Илустрација: „Нова Македонија“

Токму интелектуалците се тие што секогаш низ времињата биле оној глас на разумот што водел кон благосостојба и прогрес на народите. Тие покажуваат дека и во соседна Бугарија има поделени мислења во однос на бугарската политика кон Македонија, кои се дијаметрално спротивни од она што го изјавуваат бугарските политичари и што го инкорпорираат во разни декларации во Народното собрание, со кои де факто му се ускратува врховното и апсолутно право на еден народ на слободно самоидентификување и градење сопствен историски наратив и митови

Во бугарското општество постојат поделени мислења околу политиките на Софија кон Скопје

Официјалната бугарска политика е таа што константно ги труе македонско-бугарските односи веќе со децении, а таквиот пристап придонесе односите меѓу двата народа и двете земји да се сведат на најниското можно ниво во историјата. Свесни за последиците од непрагматичната бугарска политика кон Македонија, голем број бугарски интелектуалци, професори, академици, уметници, но и обични луѓе апелираат до бугарските власти да запрат со агресивната политика кон земјава и да создадат услови за градење блиски и пријателски односи меѓу двете соседни земји наместо да креираат непријателства онаму каде што ги нема.
Несомнено нивниот пристап е искрен и добронамерен бидејќи ја трга политиката настрана и се фокусира на она што значи соработка и заеднички просперитет без никаков политички и историски багаж, што од друга страна е исклучително важно во вакви турбулентни времиња кога повеќе од потребни се меѓусебно помагање и координирање.
Во време кога тензиите меѓу Македонија и Бугарија го достигнаа нивото двете соседни држави воопшто и да не можат да комуницираат, а што е уште полошо, дури и општествениот амбиент да биде целосно затруен од пропагандата наметната од официјална Софија, има бугарски интелектуалци што размислуваат трезвено и кои сметаат дека Бугарија треба да биде земјата што ќе ја турка Македонија напред во евроинтеграциите, а не таа што ќе ја блокира и ќе ја оддалечува од себе.
Токму интелектуалците биле тие што секогаш низ времињата биле оној глас на разумот што водел кон благосостојба и прогрес на народите. Тие покажуваат дека и во соседна Бугарија има поделени мислења во однос на бугарската политика кон Македонија, кои се дијаметрално спротивни од она што го изјавуваат бугарските политичари и што го инкорпорираат во разни декларации во Народното собрание, со кои де факто му се ускратува правото на еден народ на слободно самоидентификување и градење сопствен историски наратив и митови.

Еден од тие нови претставници на бугарската интелектуална елита е и Димитар Атанасов, историчар во Институтот за етнологија и фолклористика при Бугарската академија на науките (БАН), чија изјава во јавноста за последните случувања во бугарско-македонските односи гласно одекна во регионот. Тој оцени дека барањето за внесување на Бугарите во македонскиот устав е срамно барање, кое нема да никаков ефект.
– Не еднаш сум рекол дека тоа е едно многу срамно барање. Внесувањето на Бугарите во Уставот и гарантирањето на малцински статус нема да има апсолутно никаков ефект. Според меѓународното право за малцинствата, тоа е група што има дистинктивни различни елементи од тие на мнозинството. Тоа се приказните за минатото, народните традиции, јазикот итн. Давањето малцински статус, за жал, е во корист на бизнис-интересите на бугарските националисти, кои до денес ја злоупотребуваат каузата за Македонија – вели Атанасов.
Според него, ниту тој не е убеден дека впишувањето на Бугарите во македонскиот устав ќе биде последното барање од страна на официјална Софија.
– Не, јас лично не верувам. Имајќи предвид колку пати се сменети условите, колку пати бугарскиот претседател ја смени својата позиција и колку пати беа поставувани нови услови, не би им верувал – истакнува Атанасов.
Инаку, тој е дел од помладата генерација бугарски историчари што се залагаат за еден поинаков пристап во историската наука, а и на бугарската политика.
– Јас имам чувство дека се наоѓаме некаде на почетокот на 70-тите години од минатиот век, во срцето на конфликтот меѓу Бугарија и Југославија. Не можам да очекувам македонските граѓани да му веруваат на бугарскиот политички естаблишмент ако јас не му верувам. Јас сум бугарски граѓанин и имам недоверба кон бугарските политичари. Не можам да очекувам луѓе што живеат надвор од Бугарија да поверуваат на соопштенијата на бугарската политика. Поради тоа, демократизацијата и либерализацијата се нешта што во Бугарија треба конечно да бидат дел од актуелниот живот. Инаку, осудени сме да го правиме тоа што го правиме. Вистината е тврда и удирајќи си ја главата во неа, тоа многу боли… Ние историчарите што ја следиме бугарската историја се обидуваме да кажеме јасно, да, за време на Втората светска војна, бугарското управување во Македонија е окупација на бугарската власт и тие 11.343 граѓани со еврејски корени се испратени во германските концентрациони логори да не се вратат. Историската приказна е сложена, не е само добра или лоша, не се сведува само на „ние што правиме добро и тие што создаваат зло“.

Не е тоа, ама, за жал, политичарите го прават токму тоа, нѐ делат на добри и лоши. Тоа не треба да продолжи така, но треба да дојде од квалитетно лидерство – констатира Атанасов.
Кон овие нови струи во бугарската научна фела може да се вброи и бугарскиот професор д-р Стефан Дечев, историчар и предавач на југозападниот универзитет „Неофит Рилски“, кој смета дека ставот на некои политичари во Бугарија дека историјата е заедничка, и тоа бугарска, тешко дека може да најде експертска основа, дека создавањето на македонската нација не е ништо поразлично од секоја друга нација и дека македонскиот јазик е вештачки исто колку и секој друг стандардизиран јазик, односно дека не може официјален јазик да биде дијалект.
– Не случајно нашата позиција не го зема предвид ставот на Скопје, ние треба да погледнеме во сопствениот двор и да ја видиме нашата вина, а другото да го оставиме на македонската страна. Нашата вина може да ја лоцираме и во општеството и меѓу ставовите на некои политичари, кои сметаат дека постои заедничка историја на една нација и дека до 1944 година таа е само бугарска. Оваа позиција тешко може да издржи експертиза на сериозната историографија. Заедничката бугарска историја со С. Македонија не е онаква каква што ја сметаат бугарските историчари – тие грешат. Таа започнува во средината на 19 и почетокот на 20 век за време на револуционерните движења, кога беше тешко да се каже што е бугарско, а што македонско – вели Дечев.
Тој појаснува дека во Бугарија темата „Македонија“ е обвиткана со многу романтика и митологија, но дека е крајно време бугарската страна да ги прекине своите тврдења за македонскиот јазик.
– Убедени сме дека македонската нација и процесот на нејзиното создавање, и покрај сите специфики и особености, не се разликуваат од процесите на создавањето на која било друга нација. Македонскиот јазик е вештачки јазик до степен до кој се и сите стандардизирани јазици во светот. Мора да се сфати дека дијалект е само дијалект – тој нема име. Официјален јазик на една земја не може да биде дијалект. Сѐ додека не се разбере дека идентитетот на една нација е динамичен и не е генетски пренесен, сите преговори во мешаната комисија ќе бидат непотребни и ќе дојдат до ќор-сокак – заклучува Дечев.
Ова е само мал сегмент од погледите на бугарските интелектуалци во сферата на историската и јазичната наука, но нивните генерални ставови дека бугарските политичари се тие што непотребно ја блокираат Македонија и непотребно создаваат непријателство меѓу двата народа го делат и други општественици, од уметноста, од спортот, од литературата, од науката и од сите други области што не се поврзани со бугарската официјална политика.

– Доволно е да се изземе актуелната бугарска политика кон Македонија и повеќе нема да има ниту една точка на разделување и создавање омраза меѓу двете општества. Луѓето меѓусебно одлично си функционираа сѐ додека повторно не се појави агресивната бугарска политика. Како македонските граѓани благонаклоно и пријателски да гледаат на Бугарија, кога таа е земјата што го уништува нивната иднина и иднината на нивните деца така што ја блокира македонската европерспектива. Бугарските интелектуалци се свесни дека официјалната бугарска политика е креаторот на ваквите состојби и затоа сѐ посилно го креваат својот глас. Веројатно таму темата „Македонија“ секогаш ќе биде актуелна пред секои избори, а повремено ќе се вади како параван за криење на некои други состојби во државата. Како и да е, интелектуалците биле тие што секогаш ги предводеле промените, така што да се надеваме дека и бугарската интелектуална елита ќе биде таа што ќе придонесе новите бугарски политичари да ги напуштат закоравените историски догми и да погледнат напред кон иднината, заедно со соседна и пријателска Македонија – посочуваат соговорниците што ги прокоментираа ваквите поинакви изјави што доаѓаат од Бугарија.


Доколку Бугарија имаше искрени намери, тогаш
немаше веднаш да го отфрли посредништвото

Унгарскиот премиер Виктор Орбан за време на посетата на Македонија изминатиот викенд јавно ѝ понуди на Бугарија неговата земја да биде посредник во надминувањето на недоразбирањата на релацијата Софија – Скопје и на тој начин да се одблокираат македонските евроинтеграции, но бугарските власти експресно ја одбија ваквата понуда.
– Европскиот договор со Република С. Македонија е јасен. На Бугарија не ѝ требаат посредници во овој процес – изјави министерот за надворешни работи на Бугарија, Иван Кондов.
Несомнено официјалните бугарски власти немаат намера да отстапат од зацртаната цел, да имаат целосна контрола врз македонските евроинтеграции и така полесно да ги наметнат сите дополнителни барања, кои одат во полза на бугарските национални интереси.
Доколку Бугарија имаше искрени намери, тогаш немаше веднаш да го отфрли посредништвото, туку барем ќе го сослушаше предлогот, кој можеби е на истата линија со европските заклучоци и на тој начин ќе се најдеше некаква формула за излез од ќор-сокакот, слично како што го направија тоа Словенија и Хрватска пред нешто повеќе од една деценија. С.Т.