Во четвртокот во македонското Собрание се одржа и свечена седница на која говореше спикерот на хрватскиот Сабор, Гордан Јандроковиќ, кој меѓу другото цитираше стихови од незаборавната песна „Македонија“, која своевремено ја изведуваа познатиот хрватски пејач Дадо Топиќ и неговата група „Тајм“, притоа додавајќи дека Македонија маѓепсала многумина во Хрватска не само со нејзината песна
Претседателот на хрватскиот Сабор, Гордан Јандроковиќ, ја потврди хрватската поддршка за Македонија
Искрената хрватска поддршка на македонскиот евроинтегративен процес не изостана во ниту еден момент во изминатите години, така што да не беше билатералниот спор за името со Грција, многу веројатно Македонија и Хрватска ќе влезеа во пакет во Европската Унија уште пред повеќе од десет години.
Сепак, географијата беше пресудна Македонија да се најде меѓу соседи што го блокираа нејзиниот европски пат од чисто ревизионистички побуди, односно да ги остварат сопствените историски апетити загрозувајќи ја иднината на една држава и народ.
Како и да е, дури и низ целата таа голгота низ која поминува македонската држава со децении, хрватската поддршка постојано беше присутна, како во изјавите на актуелниот хрватски претседател Зоран Милановиќ така и во говорите на хрватските европратеници. Блиското и искрено пријателство можеше да се забележи и за време на дводневната посета во Скопје на првиот човек на хрватскиот Сабор, Гордан Јандроковиќ.
Во четвртокот во македонското Собрание се одржа и свечена седница на која говореше Јандроковиќ, кој меѓу другото цитираше стихови од незаборавната песна „Македонија“, која своевремено ја изведуваа познатиот хрватски пејач Дадо Топиќ и неговата група „Тајм“.
– Додека Вардар гали полиња со жита, слободна и горда како горска птица, со песната своја, земјава ни ги маѓепса срцава – цитираше Јандроковиќ.
Притоа тој додаде дека Македонија маѓепсала многумина во Хрватска не само со нејзината песна.
– И тоа пријателство оди многу подалеку од 33-те години што поминаа од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу нашите земји како независни и суверени држави – рече Јандроковиќ.
Според него, без оглед на исклучително блиските и пријателски односи, и натаму има простор за зајакнување на соработката меѓу двете земји во повеќе сектори.
– Значаен број компании од Хрватска и од Македонија се веќе присутни во двете земји, а хрватско-македонските бизнис-клубови во Загреб и во Скопје можат значително да помогнат во понатамошната диверзификација на економската соработка и нови инвестиции – истакна Јандроковиќ во обраќањето пред македонските пратеници.
Тој уште додаде дека двете земји можат да ја зајакнат соработката во многу други сектори што би значеле поголемо меѓусебно поврзување.
– Гледаме посебен потенцијал за натамошно зајакнување на соработката во транспортот, инфраструктурата, енергетиката, прехранбената индустрија, земјоделството, хемиската и одбранбената индустрија, како и во секторот за информатичка технологија и во туризмот. Минатата година Хрватска ја посетија над 50.000 македонски туристи. И овие бројки постојано се зголемуваат – посочи Јандроковиќ.
Хрватскиот спикер беше во тридневна официјална посета на Македонија, земја, како што наведуваат хрватските медиуми пренесувајќи детали од неговата посета, со која Хрватска нема отворени прашања, а трговската размена е во нагорна траекторија и во 2023 година изнесувала повеќе од 320 милиони евра.
С.Т.