Принципот на „(не)предвидливост во економијата“ наметнува нови правила на игра
- Компаниите мора да бидат отворени за нови идеи, за нови решенија, но и за нови погледи, со цел да го задржат успехот на компаниите. Наедно, еден од начините за раст на компаниите е пласман во нови земји, поради што мора да останат отворени и за пронаоѓање нови пазари
- Фактот дека кризата се развлекува од почетокот на пандемијата на ковид-19 и потоа се надоврзуваат воени судири, економски забрани и контрамерки што ги нарушуваат светските синџири, според економистите, со сигурност се одразува врз економијата и врз домашните компании. Токму поради тоа, тие велат дека пронаоѓањето нови пазари е неопходно, но ни најмалку лесно
Глобалната економија последниве години ја карактеризираат голема неизвесност и непредвидливост. Иако ваквите состојби не се воопшто позитивни за раст на економијата, сепак има компании што успеаваат да постигнат успех. Она што сите го забележуваат е промената на светските текови, при што сѐ повеќе компании, кои порано не биле познати, денес го освојуваат светот или успеваат да продадат производи во големи количества.
Се менуваат навиките кај луѓето, се појавуваат нови потреби од нови типови производи, едноставно со промената на секојдневието, се менуваат и предметите што ги користиме, а со тоа и се отвораат нови можности. Ова јасно покажува дека компаниите мора да бидат отворени за нови идеи, за нови решенија, но и за нови погледи, со цел да го задржат успехот на компаниите. Наедно, еден од начините за раст на компаниите е пласман во нови земји, поради што мора да останат отворени и за пронаоѓање нови пазари.
Неизвесноста станува секојдневие
Експертите се согласни дека како мала и отворена земја, значително зависиме од светските текови и од нашите бизнисмени зависи идниот развој на домашната економија.
– Во услови на зголемена светска неизвесност и променлива економска средина, силните домашни економски фундаменти се клучот за зачувувањето на стабилноста и за постигнувањето одржлив раст. Последните години се обележани со висока променливост, видлива и преку високите индекси на светската неизвесност, што значително влијае и врз процесите на носење економски одлуки – истакна неодамна гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, во свое обраќање во медиумите.
Тој наведе дека високата светска променливост и непредвидливост веќе половина деценија се неизбежен дел од матрицата на одлучување на сите носители на одлуки.
– Се чини дека единствената константа во овој период е неизвесноста. Ова е видливо и преку квантитативните индекси, на пример индексот на светската неизвесност, кој се одржува на историски највисоки нивоа. Секако, ова не е важно само за нас како носители на макроекономски одлуки туку и за приватниот сектор, кој треба да носи инвестициски одлуки, да одлучува за нови проекти, да дефинира среднорочни бизнис-планови – посочи гувернерот Славески.
Македонските компании и економија задолжително да бараат нови пазари и алтернативни извори
Сепак, гувернерот Славески укажува дека покрај првичните загрижувачки очекувања, светската економија досега покажува релативна отпорност, а трговските текови се приспособуваат побрзо од очекуваното. Ова се одразува и во проекциите за македонската економија, според кои, се очекува постепено зајакнување на странската побарувачка и умерено забрзување на извозната активност во 2026 година.
– За нас, како мала и отворена економија, светските услови се од исклучително значење, но стабилната економска основа претставува важен предуслов за успешно справување со непредвидливите екстерни шокови – потенцира Славески.
Фактот дека кризата се развлекува од почетокот на пандемијата на ковид-19 и потоа се надоврзуваат воени судири, економски забрани и контрамерки што ги нарушуваат светските синџири, според економистите, со сигурност се одразува врз економијата и врз домашните компании. Токму поради тоа, тие велат дека пронаоѓањето нови пазари е неопходно, но ни најмалку лесно.
– Македонските компании и економија треба да бараат нови пазари и алтернативни извори на неопходни суровини и производи. Состојбата е далеку од извесна. Сепак, македонските компании мора да продолжат со својата економска динамика и верувам дека некои од компаниите веќе истражуваат алтернативни извори на суровини и пазари – вели економист познат на нашата редакција.
Од друга страна, поранешниот прв човек на Сојузот на стопански комори, Трајан Ангеловски, потенцира дека фокусот на пронаоѓањето нови пазара мора да биде меѓу приоритетите.
– Примарни пазари за македонските извозни компании се пазарите во ЕУ, што поради секоја криза се покажа како доста ранлив сегмент. За мала економија како нашата, извозот е еден од начините за влез на поголем капитал и поради тоа, покрај зголемување на бројот на компании и продукти што би се извезувале, неопходно е да се бараат и нови пазари за пласман – вели Ангелоски и додава дека ни се потребни промоција и брендирање на нашите македонски производи.
Притоа, според него, треба да се вклучат и институциите, односно државата и бизнис-секторот и во синергија да се зголеми конкурентноста на македонските производи! Е.Р.

































