Интервјуа со видни македонски претставници од иселеништвото и од дијаспората
ИНТЕРВЈУ СО ВАСИЛ СТЕРЈОВСКИ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ЕДИНСТВЕНАТА МАКЕДОНСКА ПАРТИЈА ВО АЛБАНИЈА
Вие сте лидер на единствената македонска партија во Албанија – Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ). Кои се клучните човекови и малцински права на Македонците во Албанија што и понатаму остануваат неостварени?
– И покрај формалното признавање, многу суштински права на Македонците во Албанија и понатаму остануваат неостварени. Најпрво, образованието на мајчин македонски јазик е дозволено само во областа Мала Преспа, додека во другите региони каде што живее македонско население како областите Голо Брдо, Гора и урбаните средини, тоа право не се спроведува, што директно придонесува за постепено губење на македонскиот јазик и идентитет.
Дополнително, административно-територијалната реформа од 2014 година негативно се одрази врз правата на Македонците во областите Гора и Голо Брдо. Со укинувањето на локалните општини, македонските заедници останаа без свои институции и механизми преку кои можат да ги штитат своите интереси и да влијаат врз локалниот развој.
Клучно прашање е и недоволната застапеност на Македонците во институциите на системот, како на локално така и на национално ниво. Сè уште недостигаат законски загарантирани квоти за политичко претставување на малцинствата во албанскиот парламент, што е стандард во повеќе европски држави. Исто така, недостига редовна програма на македонски јазик на албанската државна телевизија, што е важно за зачувување на јазикот, културата и информираноста на заедницата.
Зачувувањето на македонскиот идентитет бара и континуирана поддршка од државните институции преку финансирање културни манифестации, медиуми и здруженија на Македонците.
Конечно, потребно е итно издвојување посебен буџет од страна на албанската влада за развој на регионите населени со Македонци, кои веќе 35 години се системски запоставени. Без ваков пристап, нема да има реална економска и социјална рамноправност.
-Македонците во Албанија, како автохтон народ, и денес се соочуваат со сериозни предизвици, социјални, економски и културни, што се разликуваат во зависност од тоа дали живеат во рурални или урбани средини. Во руралните подрачја, особено во областите Мала Преспа, Голо Брдо, Гора и селото Врбник, секојдневието го отежнуваат недостигот од базична инфраструктура, ограничениот пристап до здравствена заштита, високата невработеност, миграцијата и намалената јавна поддршка. Овие региони со децении се меѓу најзапоставените во Албанија, што придонесе многумина да ги напуштат родните огништа и да заминат во внатрешноста или надвор од земјата, вклучително и во Канада. Во урбаните центри, пак, предизвиците се поврзани главно со невработеноста и процесите на асимилација, коишто го загрозуваат зачувувањето на македонскиот идентитет, јазик и култура. И покрај тоа, македонската заедница во Албанија останува цврста и посветена на борбата за своите права и достоинство, со голема поддршка од иселеништвото, особено од нашите Македонци во Канада, кои се вистински амбасадори на македонската кауза.
Какви се моменталните предизвици со кои се соочуваат Вашата партија и македонската заедница во процесот на зачувување на јазикот, културата и идентитетот во една мултиетничка држава како Албанија?
– Македонската алијанса за европска интеграција претставува единствениот автентичен политички глас на Македонците во Албанија. Како партија од центарот, нашата основна мисија се заштитата и промоцијата на македонскиот идентитет, јазик, култура и традиции, како и целосна интеграција на Македонците во албанското општество, со почитување на нивната етничка и културна различност.
Во последните години, меѓу најсериозните предизвици со кои се соочуваме се обидите за асимилација и политичкиот притисок од страна на Бугарија, која преку своето членство во Европската Унија настојува да ги избрише македонските корени во Албанија. Оваа политика на негирање и асимилација се спроведува на терен и со молчаливо одобрување, а понекогаш и со отворена поддршка од страна на албанските институции, особено кога станува збор за чувствителни моменти во европската интеграција на Албанија.
Најочигледен пример за ова е признавањето на т.н. бугарско малцинство во 2017 година, без исполнување на какви било правни или статистички критериуми, како резултат на директен притисок од Софија и закана со вето за започнување на преговорите со ЕУ. Тоа претставува сериозен удар врз правата на Македонците и врз стабилноста на меѓуетничките односи во земјата.
Покрај институционалниот притисок, МАЕИ постојано се соочува со координирани напади на структури од Бугарија, Албанија и дури и од Република Македонија, со цел да се дефокусира вниманието од вистинскиот проблем, системското негирање и маргинализирање на Македонците, особено од страна на бугарската држава.
Најистакнат пример за ова е тужбата поднесена против МАЕИ од страна на фондацијата „Бугарска меморија“ на Милен Врабевски. Фондацијата, преку адвокатска канцеларија во Тирана, бара од Основниот суд во Корча отштета од 10.000 евра поради наводни „клеветнички и навредливи изјави“, како и јавно извинување на официјалната веб-страница на партијата, во весници и до институции во Албанија и странство. Оваа тужба следува по дописот што МАЕИ го испрати до премиерот на Албанија, до државните институции и дипломатските претставништва, барајќи забрана на активностите на оваа бугарска фондација во Албанија. Судскиот процес е сè уште во тек.
Во ваква атмосфера на политички, правни и медиумски притисоци, МАЕИ продолжува да го брани интересот на македонската заедница. Како политички субјект, остануваме неутрални во внатрешнополитичките пресметки во Република Македонија, но сме отворени за институционална соработка со сите политички партии и државни институции во интерес на Македонците во Албанија.
И покрај сите пречки и закани, МАЕИ останува доследна на својата мисија. Со сопствени сили, со поддршка од македонската заедница и пријателите на македонската кауза, ќе продолжиме да се бориме за правата, слободите и достоинството на Македонците во Албанија, како и за зачувување на македонскиот јазик, култура и историски идентитет.
Неодамна Европскиот парламент го изгласа извештајот за Македонија во кој македонскиот јазик и идентитет беа целосно изоставени. Како го толкувате Вие овој чекор?
– Бришењето на македонскиот јазик и идентитет од извештајот за Македонија, под диригирано влијание на Бугарија, претставува срамна страница во историјата на Европскиот парламент и тежок удар врз темелите на Европската Унија изградени врз човекови права, еднаквост, недискриминација и почитување на различноста. Наместо да биде заштитник на овие вредности, Европскиот парламент, со овој чин, се покажа како заложник на балканскиот национализми и уценувачка политика.
Европската слободна алијанса (ЕФА), политичката групација што ги претставува малцинствата во Европскиот парламент и каде што членува и нашата партија – Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), заедно со ОМО „Илинден“ – Пирин од Бугарија, јавно реагираа на игнорирањето на македонскиот народ и предупредија на опасноста од создавање преседани што ги поттикнуваат негирањето и асимилацијата.
Со попуштањето пред националшовинистичките барања на Бугарија, ЕУ испраќа погрешна порака дека нејзините институции се немоќни или незаинтересирани да ги заштитат правата на малцинствата, особено македонското малцинство во Бугарија, кое со децении се соочува со системска дискриминација, политичко исклучување и целосно непостоење во правниот поредок на државата. Тоа не е само неправда, тоа е срам за демократијата.
Истите тие механизми на притисок, Бугарија ги користи и во однос на Албанија, условувајќи го европскиот пат на земјата со барања што директно се насочени кон негирање на македонскиот идентитет, јазик и културно наследство. Наместо европски дух и соработка, сведоци сме на обиди за политичка уцена и асимилација. Но, Македонците, без разлика каде живеат, не се и нема да бидат народ без глас. Нашата борба за правда, еднаквост и признавање ќе продолжи, со уште поголема решеност, на секое можно ниво, од локално, до европско.
Годинава на Илинден, еден од најзначајните македонски национални и верски празници, ќе гостувате во Канада по покана на организацијата „Обединети Македонци“. Ќе бидете специјален гостин на 67-от традиционален Илинденски пикник. Какво е чувството пред средбата со македонската заедница во Канада?
– Голема чест и искрено задоволство ми е што повторно ќе имам можност да ја посетам Канада и да се сретнам со нашата многубројна и горда македонска заедница таму, која со децении ги чува македонскиот јазик, култура и идентитет далеку од татковината. Овој пат Илинден ќе го прославам со македонскиот народ во Канада, на 67-от традиционален пикник на организацијата „Обединети Македонци“, настан што е вистински симбол на македонската национална свест и континуитет и кој низ годините обедини илјадници Македонци, дури и до 20.000 Македонци, под едно знаме – македонското! Со нетрпение ја очекувам средбата со нашите луѓе, со нивните приказни, нивната љубов кон Македонија, и заедно, во духот на Илинден, да ги прославиме слободата, достоинството и иднината на македонскиот народ!
Денес, кога македонскиот народ се соочува со нови форми на негирање, асимилација и политички уцени, единството, будноста и активната улога на Македонците во светот се поважни од кога било. Да останеме гласни, активни и горди на своето потекло. Да не дозволиме никој да ни го одземе она што со векови е наше, нашето македонско име, јазик, култура и историја. Ние, Македонците, сме мал народ, но со голема душа и силен карактер. Заедно, преку меѓусебна поддршка и солидарност, можеме да се спротивставиме на секоја неправда и да го зачуваме нашето достоинство.Нека нашата врска остане силна и нераскинлива. Ви испраќам искрени поздрави и порака на благодарност и обединување, за Македонија, за иднината, за правдата!
Д.Ст.
Претседателот на единствената македонска партија во Албанија МАЕИ, Васил Стерјовски, се повика и на интервјуто за медиумот „Македонија“ – Торонто, во пресрет на неговото гостување во Канада на 67-от традиционален македонски Илинденски пикник, кој ќе се одржи на 3 август во Торонто