Основачот на Викиликс вчера беше во Палатата на Европа во Стразбур за да сведочи пред комисијата на Советот на Европа одговорна за проучување на неговите услови за притвор. Тој беше ослободен минатиот јуни, по договорот за признавање на вината со американскиот правосуден систем. Џулијан Асанж за првпат по неговото ослободување од затвор зборуваше пред парламентарците од ПССЕ

Обраќање на Џулијан Асанж пред членовите на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ)

Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, беше поканет во Стразбур од страна на Парламентарното собрание на Советот на Европа – често нарекувано „совеста на Европа“. Тој таму го раскажа тешкото искушение низ кое помина. По седум години затворен во Амбасадата на Еквадор во Лондон и пет години зад решетки во високобезбеден британски затвор, 53-годишниот Австралиец беше ослободен на 26 јуни. Тој сведочеше „пред комисијата за правни прашања и човекови права на Парламентарното собрание на Советот на Европа“ по објавувањето истражен извештај од оваа институција во врска со „последиците од неговиот притвор и неговите пошироки ефекти врз човековите права, особено слободата на новинарството“.

„Она што ми се случи мене не смее да им се повтори на други новинари“

Говорејќи пред комисијата за правни прашања и човекови права на ПССЕ, Асанж истакна дека владата на Соединетите Американски Држави „инсистирала“ тој да се согласи да не поднесува жалба до Европскиот суд на правдата. Основачот на Викиликс ги критикуваше САД за „криминализирање“ на новинарството и тврдеше дека никогаш немало да биде ослободен доколку активистите, официјалните лица и многу други не протестирале и не проговореле во негово име.
– Денес не сум слободен затоа што системот функционираше. Денес сум на слобода по долгогодишното затворање бидејќи се изјаснив за виновен за новинарството. Се изјаснив за виновен што барав информации од извор и се изјаснив за виновен што ја информирав јавноста за природата на тие информации. Не се изјаснив за виновен за ниту едно друго обвинение. Се надевам дека моето денешно сведочење може да послужи за да ги истакне слабостите на постојните заштитни мерки и да им помогне на оние чии случаи се помалку видливи, но кои се исто толку ранливи – изјави основачот на Викиликс, жалејќи дека се забележуваат „поголема неказнивост и тајност и повеќе репресии против тие што ја кажуваат вистината, како и поголема самоцензура.
Асанж рече дека нема да има судења, сослушувања или рочишта за тоа што се случило и затоа е толку важно Парламентарното собрание на Советот на Европа да направи нешто.
– Неизвесноста во Европа во однос на тоа што можат да го преземат новинарите овде против транснационалната репресија или евентуалната екстрадиција, доколку сегашната ситуација остане, неминовно ќе биде злоупотребена од други земји. Затоа, институциите како ова собрание, кои ги поставуваат стандардите и нормите, мора да ја разјаснат ситуацијата за да не може да се повтори тоа што ми се случи мене – истакна Асанж.
На прашањето колку добро, според неговото искуство, функционира политичкиот азил во денешниот свет, Асанж одговори дека политичкиот азил е апсолутно неопходен правен лек за прекршувањето на човековите права во поединечни држави.
– Тоа им овозможува на луѓето да ја напуштат земјата што ги прогонува. И не само што спасува животи туку обезбедува механизам благодарение на кој новинарите можат да продолжат да ја вршат својата работа и да известуваат за земјите што ги напуштиле. Заканата дека некој може да ја напушти државата во некоја конечна анализа го контролира однесувањето на таа држава. Мора да има конкуренција меѓу државите, да бидат добра средина за живеење и за работа на луѓето – наведе Асанж.
Нападот на азилот преку транснационална репресија, според Австралиецот, е друго прашање.
– Во мојот случај беше тешко да се најде земја што ќе ми даде азил. Има голема дупка во системот за азил за луѓето што не бегаат од сопствената земја, туку бегаат од земја што ѝ е сојузник на нивната земја или од некоја трета земја. Тоа беше случајот со мене. Законот за азил не опфаќа случај кога, да речеме, Австралиец бега од прогон во САД. Јас не можев да поднесам молба за азил внатре во Велика Британија. Секако, Британија има свој политички агол поради кој е тешко да се убеди судот да му даде азил некому, мене или на кој било друг, во однос на САД во Велика Британија. Но не постоеше никаква шанса за тоа бидејќи во однос на трети земји, според конвенцијата од 1951 година, како што се применува во повеќето европски држави, граѓаните на трети земји не можат да аплицираат за азил – објасни тој.

„Некогаш нашите објави за воени злосторства предизвикуваа полемики, денес имаме директен пренос на ужасите на војната“

Асанж зборуваше за приспособувањето на својот нов живот, дека повторно им е татко на децата, кои пораснаа без него, дека повторно ќе биде сопруг, па дури ја пофали и својата тешта, што предизвика смеа кај присутните.
– Што се однесува на моето повторно приспособување на тој голем свет, кој секако постои надвор од мојот престој во затворот, во еквадорската амбасада, во самицата, секако дека ќе треба време да се приспособам. Не станува збор само за тоа дека треба да се навикнам на морничавиот звук на електричните автомобили, туку станува збор и за промените во општеството. Начинот на кој некогаш објавувавме видеоснимки од воени злосторства тогаш предизвикуваше толкави бури во јавноста и дебати, а денес практично секој ден имаме директен пренос од ужасот на војната во Украина и војната во Газа. Стотици новинари беа убиени во Газа и во Украина, кога ќе се собере сè, се разбира, неказнивоста расте и сè уште не е сигурно што можеме да направиме за тоа прашање – рече тој.

„Порано имаше разлика меѓу убиство и војна, сега нема“

Запрашан за новите технологии, Асанж рече дека е мошне заинтересиран за нив.
– Заинтересиран сум за некои случувања во криптографијата, кои даваат алтернатива во однос на огромната концентрација на медиуми во рацете на неколку милијардери. Се разбира, овие решенија се во повој, а откритијата на Сноуден беа таа експлозија што ги радикализираше програмерите и инженерите во многу земји што себеси се гледаа како агенти на историјата. Тргнаа да создаваат алгоритми што ќе ја заштитат приватноста на луѓето, вклучувајќи ја и комуникацијата меѓу новинарските извори и новинарите – рече Асанж.
Од друга страна, тој рече дека кога излегол од затвор видел оти вештачката интелигенција (АИ) се користи за масовни убиства.
– Порано постоеше разлика помеѓу убиството и војната. Сега тоа е споено во еден фактор и повеќето цели во Газа се бомбардирани како резултат на нишанење со вештачка интелигенција. Врската помеѓу вештачката интелигенција и надзорот е важна. АИ мора да ги има информациите за да ги изнедри целите или идеите или пропагандата. Кога станува збор за употреба на вештачката интелигенција за масовни убиства, надзорот почнува од телефоните, од интернетот и тоа е клучно за тренирањето на тие алгоритми на вештачката интелигенција. Многу работи се смениле, некои останале исти. Има многу можности и ризикот е голем. Сè уште се обидувам да разберам каква е ситуацијата и можеби подоцна ќе можам да кажам нешто попаметно – објасни Асанж.
Ова сослушување е „прво официјално сведочење на Асанж за неговиот случај“ од неговото апсење од британската полиција во април 2019 година. Минатиот јуни тој постигна договор со американскиот правосуден систем, кој бараше негова екстрадиција и му се закануваше со тешка затворска казна. Според оваа спогодба за признавање вина, тој беше осуден на веќе издржана казна во истражниот затвор, за набавување и откривање информации за националната безбедност, и затоа можеше да биде ослободен. Потоа се вратил во Австралија, а неговата сопруга објаснила дека му требаат приватност и време да закрепне.
Парламентарното собрание на Советот на Европа денеска треба да расправа за извештајот што „потврдува дека Асанж е политички затвореник“ и „ја повикува Велика Британија да спроведе независна истрага за да утврди дали бил изложен на нечовечко или понижувачко постапување“ во притвор, велат од невладината организација.
Џулијан Асанж беше уапсен по седум години во амбасадата на Еквадор во Лондон за да избегне екстрадиција во Шведска во истрага за силување, која беше отфрлена истата година. Австралиецот потоа помина пет години во затворот „Белмарш“ (источно од Лондон), борејќи се против екстрадиција во Соединетите Американски Држави, каде што беше обвинет според законот за шпионажа поддржан од 1917 година.

Тони Гламчевски, дописник на „Нова Македонија“ од Стразбур


Асанж: Бев политички затвореник затоа што објавивме нешто што го направила една влада

Запрашан за наводите дека бил под надзор на ЦИА, па дури и дека сакале да го убијат, како и дали се смета себеси за политички затвореник, Асанж одговара дека тој бил политички затвореник.
– Политичката основа за одмаздата на американската влада против мене беше поврзана со објавувањето на вистината за она што го направила американската влада. Во формалноправна смисла, штом САД ја почнаа правната одмазда, тие го користеа Законот за шпионажа, тоа е класично политичко кривично дело – истакна Асанж.
Зборувајќи за ЦИА, тој рече дека разузнавачката агенција нанишанила на Викиликс, организација што се занимава со новинарство.
– Знаевме дека се случува нешто, го почувствувавме тоа. Сепак, чувството поради некои од пораките што ги добивавме од свиркачите не ни ја даде целата вознемирувачка слика, која се појави подоцна. Благодарение на нашето истражување, има еден кривичен случај во Шпанија, на кој работеа американски новинари, кој исто така ќе биде предмет на кривично гонење. Од тоа се родија два процеса, односно кривично судење во Шпанија со неколку жртви, меѓу кои се мојата сопруга, мојот син, луѓе што дојдоа во амбасадата да ме посетат, новинари, адвокати итн. И имаме една тужба против ЦИА во САД. Како одговор на таа тужба, ЦИА односно државниот обвинител и шефот на ЦИА официјално соопштија дека ја прогласуваат информацијата за државна тајна за да се борат против тоа судење. Имено, се тврди дека ЦИА има аргументи да се брани, но дека тие се државна тајна. Затоа, таа парница не може да се реализира. Значи, комплетна неказнивост во рамките за американскиот систем – објаснува Асанж. Т.Г.


Случајот „Асанж“ сè уште е многу контроверзен

Од 2010 година Џулијан Асанж објави на платформата Викиликс повеќе од 700.000 документи што се однесуваат на воените и дипломатските активности на Вашингтон, особено во Ирак и во Авганистан. Тие документи се однесуваат и на извештаите за вонсудски егзекуции и собирање разузнавачки информации против сојузниците.
Неговите поддржувачи го поздравуваат како поборник за слобода на изразување и истражувачко новинарство, прогонуван од властите и неправедно затворен. Неговите клеветници го гледаат како несовесен блогер чија одлука да објави многу чувствителни документи ги ставила животите во опасност и сериозно ја загрозила безбедноста на САД.
Неговиот случај останува длабоко контроверзен, ефикасно отворајќи го патот за можно идно кривично гонење на новинарите според Законот за шпионажа на САД. На Челзи Менинг, аналитичарката за воено разузнавање што ги обелодени документите на Асанж, од тогашниот американски претседател Барак Обама ѝ беше ублажена казната од 35 години во 2017 година. Претседателот Џо Бајден, кој се очекува да даде серија помилувања пред да ја напушти функцијата следниот јануари, веќе го опиша Џулијан Асанж како „терорист“. Т.Г.