„Европејците“ го превртеа македонскиот идентитет наглавечки / Фото: „Нова Македонија“

Искинатите идентитетски страници од 34-годишното „македонско досие за ЕУ“ што ќе мора да се вратат

При својата посета на Република Македонија, хрватскиот претседател Зоран Милановиќ завчера фрли критички поглед на нејзиното „европско досие“, упатувајќи му пријателско предупредување, пред сѐ, на македонскиот народ да не го испишува повеќе преку прифаќање уцени, изнудувања, ниту „умни“ и „корисни“ совети од ЕУ, од „добрите соседи“ или од меѓународната дипломатија.
Но што содржи тоа 34-годишно „европско досие“ на Македонија, колку и кои идентитетски страници беа насилно исцепени од него? Кажано со речникот на Крсте Мисирков: шчо не напраифме и шчо требит да праиме ние самите за однапред за македонцките работи и „европеiцкото досие“?

Насилното менување на македонското име и идентитет, како и на знамето од Кутлеш како почеток на „добрососедското“ „европеизирање“ на македонскиот идентитетски комплекс

Кинењето на првите идентитетски страници од „европското досие“ на Македонија и македонскиот народ започнува уште со злогласната Лисабонска декларација на Европскиот совет на Европската заедница за поранешна Југославија од 27 јуни 1992, во која се изразува подготвеност за признавање на „Поранешната Југословенска Република Македонија“ и нејзините постојни граници, во согласност со Декларацијата од 16 декември 1991 година, под име што не го содржи поимот Македонија. Под притисок на Грција, ова европско негирање на името Македонија и македонскиот идентитет на македонскиот народ, произлезен и нераскинливо поврзан со него, се вткаја во Преспанскиот договор. Но во еднаква мера продолжува и денес.
Историчарот и физичар д-р Јован Јоновски, претседател на Македонското грбословно друштво, ја посочува „европската димензија“ и на следната голема промена на еден од главните идентитетски белези на македонскиот народ – неговото национално и државно знаме на Македонија од Кутлеш. Во својата научна статија со наслов „Историјата на македонското државно знаме“, објавена во јуни 2022 година, Јоновски истакнува: „Лисабонската декларација на Европската Унија од 27 јуни 1992 година го условуваше признавањето на независноста на Република Македонија само под име што нема да го содржи зборот Македонија. Тоа предизвика голем гнев и протести кај Македонците, кои се кренаа во одбрана на името на својата земја и во гнев против Грција. Овие чувства беа движечка сила да се погледне на античките компоненти во изградбата на ‘новиот’ симболичен идентитет. Според Стојан Андов, тогашен претседател на Собранието на Република Македонија и претседател на Комисијата за уставни прашања, 16-зрачното сонце на знамето е избрано, поради гневот на населението кон Лисабонската декларација
По многу превирања знамето и државната химна ‘Денес над Македонија (се раѓа ново сонце на слободата)’, беа усвоени од Собранието на 11 август 1992 година. Но знамето од Кутлеш беше дочекано со огромно непријателство од Грција. Со Привремената спогодба меѓу Македонија и Грција беше договорено Македонија да го смени знамето. Тоа го стори Собранието на 5 октомври 1995 година“.
– Со Преспанскиот договор меѓу Грција и Македонија, Македонецот беше принуден да го отстрани секое јавно појавување на старото знаме од Кутлеш. Сонцето беше избришано дури и од капаците на шахтите – нагласува Јоновски во својата статија. Лисабонската декларација, Привремената спогодба и Преспанскиот договор беа меѓународни акти во директна „режија“ на Европската Унија, со кои може да се каже дека се засили кинењето на идентитетските страници од „европското досие“ на македонија и македонскиот народ. Потврда за ова е и остриот став на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, од мај 2024 година дека „почитувањето на Преспанскиот договор е најважно за успешно пристапување во ЕУ“.

Македонецот да влезе во Европа, само ако може да мисли, да чувствува, да зборува и да дејствува како Македонец

На ред за идентитетско обезличување на Македонците, како цена за влегување во „еврорајот“, дојдоа и македонскиот јазик и македонската историја. Со Договорот за добрососедство со Бугарија, кој авторот на овие редови со многу аргументи го означува како „бугарски договор“, во полза исклучиво на официјална Софија, е наложено да се прифати историска вистина дека „македонскиот јазик и македонската историја имаат свои бугарски темели“. Исто така и на 24 октомври 2024 година при својата посета на Македонија, шефицата на ЕУ, Урсула фон дер Лајен, потсети дека „патот кон ЕУ води преку усвојување на уставните измени, на кои се обврза земјата. Со други зборови, дека треба да се исцепат нови идентитетски страници од ’европското досие‘ на Македонија и Македонците, ако воопшто сакаат да се ’европеизираат‘ на ’бугарско-европски начин‘“.
Одовде натаму ќе претстои дилемата: дали овој македонски народ и политичарите, кои владеат во негово име, ќе ја прифатат и ќе ја продолжат меѓународно-европската пракса на уништување на сите битни елементи на македонскиот идентитетски комплекс, заради „кроење“ на „европската судбина“ на Македонците и на сите други граѓани на македонската држава или ќе кажат „стоп“ и „доста беше“ со сево ова, на што нѐ посоветува и достоинствениот хрватски претседател и македонски пријател Миловановиќ?
Но кажано со речникот на Крсте Мисирков: шчо требит да праиме ние самите за однапред за македонцките работи и „европеiцкото досие“ на Македонија? Еден од основоположниците на автентичниот македонизам, Крсте Мисирков, на 25 март 1925 година ќе даде најдобар можен одговор на претходното прашање, нагласувајќи во својата статија „Самоопределението на Македонците“: „Свеста и чувството дека сум Македонец треба да стојат повисоко од се’ друго на светов…. Безаветна и безгранична љубов кон Македонија, постојано мислење и работење за интересите на Македонија… Македонецот… да мисли, да чувствува, да зборува и да дејствува како Македонец“.
Пораките на Мисирков, дополнети со добронамерните совети на Милановиќ, во контекстот на натамошното испишување на македонското „европско досие“ упатуваат најпрвин на потребата да не се дозволи натамошно кинење на идентитетски страници од тоа „досие“, заради интегрирање во ЕУ, туку и да се вратат сите насилно искинати страници во „ЕУ-досието“. Никаква иднина, ниту европска перспектива, не може да имаат Македонците како народ без име, без знаме произлезено од нивната најдревна национална историја, со јазик и историја за кои би прифатиле дека има туѓи, а не свои сопствени темели и потекло.

Свето Тоевски