Убедлив изборен резултат на владејачката коалиција
Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, според резултатите од двата круга на локалните избори, ќе има градоначалници во Скопје и во 54 општини. Втора по бројот на освоени градоначалнички места е коалицијата Вреди со девет. Коалицијата на СДСМ ќе има шест градоначалници, НАИ четири, а движењето ЗНАМ и Унијата на Ромите по еден градоначалник. Една општина ќе ја води независен кандидат.
Според првичните резултати на ДИК, ВМРО-ДПМНЕ, во вториот круг од изборите, освен во Скопје, каде што славеше Орце Ѓорѓиевски, победи и во општините: Аеродром (Дејан Митески), Брвеница (Јован Илиевски), Валандово (Ѓоко Камчев), Виница (Митко Костадиновски), Дебарца (Златко Силјаноски), Демир Капија (Наталија Димитриева), Дојран (Илија Тентов), Карпош (Сотир Лукровски), Кичево (Александар Јовановски), Конче (Златко Ристов), Кочани (Владко Грозданов), Крушево (Нико Чонески), Лозово (Бошко Цветковски), Македонски Брод (Жарко Ристески), Могила (Драганчо Саботковски), Неготино (Марија Нацева), Пробиштип (Тони Тоневски), Ранковце (Даниел Павловски), Росоман (Ѓорѓи Крстевски), Чешиново Облешево (Јорданчо Костадинов) и во Чучер Сандево (Зоран Бајовски).
Коалицијата Вреди, пак, во вториот круг доби четворица градоначалници: во Боговиње (Фети Абази), Дебар (Фесник Мела), Долнени (Блерим Ислјами) и во Тетово (Биљаљ Касами), а СДСМ тројца: во Зрновци (Влатко Митев), Македонска Каменица (Соња Стаменкова) и во скопската општина Центар (Горан Герасимовски). Нов градоначалник во вториот круг има и Струга – независниот кандидат Менди Ќура, поддржан и од коалицијата Вреди, а по еден освоија и Унијата на Ромите со Курто Дудуш во Шуто Оризари, движењето ЗНАМ во Куманово, каде што Максим Димитриевски доби уште еден мандат, како и НАИ во Студеничани со Елми Абази.
Во првиот изборен круг на 19 октомври, ВМРО-ДПМНЕ освои 33 градоначалнички места (Берово, Битола, Босилово, Бутел, Василево, Вевчани, Велес, Гази Баба, Гевгелија, Градско, Ѓорче Петров, Делчево, Демир Хисар, Желино, Зелениково, Илинден, Јегуновце, Кавадарци, Карбинци, Кисела Вода, Кратово, Новаци, Ново Село, Охрид, Петровец, Пехчево, Прилеп, Радовиш, Ресен, Свети Николе, Сопиште, Старо Нагоричане, Струмица и во Штип), Вреди пет (Чаир, Арачиново, Желино, Сарај и Теарце), а по три СДСМ (Кривогаштани, Крива Паланка и Богданци) и НАИ (Липково, Пласница и Чашка).
Во четири општини – Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово и Ростуше – завчера немаше гласање. Причината е недоволниот одзив на гласачи во првиот круг, поради што ќе се спроведе нова изборна постапка во рок од 60 дена од објавувањето на конечните резултати од локалните избори
Ова беа осми локални избори во Македонија, а четврти на кои се избираат градоначалници и советнички листи во 80 општини и Градот Скопје. На изминатите локалните избори учествуваа вкупно 22 партии, 19 коалиции и 119 групи избирачи, односно независни кандидатури.

Тројца пратеници на ВМРО-ДПМНЕ преземаат градоначалнички функции
До Собранието на Македонија се доставени известувања за престанок на мандатите на пратениците Јане Мицевски, Бети Стаменкоска-Трајкоска и Дејан Проданоски, сите од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, откако тројцата пратеници беа избрани за градоначалници на локалните избори.
Јане Мицевски е избран за градоначалник на Општина Сопиште, Бети Стаменкоска Трајкоска е новата градоначалничка на Општина Кисела Вода, а Дејан Проданоски ќе ја предводи Општина Прилеп.
Се очекуваше Собранието на вчерашната седница, прва по одржувањето на вториот круг од изборите, и формално да го констатира престанокот на нивните пратенички мандати.
По заминувањето на тројцата пратеници на новите функции, нивните места ќе бидат пополнети со следни кандидати од соодветните изборни листи. На местата на Стаменкоска-Трајковска и Мицевски ќе дојдат нови пратеници од изборната единица 1, а на местото на Продановски ќе влезе кандидат од изборната единица 4.
Четири жени избрани за градоначалнички
Четири жени успеаја да ја добијат довербата на граѓаните на локалните избори и да бидат избрани за градоначалнички во своите општини – една во првиот круг и три во вториот.
Во првиот круг, единствената избрана градоначалничка беше Бети Стаменкоска-Трајкоска од ВМРО-ДПМНЕ, која ќе ја води Општина Кисела Вода. Во вториот круг, втор мандат освои Соња Стаменкова во Општина Македонска Каменица, поддржана од коалицијата Локални избори 2025 – СДСМ.
Градоначалнички мандат во вториот круг освоија и кандидатките на коалицијата Твоја Македонија – ВМРО-ДПМНЕ, Марија Нацева во Општина Неготино и Наталија Димитриева во Општина Демир Капија.
На овие избори имаше вкупно 309 кандидати за градоначалници, од кои 32 беа жени (10,35 отсто). Најмногу кандидатки – три – имаше во Прилеп, додека, по две се натпреваруваа во Битола, Велес, Карпош, Кисела Вода, Неготино и во Центар. Во 16 општини и Градот Скопје имаше по една кандидатка, а во голем дел од општините жените воопшто не беа присутни на гласачките ливчиња. П.Р.

Премиерот Мицкоски за изборните резултати
Победата е јасна порака од народот во која насока се гради иднината
Победата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата е јасна порака од народот дека по тој правец се гради иднината, истакна премиерот Христијан Мицкоски на прес-конференција во партиското седиште по вториот круг од локалните избори.
– Победата на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и вредностите што таа ги претстави пред граѓаните, за кои се залага и за кои работи е јасна и недвосмислена порака од народот дека само по тој правец се гради иднината. И тоа го потврдија гласовите и во Брвеница и во Кичево, но и во другите мултиетнички општини. И тука ние немаме никаква дилема. Тоа го потврдија и најголемиот дел од кандидатите за градоначалници, сега веќе градоначалници од нашите коалициски партнери во Владата и коалицијата Вреди, но и политичката партија ЗНАМ – рече Мицкоски.
Тој порача дека тие што не застанале зад тие вредности, ќе бидат разрешени од позициите во Владата.
– Тие коишто не застанаа зад тие вредности, како што беше оној кандидат во Брвеница, се поразени. И сега ќе бидат разрешени од таа позиција што ја имаат во Владата. Жалам што се обидоа во една мултиетничка земја да играат на таа кревка карта. И жалам што ме доведоа во ситуација да мора пред многумина од меѓународната заедница да објаснувам како е можно луѓе коишто се дел од оваа владина коалиција да водат таква една безочна кампања. Затоа се тие поразени и ќе бидат испратени во минатото и нека останат да тонат во своето политичко мочуриште, а ние продолжуваме да работиме за нашата заедничка мултиетничка Македонија, Македонија на Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Србите, Власите и Бошњаците. И да, секој оној што работи спротивно од овие принципи, ќе му се заблагодариме од Владата – нагласи Мицкоски, кој беше предвидено денеска да отпатува за Брисел. П.Р.
Орце Ѓорѓиевски избран за нов градоначалник на Скопје
Време е за работа, ред и реални решенија
Орце Ѓорѓиевски е новиот градоначалник на Скопје откако победи на локалните избори како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија. Според податоците на Државната изборна комисија за завчерашниот втор круг избори во Скопје, Орце Ѓорѓиевски освоил 95.572 гласа или 57,03 отсто, а неговиот противкандидат од Левица, Амар Мециновиќ, добил поддршка од 61.475 гласачи или 36,69 проценти.
– Веднаш по земањето на уверението, ветувам дека ќе се борам да ги поправиме состојбите. Дозволете ми да се заблагодарам на мојата најсилна поддршка – претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Се собираа, се групираа, правеа јавни и тајни коалиции, но Скопје покажа дека е вистински обединет град и денеска ги поразивме сите. Бидејќи имаше и ниски удари и удари под појас, сакам да му се заблагодарам на моето семејство – рече Ѓорѓиевски во своето обраќање по објавување на изборната победа.
Тој додаде дека неговата цел е градот да стане пример за добро управување и да се слуша секој глас на граѓаните.
– Ние сме тука за сите скопјани, без разлика на политичката припадност. Сега е време за работа, ред и реални решенија – истакна новиот градоначалник.
На функцијата прв човек на главниот град, која ќе ја преземе со добивање на уверението од ДИК, Ѓорѓиевски стапува по четиригодишниот градоначалнички мандат во скопската општина Кисела Вода (од 17 октомври 2021) и со искуство како претседател на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС).
– Време е Скопје повторно да го вратиме на скопјани и да изградиме град со кој ќе се гордееме сите ние и генерациите по нас – изјави Ѓорѓиевски на почетокот на јули годинава на прес-конференција на која лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ја соопшти одлуката на партискиот Извршен комитет тој да биде нивен кандидат за градоначалник на Скопје на локалните избори.
На кампањата за изборите, Ѓорѓиевски се претстави под слоганот „Прво човек, потоа градоначалник“ и на првата прес-конференција од нејзиниот почеток, на 29 септември, ја презентираше програмата „Визија за Скопје 2025-2045“, зад која, рече, стои неговиот тим од стручни соработници. Програмата се заснова на седум главни столба, кои, како што рече Ѓорѓиевски, се „темелите на иднината на нашиот град“ со кои „почнува урбаната ера која Скопје ќе го преобрази во европска метропола“: 1. Одржлив урбан развој во следните 20 години; 2. Здрава животна средина, 3. Целосна комунална обнова на градот; 4. Враќање на културниот идентитет на Скопје; 5. Дигитална трансформација и паметни решенија; 6. Скопје – град на младите и науката и 7. Јакнење на јавната грижа и безбедноста. Како што рече, од седумте столба ќе произлезат стотици проекти, „речиси по еден за секој ден од годината“. П.Р.
Одзивот не надмина 50 отсто
Одзивот на изборите за градоначалници и советници за првпат не надминува 50 проценти, ниту во првиот круг ниту во вториот круг, што ги прави овие осми локални избори со најмал одзив од независноста на земјава досега.
Според податоците на ДИК, во првиот круг за градоначалници, одзивот е 48,3 отсто од вкупно регистрираните избирачи. Од 1.832.415 регистрирани избирачи во Избирачкиот список, гласале 885.085 избирачи. Одзивот во вториот круг на локалните избори според податоците на ДИК, од обработени 98,26 отсто од избирачите, изнесува 40,46 проценти. Според првичните неофицијални податоци на ДИК, одзивот во вториот круг е 41,24 отсто. Во вториот круг најголем одзив има во Росоман – 79,68 отсто и во Лозово – 77,85 отсто, додека најмал во Куманово – 35,7 отсто и во Шуто Оризари – 32,03 отсто.
Најголем одзив во првиот круг на изборите за градоначалници во земјава имало на локалните избори во 2013 година – 67 отсто, по што е во постојан пад, на 60 отсто во 2017 и 50,57 отсто во 2021 година.
Над 19 илјади неважечки ливчиња во вториот круг
Во вториот круг од локалните избори се евидентирани вкупно 19.287 неважечки гласачки ливчиња на изборите за градоначалници, што претставува околу 5,6 отсто од сите употребени ливчиња. Според податоците, од вкупно 345.525 гласачи што излегоа на гласање, 19.287 гласачки ливчиња се евидентирани како неважечки. Во Град Скопје, од 167.575 гласачи, 10.528 ливчиња биле неважечки, што претставува 6,3 отсто од вкупниот број. П.Р.
            


































