Фото: Маја Јаневска-Илиева

Претставниците на македонскиот народ во Република Албанија со своите активности испратија неколку јасни пораки до македонската држава, пораки што беа прифатени со одобрување. Меѓутоа, за решавањето на проблемите со кои се соочуваат нашинците во Албанија, но и целата македонска дијаспора, е потребна институционална рамка, односно создавање одделно оперативно и ефикасно тело што ќе се занимава исклучиво со Македонците што живеат надвор од македонската држава

Потребен стратегиски пристап во решавањето на статусот и заштитата на правата на македонското малцинство во Албанија

Со децении припадниците на македонскиот народ во Република Албанија неуморно работат за унапредување на сопствените човекови и малцински права, како и на решавање на повеќе социјални проблеми со кои се соочуваат. Досегашната нивна активност не беше сериозно поддржана од македонската држава и нејзините институции, што постојано се истакнува од претставниците на македонското национално малцинство кај нашиот западен сосед. Според добро упатени извори во оваа проблематика, Македонија како матична држава на македонскиот народ треба сериозно да ја разбере положбата на Македонците во Република Албанија. Од една страна тие се соочуваат со тешка економска положба, а од друга страна официјална Софија нескриено спроведува асимилаторска политика.
Во изминатиов период претставниците на македонското малцинство во Република Албанија ги запознаа сите македонски релевантни фактори со проблемите и потребите, а во таа насока беше и средбата на претседателката Гордана Силјановска-Давкова со делегација од единствената политичка партија на Македонците во Албанија – Македонската алијанса за европска интеграција, предводена од нејзиниот претседател Васил Стерјовски.

– Разговаравме за состојбата на македонското малцинство и односот на албанските институции кон него, при што тие укажаа дека се соочуваат со пропаганда и обиди за асимилација, кои го загрозуваат нивниот национален и културен идентитет. Потребен е стратегиски пристап во решавањето на статусот и заштитата на правата на македонското малцинство во Албанија, во согласност со европските и меѓународните документи – нагласи Гордана Силјановска-Давкова по средбата со Македонците од Албанија.
Во таа насока беше и состанокот МАЕИ со политичките партии од Македонија во Корча. Состанокот предизвика големо медиумско внимание во Република Албанија и Република Македонија. На средбата имаше Македонци од Мала Преспа, Гора, Голо Брдо, Врбник, како и од градовите Тирана, Елбасан, Корча и Подградец, но и претставници од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, Левица, ЗНАМ и Демократски сојуз. На состанокот беше нагласена потребата од усвојувањето стратегија што ќе придонесе за поголема поврзаност меѓу Македонците во регионот и ќе создаде механизми за поефикасна заштита на нивниот идентитет и права, како и за поддршка од институциите на Македонија за заштита од бугарската пропаганда.
– Очекуваме конкретни чекори и активности од страна на институциите на Република Македонија, во соработка со институциите на Република Албанија, за подобрување на животните услови на Македонците во Албанија, зајакнување на нивните институционални капацитети и за елиминирање на бугарската пропаганда, која има цел да го избрише македонскиот карактер на овие простори – нагласи Васил Стеријовски по средбата во Корча.

Во истиот период Никола Ѓурѓај, претседател на македонското друштво Илинден-Тирана, во Скопје имаше неколку средби, вклучувајќи и со Стефан Андоновски, министерот за дигитална трансформација, како и со Бранислав Светозаревиќ, претседател на Комисијата за откуп и подарување архивски материјал. Никола Ѓурѓај во својство на претседател на друштвото подари примероци од списанието „Илинден“ и други материјали во насока на создавање архивски фонд од македонското друштво „Илинден“. Фондот треба да опфаќа документи што се однесуваат на историјата на македонското национално малцинство во Република Македонија и ќе се чува во Државниот архив. Дополнително, Никола Ѓурѓај во името на македонското друштво Илинден-Тирана поднесе барање до Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура за отворање на лекторатот по македонски јазик во Универзитет „Фан С. Ноли“ во Корча, Албанија.
Според нашите соговорници, кои се добро упатени во оваа проблематика, претставниците на македонскиот народ во Република Албанија со своите активности испратија неколку јасни пораки до македонската држава, пораки што беа прифатени со одобрување. Меѓутоа, според соговорниците, за решавањето на проблемите со кои се соочуваат нашинците во Албанија, но и целата македонска дијаспора, е потребна институционална рамка, односно создавање одделно тело што ќе се занимава исклучиво со Македонците што живеат надвор од македонската држава.
– Во моментов рацете на македонските институции им се врзани, затоа што постојат законски ограничувања. Потребно е формирање специјализирано хиперактивно тело што ќе се грижи за дијаспората. Да се надмине нашето „своеволно“ откажување од нашинците преку границата, на кое бевме присилени, дури и со меѓународни притисоци, ултиматуми и потпишани договори. Преку оваа институција ќе може да му се помогне на македонското малцинство во Албанија, но и на дијаспората. Во овој момент постои добра волја, но недостига сврзувачко ткиво што ќе може да ги координира нештата, како што е предложената стратегија – заклучуваат нашите соговорници.