Христо Татарчев

„Индивидуалноста на македонскиот народ, која што е резултат на именити сили кои дејствувале низ вековите, е зачувана и до денес, а ќе се зачува и во иднина. Зошто во него живее оној невидлив и незнаен од никого дух, кој ја создаде неговата судбина. Имено тој дух, заедно со духот на безбројните херои кои паднаа за слободата на Македонија, кој што лебди над нашата убава земја, го зачувува во Македонецот светиот огин за слободата, ја зачувува безусловната љубов кон татковината во Македонецот, за да и служи саможртвено, групиран околу својата веќе историска револуционерна организација, од провидението предопределена со мисијата да ја постигне слободата и независноста на Македонија“, Христо Татарчев

Повод – 155 години од раѓањето на Христо Татарчев

Деновиве се одбележуваат 155 години од раѓањето на Христо Татарчев, еден од основачите на Македонската револуционерна организација (МРО) и прв претседател на Централниот комитет. Роден е на 16 декември 1869 година во Ресен, потекнувал од богато трговско и банкарско семејство. Се школува во Пловдив, Цирих и во Берлин. Поради својата револуционерна дејност во 1901 година бил притворен и осуден на заточеништво во Бодрум Кале. Во 1902 година е помилуван и заминува во Софија каде што како задграничен претставник на Македонската револуционерна организација (МРО), заедно со Христо Матов, ја донесува одлуката за кревање на Илинденското востание. Во постилинденскиот период неговото влијание се намалува и постепено се повлекува од револуционерната дејност. По Првата светска војна е меѓу главните критичари на Тодор Александров и еден од основачите на Македонската федеративна организација, позната и како Македонска федеративна револуционерна организација. Поради заканите од страна на ВМРО и Тодор Александров, принуден е да емигрира во Италија. Татарчев е автор на голем број статии за Македонската револуционерна организација и македонското политичко прашање. Многумина пишувале за Македонската револуционерна организација (МРО) и за македонската борба за слобода и државност, но авторските текстови на Христо Татарчев на оваа тематика се автентично видување на нештата.

За основањето на револуционерната организација

За основањето на Македонската револуционерна организација (МРО) и зачетокот на македонското организирано револуционерно движење, Татарчев посочува дека „Македонската внатрешна организација се наложила како мисла и акција од оној комплекс на историски сили, кои со години тлееле во народот и го чекале моментот за да се конкретизираат во животот“.
– Македонскиот народ откако се ослободи од духовно-културната власт на Цариградската патријаршија, не можеше да остане индиферентен кон политичко-социјалните услови кои владееја со неговата татковина. Затоа идејата за слободата за него беше една насушна неопходност за пројава на неговиот дух и волја. Таа неопходност го поттикна да ја напушти вековната пасивност и да прибегне кон оние методи и дејствија кои што беа прифатени во светската историја за слободата. Тој негов стремеж се објективизира во почетокот на 1893 година кога беше формирана конспиративната организација – ВМОРО. Солун стана негово родно место и центар на револуционерната дејност – нагласува Христо Татарчев
Тој исто така забележува дека основачите на Македонската револуционерна организација (МРО) биле одраз и носители на аспирациите и желбите на „својот народ – слобода и национална самостојност.“
– Целта на ВМОРО се состоеше од извојување на слобода за Македонија во духот на автономниот принцип, кој што требало да ги задоволи сите етнички заедници во Македонија, како и интересите на соседните држави. Внатрешната организација немаше егоистично-националистичка основа, напротив имаше универзална, а таа универзалност најкатегорично беше потцртана со девизата Автономна Македонија, а подоцна и со допуштање на инородните народи во редовите на револуционерната организација и забрана за гркоманските села да преминуваат под власта на Бугарската егзархија поради што се создаде конфликт помеѓу Внатрешната организација и Егзархијата – посочува Татарчев за идеалите на македонското движење.
Во однос на автономниот принцип, Татарчев вели дека бил прифатен од тактички причини, но, според него, „законските барања на Македонците се обединета и независна Македонија, како што разбирала и Внатрешната организација. Предилинденската епопеја беше прелудиум и ореол на една логична историска разврска – Илинденското востание“.

За поделбите во македонското револуционерно движење

Во однос на поделбите и судирите во македонското револуционерно движење, Христо Татарчев вели дека Врховниот македонски комитет од Софија бил носител на бугарската државна идеја, а Внатрешната организација била изразител на идејата за слободата, автономијата на Македонија. Според него, револуционерната дејност во Македонија најпрво лежела во црковноучилишното дело, кое постепено се изместувало кон револуционерна борба и „Македонија се поделила на два непријателски лагера, а тоа наоѓало одзвук и во Бугарија“.
Според првиот претседател на Централниот комитет, МРО во своите редови ги примала сите бујни, неопитни и идеални момчиња. И покрај големиот прилив на интелигентни луѓе од сите професии со најразлични идејни разбирања, кои МРО можела да ги канализира и најрационално да ги употреби за своите цели, секој личен елемент бил задушуван од општиот идеал, посочува Татарчев. Расцепот меѓу македонските дејци настапил по Илинденското востание, а бил поттикнат и од некои општествени сили во Бугарија, кои сакале преку МРО да имаат улога во политичкиот живот. Татарчев забележува дека настанале две теченија – југоисточно (серско) и северозападно (скопско, битолско). Антагонизмот најпрво бил на теориска почва, а потоа се изродил во гонења и убиства, нагласува Татарчев.

За македонските национални идеали

Според Татарчев, Илинденското востание било „енергичен вооружен протест против големите сили кои ја толерираа бесправната положба на Македонија. Востанието исто така на виделина изложи зачудувачки карактер, неуништлива енергија и волја, кога робот се побуни со примитивно вооружување против вековниот непријател за да извојува слобода за својата татковина“. Неговото знаме со девизата слобода или смрт се вееше десет дена во прекрасното Крушево, посочува првиот претседател на МРО.
– Илинденското востание беше апогеја на еден можен народен подвиг, устрем и акција, пројавени во името на слободата. Илинден ќе остане легенда за идните генерации и идол на нивните стремежи – нагласува Христо Татарчев.
Во еден свој авторски текст од 1930 година, Татарчев на многу јасен начин ги образложува националните идеали на македонскиот народ. Според него, „Македонија била и си останува култ на македонскиот народ, на неговата религија, род, јазик, на реликвиите на неговите дедовци и прадедовци. Индивидуалноста на македонскиот народ, која што е резултат на именити сили кои дејствувале низ вековите, е зачувана и до денес, а ќе се зачува и во иднина. Зошто во него живее оној невидлив и незнаен од никого дух, кој ја создаде неговата судбина“.
– Имено тој дух, заедно со духот на безбројните херои кои паднаа за слободата на Македонија, кој што лебди над нашата убава земја, го зачувува во Македонецот светиот огин за слободата, ја зачувува безусловната љубов кон татковината во Македонецот, за да и служи саможртвено, групиран околу својата веќе историска револуционерна организација, од провидението предопределена со мисијата да ја постигне слободата и независноста на Македонија. На тој начин не само што ќе се создаде правда и справедливост за достојниот македонски народ, туку ќе се создаде и мир на Балканскиот полуостров – пишува Христо Татарчев.
Во понатамошниот дел од неговиот текст можеме да прочитаме: „Денес љубовта на Македонецот кон татковината не е само чувство, туку и долг кој лежи врз неговата мисла и волја, стимулирајќи ги неговите дела. Тој татковински долг налага стегната организација, ред и дисциплина. Македонија ќе биде извлечена од денешните нејзини владетели-тирани преку упорна борба на целокупниот македонски народ. Во единството на силите на сите Македонци е нашата сила и нашата победа“. Д.Ст.