Разговор со Виолета Тримческа, везилка на традиционални делови за повеќе видови македонски носии
… Два конца парај од срцето, драги,
едниот црн е, а другиот црвен,
едниот буди морничави таги,
другиот копнеж и светол и стрвен.
(Блаже Конески)
Ова е втората строфа на надвременската песна „Везилка“ на Блаже Конески, врвен македонски книжевен, културен, јавен работник, академик, поет, научник – славист, кој ги направил најголемите чекори на македонскиот литературен јазик. „Тешкото“ и сета негова поезија со задоволство се читаат и пречитуваат, притоа се будат патриотски чувства како да се сака, да се гради и чува Македонија. Слободно можеме да кажеме дека големиот Блаже Конески со неговите дела влијае врз талентираните лица, дополнително ги поттикнува, за изработка на дела инспирирани од народната уметност, можеби на тој начин дури им ја предодредува и професијата.
Ваквите зборови сами се наметнуваат кога ќе се сретнете со некој лик како 47-годишната Виолета-Вики Тримческа, родена во гостиварското село Балин Дол, мажена во Железна Река, а живее во гостиварската населба Циглана, мајка на две деца, а од неодамна и баба на мала принцеза. Оваа жена со години веќе изработува традиционални делови за повеќе видови на македонски носии, при што најчесто работи со монистра.
– Уште кога имав 15 години научив да плетам, да везам и да хеклам, кај мене се јави потреба да му се посветам на изучувањето изработка на делови за прекрасните носии на полошкиот и реканскиот крај. Пробата беше успешна, се пронајдов себеси во оваа традиционална народна уметност, сфатив дека сум надарена да се посветам на изработка на парчиња за народна носија. Тоа се потврди по неколкуте изработени парчиња, кога бев презадоволна, а тоа ми го потврдија и роднините, соседите и пријателите. Тоа беше знак да се определам за оваа народна уметност, која духовно и материјално ме исполнува и со големо задоволство се определив да изработувам традиционални делови за повеќе видови на македонски носии. Апликациите за народни носии ги изработувам по шеми зачувани на стари носии на мои роднини и пријатели, кои ги зачувале од нивните предци, а некои и сама креирам. Користам претежно монистра од 2 мм, најситните, а ги набавувам во Гостивар и во Скопје, во различни бои според потребата на парчето.
Како наоѓате инспирација за вашите парчиња?
– Креативноста на изработка на вез доаѓа сама по себе, доколку ја сакате работата и со трпеливост и внесеност тоа што го работите максимално се ангажирате изработеното да биде квалитетно, да ги исполни чувствата. Треба да се настојува да се исполни договореното и барањето на нарачателот да биде убаво, а трудот секогаш ќе се исплати. Инспирацијата сама ми доаѓа од искуството и заинтересираноста да внесам нови елементи. Кога ќе го сплетам парчето и тоа ги задоволува моите вкусови и критериуми, со складен спектар на бои, следното парче по инерција е уште поубаво и така го постигнувам совршенството на не толку лесната народна творечка уметност, по малку подзаборавена, а која сега воскреснува.
Имате широк асортиман на народни творечки дела по кои сте препознатливи во Македонија. Кои дела најмногу ги бараат купувачите?
– Секое парче е атрактивно, но посебно би издвоила дека девојките и момчињата што се блиска рода на невестата и на младоженецот нарачуваат ќустек, кој ороводецот го користи за водење оро. За еднобоен ќустек ми се потребни два-три часа, со стари шари ми треба повеќе време. Нижењето на монистрата е пипаво, за најпрвин целосно да го нанижам конецот со монистра, а потоа заедно да ги сплетам, треба да вложам и повеќе време. Во нашиот Полошко и Горнорекански Регион има богат асортиман на парчиња на народна носија, од кои можам да ги набројам само деловите што ги изработувам: колан, ќустек, китки, тас, ракави за кошула… Нашите носии се многу богати и преубави. Сепак, најтежок би рекла е коланот, кој бара прецизност и многу внимавање при нижењето на монистрата, оти ако едно монистро е вишок или помалку, ништо од шарата што треба да испадне, а најлесни за изработка се китките, кои се нижат брзо и се употребуваат покрупни парчиња монистра, сребрени пари и волница.
Интересно е дека се посветивте на изработка на делови од стари народни носии, а ги продавате преку социјалните мрежи.
– Да. Побарувачката постојано се зголемува, многу ми е мило што последниве пет-шест години помладата генерација ги бара најмногу ќустеците и марамчињата за секаков вид свечености. И точно, ги продавам преку социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм, но и со препорака на пријатели и роднини.
На крајот на разговорот Тримческа додаде дека цените на нејзините креации се ниски, не се реални за вложениот труд. Еднобоен ќустек чини 700 денари, сѐ зависи од моделот и должината, но додава дека не е сѐ во парите, за неа е позначајно што купувачите се задоволни и ја продолжуваат македонската вековна традиција.
Виолета Тримческа со внуката
За малку ќе се откажела на почетокот
Нашата соговорничка по природа е весела, си потпевнува при работењето и се потсетува дека притоа ѝ се случиле многу интересни случки. Особено се сеќава на една од нив, која се однесува на нејзиното везење.
– Кога почнав да го плетам првиот колан, по неколку сплетени реда не ми се допадна, личеше на обична врвка, се смеам и си велам ќе се откажам, не ме бива за овој вид уметност и го расплетов. Инаку, изработката на коланите ја научив од мојата сосетка и пријателка Грозда Велјаноска, која ме поттикна, ме охрабри и од срце сум ѝ благодарна. Токму при изработката на првиот колан таа дојде да ме праша дали го имам завршено коланот да го види! „Не успеав, се разочарав и го расплетов, не ме бива коланот испадна како врвка“, ѝ реков. Пријателката со солзи се смее: „Така треба да изгледа по неколкуте реда, кога ќе стигнеш на 26-от ред тогаш ќе бидеш задоволна“. Со смеење продолжив да работам и, за среќа, сфатив дека кога првпат нешто работиш, а немаш претстава како треба да изгледа, нормално дека ќе бидеш незадоволен. Набрзо ја совладав првичната трема и успеав да навлезам во тајната на изработката на овие прекрасни парчиња на македонската народна носија.