По средбата во Ријад на САД и Русија:
Со забележлив оптимизам во светската јавност беа проследени разговорите помеѓу руската и американската делегација одржани завчера во Ријад, Саудиска Арабија. Русија на средбата во траење од околу четири и пол часа ја претставуваа министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, помошникот на претседателот, Јуриј Ушаков, и директорот на Рускиот фонд за директни инвестиции, Кирил Дмитриев. Американската делегација на разговорите ја сочинуваа државниот секретар Марко Рубио, советникот за национална безбедност Мајк Волц и специјалниот пратеник на американскиот претседател Стивен Виткоф. Шефот на руското Министерство за надворешни работи, Сергеј Лавров, изјави дека страните чекаат продолжување на процесот за регулирање на руско-украинската војна. САД, исто така, велат дека се задоволни од преговорите, а нивниот исход е „најдобриот што може да се види“, рече специјалниот пратеник на Трамп, Стивен Виткоф. Државниот секретар Марко Рубио изјави дека „ќе биде неопходно да се укинат санкциите кон Русија за да се реши украинскиот конфликт“.
Во продолжение издвоивме што пишуваат дел од најрелевантните светски медиуми за средбата во Ријад.
Ројтерс: Разговорите се клучен момент
САД и Русија објавија дека се договориле за заеднички координирани напори за ставање крај на војната во Украина, по разговорите во главниот град на Саудиска Арабија, на кои Киев не бил застапен, како што објави британски „Ројтерс“.
– Состанокот во Ријад означи клучен момент – првпат американски и руски претставници седнаа заедно да разговараат за начините за ставање крај на најсмртоносниот конфликт во Европа од Втората светска војна – наведува „Ројтерс“.
Реномираниот медиум издвојува дека советникот за национална безбедност на САД, Мајк Волц, во Ријад изјави за јавноста дека „војната мора трајно да заврши, а тоа ќе вклучи преговори за територија“!
– Практичната реалност е дека ќе има некои дискусии за територијата и ќе има дискусии за безбедносните гаранции – нагласи Волц. Зборувајќи за украинската и европската загриженост, американскиот државен секретар Марко Рубио посочи дека никој не стои настрана, оти Европската Унија мора да се вклучи во одреден момент и дека секое решение мора да биде прифатливо за сите страни. Украина вели дека нема да прифати каков било договор наметнат без нејзина согласност, објави „Ројтерс“.
„Политико“: Договор за развивање на билатералните односи меѓу Москва
и Вашингтон
„Политико“ пишува дека разговорите во Саудиска Арабија меѓу американските и руските претставници, предводени од министрите за надворешни работи на секоја земја, траеле повеќе од четири часа. Тоа беше првиот контакт на високо ниво меѓу делегациите на САД и на Русија, откако Владимир Путин нареди инвазија на Украина пред три години, објави во вторникот „Политико“, истакнувајќи го радувањето на руските државни медиуми и коментатори, кои гледаат на она што се случува сега како руски успех и победа на Владимир Путин.
Истиот медиум пишува дека членот на руската делегација Јуриј Ушаков нагласил оти разговорите меѓу двете страни биле фокусирани на руско-американските односи.
– Се договоривме да ги земеме предвид заемните интереси и да развиеме билатерални односи, бидејќи и Москва и Вашингтон се заинтересирани за тоа – изјави тој за руските медиуми.
Кинеска „Синхуа“: Согласност за поставување основа за идна соработка за прашања од заемен геополитички интерес
Кинеската државна новинска агенција „Синхуа“ пишува дека двете страни – САД и Русија – се согласиле „да воспостават механизам за консултации за решавање на прашањата што ги иритираат нашите билатерални односи со цел да се преземат чекори неопходни за нормализирање на работата на нашите дипломатски мисии“.
„Синхуа“ наведува дека „Вашингтон и Москва ќе назначат соодветни тимови на високо ниво за да започнат да работат на завршување на конфликтот во Украина што е можно поскоро на начин што е издржлив, одржлив и прифатлив за сите страни“.
– Двете страни се согласија да постават основа за идна соработка за прашања од заемен геополитички интерес и историските економски и инвестициски можности што ќе произлезат од успешното завршување на конфликтот во Украина. Страните што учествуваат на состанокот се обврзуваат дека ќе останат ангажирани за да обезбедат дека процесот напредува навремено и продуктивно – се вели во известувањето на „Синхуа“.
Украинска „Страна“ги издвојува главните поенти од преговорите на двете
страни
· Русија
– Американците почнаа „подобро да ја разбираат позицијата“ на Руската Федерација. Русија и САД преговараа за подобрување на односите и за „постигнување успех“;
– Русите и Американците се договорија да ги признаат амбасадорите и да ја обноват соработката во различни области;
– Во текот на преговорите се разговараше за „Планот Келог“ со територијално дејствување на Русија (идејата што специјалниот претставник на САД за Украина, Кит Келог, ја изнесе на Минхенската безбедносна конференција, но таа не беше спомната во денешните преговори – н.з.);
– Русија е против воведување мировни сили во Украина од земјите на НАТО, вклучувајќи ги и европските, во кој било формат.
· САД
– Се создава механизам за консултации за да се разјаснат „подизведувачите“ во односите меѓу Руската Федерација и САД, се назначуваат тимови да работат на Украина;
– Беше постигнат договор за повторно воспоставување на бројот на персоналот на амбасадите во Москва и во Вашингтон;
– Беше постигнат договор за соработка во однос на „геополитичките интереси“ и „економските можности“ по завршувањето на војната;
– Сите страни се обврзани да преземат мерки за завршување на војната;
– ЕУ има улога и во преговорите за регулација во Украина, бидејќи воведе санкции против Русија;
– Американците „активно се консултираат“ со западните сојузници за Украина;
– Понатамошните преговори ќе допрат до прашањата за стекнување територија и безбедносни гаранции;
– САД бараат „трајно, а не привремено решение“ за ставање крај на војната. Трамп сака праведно да ја заврши војната и да спречи нејзино повторување. Р.С.
Првата реакција на американскиот претседател Трамп
за руско-американската средба во Ријад:
Сѐ поуверен во остварливоста на договорот за решавање на конфликтот во Украина
Американскиот претседател Доналд Трамп истакна дека преговорите помеѓу руската и американската делегација во Ријад беа многу добри и оти по нив, тој станал значително поуверен во остварливост на договорот за решавање на конфликтот во Украина
Трамп истакна дека е подготвен да размисли за испраќање американски мировници во Украина, како и дека не се противи на испраќање европски војници во Украина, но оти американските војници нема да бидат таму.
– Јас сум целосно за тоа, ако тие сакаат да го направат тоа – рече Трамп.
Американскиот претседател додаде дека е разочаран од позицијата на Украина за конфликтот со Русија.
– Имаа три години да седнат на преговарачка маса – потсети американскиот лидер.
Според него, конфликтот во Украина можеше да се реши без губење територија, дури и со просечен преговарач пред неколку години.
Американскиот претседател Трамп предупреди дека ако Европа испрати војници во Украина, тоа би можело да предизвика Трета светска војна. Тој го повика Киев да одржи избори пред да се постигне мировен договор. Тој ги предупреди европските лидери дека ризикуваат да започнат Трета светска војна доколку одлучат да испратат мировни трупи во Украина. Р.С.