Професор Кијонг Хи

Кинеските власти се залагаат за поттикнување силно заедништво меѓу 56-те етнички групи во државата, односно меѓу најголемата етничка група Хан (опфаќа нешто повеќе од 91 отсто од кинеското население) и припадниците на другите етнички заедници, втемелено врз визијата за заедничка иднина на кинеската нација

Како Кина го поттикнува и негува ефикасниот соживотот меѓу 56-те етнички групи во државата

Бројноста на населението на Кина, кое надминува 1,4 милијарда, во Пекинг честопати се потенцира при објаснување на државното управување и функционирањето на општеството, со што се нагласува и важноста на националното единство меѓу кинеските жители за да се постигнат хармонија, благосостојба и напредок. Затоа кинеските власти под водство на претседателот Си Џинпинг се залагаат за поттикнување силно заедништво меѓу 56-те етнички групи во државата, односно меѓу најголемата етничка група Хан (опфаќа нешто повеќе од 91 отсто од кинеското население) и припадниците на малцинските етнички заедници, втемелено врз визијата за заедничка иднина на кинеската нација. Најмногубројно малцинство е народот Џуанг со 16 милиони припадници, додека најмалобројна е групата Лоба со околу три илјади припадници.

Системот што ги застапува интересите на сите етнички заедници е од клучна важност

Важноста на функционалниот систем заснован врз законски регулативи, што ќе ги застапува интересите на сите етнички заедници, е истакната од професорот по странски студии на Универзитетот „Минзу“ од Кина, Кијонг Хи, кој дава приказ за развојот на областите со етнички малцинства во државата.
– Етничките конфликти се меѓу најчестите и се јавуваат насекаде. Некои држави изнаоѓаат подобри решенија од други. Но државите и околностите се различни, па и решенијата треба да бидат различни, врз основа на националното единство и политичката, економската и културолошката еднаквост. Прашање е како сите етнички заедници да се задржат заедно. За државата да оди напред, таа треба да води сметка за сите етнички заедници. Потребно е да има добар систем во кој ќе бидат застапени интересите на сите етнички групи. А за системот да функционира, потребни се серија законски регулативи – објаснува професорот Кијонг Хи.

Завршната церемонија на традиционалните Национални игри на етничките малцинствата што се одржаа во Санја

Развојните иницијативи во руралните средини го зацврстуваат националното единство

Националното единство во Кина се зацврстува преку многубројни развојни иницијативи во руралните средини, вклучувајќи ги културната размена и инклузивните економски политики. Кина, според професорот Кијонг Хи, имплементира разни политики за етничките прашања, уште од 50-тите години на минатиот век. Меѓу нив се обезбедување можност сите етнички групи да учествуваат во процесот на носење одлуки, поттикнување на економскиот раст и развојот на образованието во регионите населени со малцинства, промовирање на нивните култури, како и подобрување на интеграцијата на етничките малцинства во урбаните средини.
Кинеските власти се обврзани да помогнат во развојот на автономните региони според Законот за етничка регионална автономија (во сила од 1984 година, ревидиран во 2001 година). А националната комисија за етнички прашања ја активира и програмата за подобрување на животот на етничките заедници населени во погранични области, во рамките на која беа усвоени поволни политики и директни инвестиции за унапредување на инфраструктурата, развој на образованието, како и за зајакнување на трговијата и индустриските капацитети.
Малцинствата во Кина преку низа специјални политики уживаат разни поволности, првенствено за стекнување квалитетно образование. Тие имаат повластен статус при упис на универзитет, научни програми приспособени на нивните потреби и користење на нивните јазици при образованието.
Сето наведено упатува на заклучок дека заедништвото на различните етнички групи во Кина со сигурност придонесува за напредокот на тамошното општество и држава, истовремено осигурувајќи го богатиот културолошки диверзитет на нацијата.

Милко Живковиќ, наш известувач од Пекинг