Фото: Маја Јаневска-Илиева

Зошто ЕУ стана предмет на подбив?

  • „Смешно е, ама и трагично, што има толку многу бирократи во одредени области, а ние сме само нивни обични гледачи. Ќе ги исмејуваме постојано Европската комисија, нејзината претседателка Урсула фон дер Лајен, другите носители на одлуки во Брисел, дипломатската служба на ЕУ. Ќе ги печеме, затоа што тие сакаат да бидат печени!“, вели Кели Агатос, основач и ѕвезда на „Шумановото шоу“, скеч-шоу што оди на репертоарот во бриселски театар секој втор месец, редовно исполнува над илјада седишта и се бара карта повеќе…

Во Брисел пред три дена не недостигаа шеги од албанскиот премиер Еди Рама за време на конференцијата за отворање на преговорите за последното групно поглавје, објавија медиуми на албански јазик од Тирана и од регионот, цитирајќи го Рама, кој низ шега, но сепак и доволно сериозно, им кажа на челниците на ЕУ дека: „Во изминатите години се боревме да продолжиме на патот кон ЕУ, и покрај сите шлаканици и удари што ги добивавме. Попречувањата и ударите во стомак нè направија посилни! Затоа сега за ЕУ е подобро да нѐ прими, ако сакаат да се ослободат од нас. Инаку, ќе ги прогонуваме докрај!“ Рама прозвучи како да говори во одредена мера и за нас, за Македонија, за „ниските евроинтеграциски удари“, кои ни ги задаваат нам од Брисел, од Софија, од Атина, веќе 20 години по ред…

Дали ЕУ е стана шега, фарса или, за жал, трагедија на овој Брисел?

Рама не е ниту првиот, а веројатно нема да биде ниту последниот меѓу оние што правеле и што ќе прават и натаму шеги со Урсула фон дер Лајен и другите комесари и функционери на ЕУ. „СПУИ 25“ – академски и книжевно-културен центар при Универзитетот во Амстердам, како јавна платформа за јавни расправи на жешки и други актуелни теми, на 5 август 2023 година организираше дебата насловена „Дали Европа е шега“. Една од главните пораки на таа дебата, во која учествуваа и редица угледни политички експерти од целата ЕУ, гласеше: „Треба да се прашаме: што и кој ја создава или ја уништува европската култура? Писатели, уредници во медиуми, научници и коментатори се зафаќаат со идејата за Европа, што е проткаена и со хумор, потсмев, сатира, бурлеска. Можеби ни се потребни токму вакви изрази, да не кажеме и трагедија и фарса, за да го раскажеме геополитичкиот момент, во кој живееме“.
Меѓу тие европски писатели, уредници и јавни личности се и телевизиските сценаристи и продуценти на една телевизиска емисија во Франција, кои сосема конкретно се подбиваат со, како што велат, „изгубеноста на евробирократите во Брисел“ и дури се радуваат: колку повеќе нема да знаат што прават и што ќе прават оние, што одлучуваат во ЕУ, толку повеќе ќе има гледаност таа ТВ-емисија во Франција!
Угледната сеевропска медиумска платформа „Еурактив“ во својата анализа „Што е смешно во врска со ЕУ?“ од 9 мај годинава пишува дека разни сатиричари прават политички комедии и се потсмеваат со ЕУ на телевизија и преку интернет.
Угледниот „Еурактив“ пишува: „Поправо тие сатиричари многу објаснуваат со своите исмејувања на Европската Унија. ‘Нашата улога е да им покажеме на луѓето што е тоа Брисел, вели Максим Калигаро, главен писател на сценаријата за комедијата ’Парламент‘, која е фокусирана на ЕУ и која се емитува веќе трета година на француската телевизија. ‘Колку е посложена европската бирократија, колку повеќе се изгубени тие бирократски ликови во Брисел, толку е тоа подобро за комедијата!’ – појаснува Калигаро, кој работи во Европскиот парламент како прес-службеник за либералната група ‘Обнови ја Европа’“.

Шумановото скеч-шоу во Брисел прераснува во јавен спектакл

Кели Агатос е основач и ѕвезда на „Шумановото шоу“, скеч-шоу што секој втор месец е на репертоарот во театар во Брисел, редовно исполнува над илјада седишта и се бара карта повеќе.
– Моделирана според американските ноќни емисии, оваа претстава им се потсмева на немоќните институции на ЕУ, на европските комесари, кои немаат поим за ништо, за нивниот несфатлив жаргон и она што неразбирливо го кажуваат. „Смешно е, ама и трагично, што има толку многу бирократи во одредени области, а ние сме само нивни обични гледачи. Ќе ги исмејуваме постојано Европската комисија, нејзината претседателка Урсула фон дер Лајен, другите носители на одлуки во Брисел, дипломатската служба на ЕУ. Ќе ги печеме, затоа што тие сакаат да бидат печени!“ – посочува Кели Агатос, забележувајќи дека персоналот од машинеријата на ЕУ често дури ѝ се заблагодарува приватно за тоа што таа укажува на смешноста на оние нешта што тие не можат отворено да ги критикуваат. Реномираниот портал „Еуроактив“ со должно внимание го анализира овој културно-политички феномен.

Проѕрени поливалентните политики на двојни стандарди, непринципиелност,
лицемерство и фарисејство на „високиот Брисел“

Низ Европа и Европската Унија, сатиричарите ги исмејуваат политиките на двојни стандарди, непринципиелност, лицемерство и фарисејство на „високиот Брисел“, на Урсула фон дер Лајен, Марта Кос, Каја Калас, Антонио Кошта и веќе отворено ги нарекуваат „бурлеска, хумор…“ Актуелен Брисел стана „циркус со евтини и веќе негледливи претстави, со сите нивни провидни обиди да измамат со ветувањата за животот во еврорајската долината со мед и млеко“.
„Европа меѓу циркусот и хоророт“ е индикативниот наслов на анализата на медиумски експерт од Кипар, Николас Каридес, кој ја потврдува констатацијата дека „ЕУ стана европски циркус“.
– Во Европа насекаде има ситни кловнови, а нема реално лидерство. Во Европа владее неред и се шират рекет и измама. Значи, што треба да направи Европа? Таа нема да може да го избегне своето редефинирање, па дури и да биде измислена повторно.
Европскиот проект можеби започна како заеднички пазар и еволуираше во економска заедница, но сега неговите земји членки можат да преживеат само ако ги обединат своите граѓани да веруваат во ново, поцврсто единствено европско политичко уредување – заклучува Каридес во анализата.
Медиумскиот експерт од Кипар, Николас Каридес, инаку е поранешен новинар, службеник на Европската делегација во Никозија, во Кипар, а сега директор на тамошниот Институт за медиуми.


Повод: Отворањето на сите поглавја од преговорите за членство на Албанија во ЕУ

Македонското друштво „Илинден“ од Тирана со дипломатско „туше“ до Брисел, Тирана и Софија

Од Тирана, пак, од македонското друштво „Илинден“ пристигна не само поздравување поради отворањето на сите поглавја од преговорите за членство на Република Албанија во Европската Унија туку и една дипломатски интелигентно скроена иронија во вид на сериозна надеж дека „со членството во Европската Унија албанските граѓани нема повеќе да бидат принудени да бараат пасоши од земји членки на ЕУ, кои ги користат за влијание и асимилација на малцинствата во Република Албанија“.
Наведувајќи го ова во своето официјално соопштение, МД „Илинден“, сосема јасно се подразбира, очекува дека, со влезот на Албанија во ЕУ, Македонците како албански граѓани нема да бидат повеќе принудувани да земаат бугарски („европски“) пасоши во замена за нивната согласност да бидат асимилирани и бугаризирани од страна на Софија.
Како иден Европеец во прв ред ќе треба токму Еди Рама, како шеф на албанската влада, да обрне најголемо и најсериозно внимание на пораката на Македонците – негови сограѓани, упатена преку нивното македонско друштво „Илинден“, дека овој пат тој ќе треба да ги ослободи нив, тамошните Македонци од „идентитетските екскурзии“ на бугарските Европејци од Софија.

Свето Тоевски