Полезни совети за граѓаните во пресрет на првиот топлотен африкански бран на Балканот и во Македонија
Започна шестиот месец во годината, имено, јуни, кој, според синоптичарите, ќе биде обележан со драстичен пораст на температурите. Со почетокот на јуни доаѓа првиот топлотен бран на Балканот годинава, што ќе ја зафати целата територија на Македонија. Според консултираните специјалисти по синоптика, со почетокот овој месец, таканаречен африкански антициклон пристигнува над Балканскиот Полуостров, кој ќе донесе високи летни температури. Во првата недела од месецов, африканскиот антициклон ќе се шири кон Апенинскиот и Балканскиот Полуостров и ќе донесе забележително зголемување на температурите, при што ќе имаме температури над 35 Целзиусови степени. Но, исто така, синоптичарите издвојуваат дека по првиот топлотен бран ќе следува период на обилни врнежи од дожд, поради што се можни и временски непогоди, како што се поплавите.
Какви се прогнозите до крајов на тековнава седмица?
Синоптичарите издвојуваат дека првата седмица на јуни ќе биде „загревање за наредниот, уште потопол период“. Најниската температура ќе биде од 15 до 20, а највисоката од 31 на почетокот до 36 степени во втората половина од следната недела. Во поголемите градови, особено во Скопје, се очекуваат и ноќните температури да бидат невообичаено високи за овој период на годината, а температурата ноќе да не паѓа под 20 Целзиусови степени.
Во тој контекст, соговорниците издвојуваат дека ќе има и зголемување на УВ-индексот, поради што ќе биде потребно граѓаните при изложување на сончева светлина соодветно да ја заштитат кожата. УВ-индексот ќе се движи од 8 до 10, при што мерките за заштита од сонце ќе бидат неопходни за оние што планираат да се сончаат или да бидат изложени на сончево зрачење подолго време, поради природата на својата работа.
Какви се прогнозите во текот на средината на јуни?
Во текот на средината на месецот доаѓа до одредена стабилизација на времето, кога ќе ослабне влијанието на африканскиот антициклон. Имено, според синоптичарите, втората декада од јуни ќе биде многу попријатна во однос на температурата. Имено, влијанието на жешкиот африкански циклон ќе ослабне, а влијанието на посвежиот антициклон ќе се зајакне. Сепак, соговорниците ни издвојуваат дека „температурата и во средината на јуни ќе биде над нормалата, но во границите на летото и нема да има тропски карактеристики“. Ќе се движи од 26 до 31 Целзиусов степен. Но интересно е дека при крајот на втората декада од месецот (средината и крајот на третата седмица од јуни), метеоролозите предвидуваат засилени атмосферски талози во вид на обилни врнежи проследени со атмосферски електрични празнења (молњи, грмежи и громови), а веројатноста за предизвикување поплави ќе се зголеми. Количеството врнежи се предвидува да бидат околу 30 милиметри, што е доволно за да предизвикаат поројни поплави во градовите, па затоа е потребно превентивно да се чистат одводите.
Прогнози за последната недела на јуни
Со почетокот на календарското лето, на 22 јуни, африканскиот антициклон ќе се зајакне, што ќе предизвика постепено прекинување на врнежите, но и зголемување на температурата. Ќе има сè повеќе сонце, а дневната температура повторно ќе се зголемува, така што на крајот на јуни повторно ќе започне топлотен бран со тропски температури од 31 до 36 Целзиусови степени. Н.М.
Со доаѓањето на првиот топлотен бран во Македонија доаѓаат и лекарските предупредувања до граѓаните, особено за ранливите категории: повозрасните
и граѓаните со хронични болести
Совети што треба да се следат во пресрет на првиот топлотен бран
Консултираните лекари издвојуваат за граѓаните неколку превентивни заштитни мерки во пресрет на топлотниот бран, како и заради амортизирање на здравствените импликации што влијаат на здравствената состојба кај граѓаните. Имено, наброените заштитни мерки особено ќе им користат на ранливите групи граѓани, особено на постарите лица што страдаат од кардиоваскуларни, респираторни, ендокрини, психогеријатриски и други хронични заболувања…
1. Повозрасните граѓани не треба да бидат изложени на сонце меѓу 10 часот наутро и 17 часот навечер.
2. При напуштање на својот дом, би било добро повозрасните лица да ја заштитат главата со шапка, шал или капа и да носи полесна облека со посветли (бели) тонови и обувки.
3. Потребно е дневно да се консумираат до два литри течности или осум чаши негазирана вода, или во форма на супи, чорби или чаеви, и да се избегнува пржена, панирана, слатка и многу солена храна, како и зачинети јадења. Да се консумира многу сезонско овошје и зеленчук и да се почитуваат упатствата за правилна исхрана за повозрасни лица.
4. Покрај следењето на упатствата на матичниот лекар, во врска со третманот и лековите, потребно е почесто следење на крвниот притисок (во домашни услови).
5. Појавата на главоболки, гадење, вртоглавица и дехидратација, сува уста и кожа се предупредувачки знаци, особено за постари лица што се болни и функционално онеспособени, а постариот пациент мора итно да се јави кај својот матичен лекар или во најблиската служба за итни случаи.
6. Членовите на семејството, пријателите, соседите, познаниците и специјализираните граѓански организации што се грижат за старите лица треба почесто да контактираат со повозрасните лица во текот на жешките летни месеци, а во случаи на намалени функционални способности, за членовите на семејството, препорака е контактите да бидат дури и неколкупати на ден.
7. Неопходно е возрасните лица да ги имаат при рака основните информации: име и презиме, година на раѓање, адреса на живеење и телефонски број на лицето за контакт, со кое може да контактираат доколку е потребно.
8. Потребно е редовно да се одржува чистотата на телото.
9. За повозрасните лица, постојаната физичка и ментална активност е исклучително важна. Особено е корисна лесната физичка активност наутро и навечер, по можност во природа (паркови, шеталишта покрај реките, езерата, реки, во градина итн.).
10. Неопходно е редовно проветрување на просториите во кои живее повозрасното лице.
11. Разликата помеѓу собната температура постигната со употреба на уреди за ладење и надворешната температура не треба да биде поголема од 7 степени, бидејќи постариот организам не може да се приспособи на ненадејна промена на температурата за кратко време. Уредите за ладење треба редовно да се одржуваат за да се избегне контаминација на воздухот со микроорганизми (бактерии, мувла) и други загадувачи, кои предизвикуваат иритација на мукозните мембрани со можни алергиски реакции и инфекции на респираторниот тракт.
12. Предупредување од највисок степен: никако не смее да се оставаат во автомобил повозрасни лица да чекаат, ниту деца, ниту, пак, домашни миленичиња (ниту на сенка, ниту, пак, на сонце), ниту за најкусо време!