- Еден генерален заеднички заклучок што може да се извлече од двете страни потписнички на Преспанскиот договор е дека тој се покажа како неспроведлив, а со тоа и нефункционален
- Второ, спогодбата од Нивици е правно и политички квалификувана како лоша, а кога нешто е лошо и нефункционално, тогаш сосема е логично тоа да се напушти и да се направи простор за отворен дијалог низ кој Македонија и Грција ќе најдат вистински решенија што ќе ги зближуваат двете земји и двата народа наместо да генерираат незадоволства и фрустрации
- Трето, и официјален Вашингтон и Брисел се свесни дека договорот е лош и е спротивен на меѓународното право, но поради одредени свои причини тие не отстапуваат од него, засега, па дури и наметнаа казни за секој што ќе отстапи од договореното. Сепак, ваквата вештачка состојба не може да опстои на подолг рок
Ниту шест години од потпишувањето не беа доволни Преспанската спогодба да заживее на начин како што очекуваа главните актери што учествуваа во целиот проект за преименување на државата, па затоа сѐ почесто се наметнува дилемата дали нешто што не функционира треба да се напушти и да се замени со вистинско функционално решение.
Многу незадоволни – малку задоволни од актуелната Преспанска спогодба
Уште пред потпишувањето на Преспанската спогодба мнозинството македонски граѓани беа против, без оглед што ветувањата беа брз влез во НАТО и во ЕУ, што јасно говори дека народот приоритетот го дава на заштитата на националното достоинство, на својот вековен идентитет, јазик, култура и историја.
Ваквиот бран незадоволство во Македонија тлееше подолго време, а се засили по смената на власта во земјава, која сиве овие шест години здушно се обидуваше да го одомаќини новото име на државата и таму каде што треба, но многу повеќе каде што не треба, што резултираше со дополнителни фрустрации и револт кај граѓаните, што се манифестираше на последните избори.
Заклетвата на новата македонска претседателка Гордана Силјановска-Давкова, која се заколна дека ќе им служи на интересите само на Македонија, без да ја употреби придавката, предизвика реинкарнација на националното достоинство системски погазувано изминатите седум години, но и враќање кон она што значи лично право на идентитетска самоидентификација, без никакви скрупули и ограничувања, токму онака како што налага меѓународното право.
Противење кон спогодбата од Нивици искажуваше и тогашната грчка опозиција, а сегашна власт, која не само што не гласаше за спогодбата во грчкиот парламент туку организираше и серија протести во северниот дел на земјата токму за да искаже несогласување со она што го договорија поранешните премиери Ципрас и Заев, а го поддржа меѓународната заедница. Истите политики на неприфаќање на спогодбата продолжија и откако грчката опозиција стана власт во 2019 година, така што во нејзиниот петгодишен мандат не се имплементираше ниту еден сегмент од договорот. Изјавите на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис дека договорите морале да се почитуваат, па дури и Преспанскиот, се само обична флоскула за да се замачкаат очите пред сѐ на Брисел и официјален Вашингтон, како еден вид гаранти на спогодбата од Нивици.
Генералниот заклучок што може да се извлече, имајќи го предвид општото расположение во двете земји, е дека спогодбата од Нивици е лоша, а кога е нешто лошо и нефункционално, тогаш сосема е логично тоа да се напушти и да се направи простор за отворен дијалог низ кој Македонија и Грција ќе најдат вистински решенија што ќе ги зближуваат двете земји и двата народа наместо да генерираат незадоволства и фрустрации.
И официјален Вашингтон и Брисел се свесни дека договорот е лош и е спротивен на меѓународното право, но за да го заштитат заради задоволување на сопствените геостратегиски интереси наметнаа казни и закани со црни листи за секој што ќе отстапи од договореното. Сепак, ваквата вештачка состојба не може да опстои на подолг рок и веќе почнуваат да се испраќаат сериозни сигнали дека земјите потписнички не ја сакаат спогодбата и бараат начин како да излезат од неа.
Сивата еминенција од владејачката партија на актуелниот грчки премиер со
силни пораки да се делегитимира Преспанскиот договор
Најдобра потврда дека и во Грција има сериозен отпор кон Преспанската спогодба, без оглед на дипломатските изјави на Мицотакис дека договорите морале да се почитуваат, говорат последните изјави на поранешните грчки премиери, инаку членови на владејачката Нова демократија.
Повеќе од извесно е дека тие, како поранешни високи функционери, само ја пренесуваат пораката зад која всушност стои официјална Атина, но не се осмелува гласно да ја каже.
– Сликата на нашата земја е потресна. Јадеме навреда, понижување, едноподруго! Од скопјани, Албанци и секако нашите „пријатели“ Турците. Незамисливо е што се случува… Предупредив и за потребата од наше постепено исклучување од срамниот Договор од Преспа, кој Скопје не го почитуваше од почетокот, како што не ја почитуваа ниту Привремената спогодба на Андреас Папандреу. Добро ми е познато што значи притисок од „пријатели“, секако во нивен интерес. И на Костас Караманлис му беше извршен, но во Букурешт рече „не“. И мене ми беше извршен, но ги пресеков од почеток и никогаш не го повторија тоа.
Завчера, скопската претседателка на државата Силјановска јавно ја изрази иредентистичката догма: вели, се сретнала, со претставници на децата бегалци од Егејска Македонија и разговарала со нив за прославите за 75-годишнината од прогонот на Македонците од Егејот. Значи, Договорот од Преспа е тој што ги поттикнува национализмот и аспирациите на некои комбинации на сили на Балканот. Ова беше цврсто мислење на нашиот основач, Костантинос Караманлис, претседателот на Републиката, кој низ солзи рече „Македонија е една и таа е грчка“. Што друго треба да слушнеме за конечно да се разбудиме – праша поранешниот грчки премиер Андонис Самарас, говорејќи на промоција на книга во Атина пред поголемиот дел од врвот на Нова демократија, притоа апелирајќи до актуелните грчки власти да заземат поостра политика кон Скопје и Тирана. Ексгрчкиот премиер, кој во 90-тите години на минатиот век ја вршеше функцијата шеф на грчката дипломатијата и беше секогаш на тврди позиции во однос на земјава, побара Атина да ја следи политиката на Софија и да стави вето на секој чекор кон Брисел.
Со Самарас се согласи и неговиот колега Костас Караманлис. И овој поранешен грчки премиер побара актуелната грчка влада да води поостра политика кон Македонија.
– Косово е во ќор-сокак, а национализмите во нашиот регион повторно се во пораст. Мора да се испрати јасна порака до Тирана и до Скопје дека такво однесување како на двете земји кон нашата земја не е толерантно и повлекува последици и да укаже дека патот кон Европа зависи од Грција – порача Караманлис.
Повеќе од очигледно е дека изјавите на обата грчки поранешни премиери не се обично пукање во празно, туку се добро координирани и подготвени со една и единствена цел, да се испрати јасна и недвосмислена порака дека Грција е подготвена да излезе од Преспанската спогодба.
Кога е нешто лошо и нефункционално за две страни, треба да се промени
со подобро
Несомнено, она што го заговараат и Самарас и Караманлис подразбира постепено излегување од Преспанската спогодба, без да прецизираат што временски би значело тоа. Извесно е дека намерата е да се добие на време, за да се подготви грчката дипломатија за евентуални нови преговори со Македонија во кои, според нивните замисли, би дошле до подобар договор.
Кога веќе за Грција е навредлив и деноминирачки Договорот од Преспа, која со него го доби сиот ексклузивитет над името „Македонија“ и сѐ што произлегува од тоа име, Македонија има далеку повеќе причини за да биде навредена и понижена од истиот договор, имајќи предвид дека е спротивен на меѓународното право и на „јус когенс“ нормата.
По таа логика, ако незадоволството е заеднички став на обете влади и во Скопје и во Атина, а е предизвикано од различните гледишта кон точките во договорот, тогаш тие разлики всушност го прават неважечки бидејќи различните ставови во еден договор, всушност се еднакви на неважечки договор за двете страни. Ако двете страни сметаат дека е неважечки овој договор, тогаш треба да се изгради нов договор така што обете страни заеднички ќе ги информираат олеснувачите, ОН и некои други меѓународни тела, дека во овие шест години спогодбата не ја постигнала целта. Тоа на овој или оној начин веќе го констатираа и првата и втората страна во договорот. По силата на меѓународното право, таквиот договор станува веќе неважечки. Во такви услови, најлогична одлука е од двете засегнати страни потписнички да се напушти тој договор, дали постепено или веднаш е прашање на обостран договор, по што веднаш ќе се информира меѓународната заедница дека е потребен нов функционален договор.
И актуелниот грчки премиер Кирјакос Мицотакис постојано повторува дека спогодбата не е добра, но мора да ги балансира односите со официјален Вашингтон и затоа оперира со дипломатска терминологија од типот дека „договорите мора да се почитуваат“, иако во пракса не го прави тоа. Самарас и Караманлис го кажаа тоа што Мицотакис вистински го мисли.
Впрочем, дипломатска практика во вакви случаи е циркулирањето на некаков „нонпејпер“, кој би бил во насока на новиот македонско-грчки договор и преку кој ќе се информира меѓународната заедница дека Македонија и Грција констатирале дека Преспанската спогодба не ја постигнала целта и дека двете земји заеднички седнале и нашле подобро решение што е прифатливо за двете страни и што отвора перспективи за вистинско меѓусебно зближување
За почеток – „нонпејпер“ како вовед во нов договор
Многу веројатно е оваа тема за нефункционалноста на Преспанската спогодба да се отвори и на маргините на претстојниот НАТО-самит во Вашингтон, каде што се очекува да дојде до средба на македонскиот премиер Христијан Мицкоски со неговиот грчки колега. Тие обајцата споделуваат идентичен став на незадоволство од договорот, но секој од своја перспектива, така што имаат добра можност да отворат дискусија за евентуален нов договор што Македонија и Грција заеднички би го поднеле пред меѓународната заедница, договор во кој нема да има фрустрирани и незадоволни страни. Впрочем, дипломатска практика во вакви случаи е циркулирањето на некаков „нонпејпер“, кој би бил во насока на новиот македонско-грчки договор и преку кој ќе се информира меѓународната заедница дека Македонија и Грција констатирале дека Преспанската спогодба не ја постигнала целта и дека двете земји заеднички седнале и нашле подобро решение што е прифатливо за двете страни и што отвора перспективи за вистинско меѓусебно зближување.
Напуштањето на спогодбата од двете страни ги враќа состојбите од претходно, а Македонија во соработка со стратегиските партнери ќе продолжи да трага по решенија што ќе бидат во насока на трајно затворање на проблемите со Грција, низ отворен и инклузивен процес. Исклучително е важно процесот да биде транспарентен, отворено да слушнат сите, вклучувајќи ги и посредниците, дека нивното претходно решение не ги дало очекуваните резултати и дека треба да се промени со ново подобро решение. Во меѓувреме, додека да се подготви ново решение, ОН и САД може да го мониторираат процесот на повлекување од Преспанската спогодба, но и да ги следат состојбите и процесите во двете земји, клучни за создавање нов историски договор.
Мислењето на неколкумина странски експерти по меѓународно право е дека според дефиниција, Преспанската спогодба де факто треба да биде прогласена за неважечка.
– Ако се водиме по правната логика, кога две страни потписнички не се задоволни од постигнатиот договор, не го сакаат и сакаат да се повлечат, никој не може да ги спречи во таквата намера. Многу земји потписнички дури и еднострано се повлекле од меѓународни договори, а не, пак, ако тоа го сакаат двете земји потписнички. Додека низ неколку етапи се напушта стариот договор, треба да почнат тимови од двете земји да работат на нов договор, но не како што беше случајот со Преспанската спогодба, туку процесот да биде транспарентен, во согласност со мониторинг-процесот, со меѓународното право, да се вклучат меѓународни експерти што нема да дозволат кршење на јус когенс нормата, потоа да се ангажира и независно експертско тело, за да може да се изготви договор што ќе биде во согласност со највисоките меѓународни правни норми. Ако се постигне такво нешто, тоа ќе значи и еклатантен пример за враќање кон меѓународното право, нешто што почна забрзано да се напушта во многу светски процеси. Ова може да биде иницијалната каписла што ќе ги врати ОН и големите сили кон доследно почитување на меѓународното право, но и пример преку кој ќе се сугерира дека меѓународното право е пред сѐ и над сѐ – велат експертите по меѓународно право.
Тие уште сугерираат дека двете влади мора да најдат начин како да ги презентираат своите идеи и планови пред релевантните меѓународни институции и центри.
– Најдобар начин е сето тоа да се стокми во некаков нонпејпер, кој ќе биде лиферуван пошироко, за да можат сите да се запознаат со новите состојби и гледишта меѓу Македонија и Грција. Несомнено, актуелното незадоволство што тлее од вака брзоплето скроената Преспанска спогодба е многу поопасно бидејќи може да создаде дополнителна криза манифестирана со нови националистички изблици, кои уште повеќе ќе ги проблематизираат односите меѓу двете земји, инаку сојузнички во НАТО. Таквите тензии влијаат и врз компатибилноста на Алијансата, особено во услови на воени превирање во блискиот регион, како во Украина така и на Блискиот Исток. Разјадени меѓусебни односи меѓу членки внатре во НАТО се непосакувано сценарио, па затоа логично е проблемите да се решаваат на ефикасен начин, на задоволство на обете страни. Актуелното решение е неодржливо и само ќе прогресираат лошите состојби – констатираат странските експерти.