионални избори во Шпанија, во Кастилја и Леон, на 15 март, и во Андалузија, најголемиот регион во Шпанија по големина и население, најдоцна на 30 јуни, ќе бидат клучни тестови: прашањето е дали шпанскиот премиер Педро Санчез може да обезбеди мнозинство пред општите парламентарни избори во 2027 година без да се потпира на поддршката од крајно десничарската партија Вокс, која е отворен противник на Европската Унија – истакнува „Евроњуз“.
Алтернатива за Германија (АфД) води на анкетите во источните покраини како Мекленбург-Западна Померанија и Саксонија-Анхалт. Постои значителна шанса АфД да победи на одделни покраински избори, што потенцијално ќе ја стави во позиција да води покраинска влада за првпат. Германските покраински и регионални избори стартуваат веќе на 8 март 2026 година, со изборите во Баден-Виртемберг. Зголеменото политичко влијание од страна на АфД на покраинско ниво би можело да предизвика уште поголемо урнисување на и онака рекордно непопуларниот германски канцелар Мерц, но и да доведе до позначителни внатрешнополитички промени воопшто во Германија, со одраз и врз целиот европски блок. Исходот од годинашниве избори во Германија ќе влијае врз нејзината способност да им создава простор на Лајен и ЕК да ги остваруваат новите политики, кои се договараа и на самитот во Алден Дизен. Но ослабената или фрагментирана германска влада би можела да дејствува и како „сопирачка“, доведувајќи го напредокот на ЕУ во застој, како што прогнозираат одделни европски експерти и аналитичари.
Општинските и парламентарните избори низ ЕУ може да придонесат кон уште поголем внатрешен расцеп во структурата на евроблокот и овде ќе забележиме дека тие внатрешни длабоки поделби во ЕУ беа пројавени повторно и на самиот неформален лидерски самит во Алден Дизен. Во тој контекст, „Политико“ објави: во дискусиите на самитот внатрешните поделби беа очигледни и меѓу земјите од ЕУ и Комисијата. Германија и Италија издадоа соопштение во кое се наведува дека ЕУ треба да се „ограничи“ во потрагата по нови правила, додека Урсула фон дер Лајен ги обвини националните правила за многу од проблемите што ја мачат индустријата.
Прашање е дали во европската изборна година Фон дер Лајен и Европската комисија ќе се соочуваат со нови барања и притисоци, не само од Италија и Германија, за значително ограничување во „потрагата по нови правила“, кои ќе им ги наметнува во „повеќе брзини“ на своите членки, во кои, пак, сѐ повеќе креваат глава суверенистичките партии и движења.
Свето Тоевски

































