Фото: Иван Камчев

Институтот за национална историја преку излагањата на реномираните научници, истражувачи, хроничари и повикани интелектуалци и со опфатените теми на научната конференција даде жив приказ за осумдецениската работа и заслугите на „Нова Македонија“ во развојот на државноста, нацијата, јазикот, културата и општеството во целост, како и за тесната поврзаност на весникот како додадена вредност и квалитет во сите сфери од општествениот живот во Македонија

Научен собир: 80 години од излегувањето на првиот број на весникот „Нова Македонија“

Во организација на Институтот за национална историја при Универзитетот „Св Кирил и Методиј“, како и на Матицата на иселениците, а под покровителство на Општина Чашка, вчера во Горно Врановци се одржа научен собир по повод 80 години од излегувањето на првиот број на весникот „Нова Македонија“.
На отворањето на собирот свои обраќања имаа градоначалникот на Општина Чашка, Горан Стојановски; директорот на Институтот за национална историја, проф. д-р Митко Панов; претседателот на Здружението на македонските имигранти-ЕГЕ, Мустафа Кемал Узункаја; како и главниот и одговорен уредник на „Нова Македонија“, Милко Живковиќ.
Акцентот во нивните обраќања беше ставен врз улогата што „Нова Македонија“ ја имаше како стожер на македонската државност, почнувајќи од АСНОМ, па до ден-денес. Уште еднаш беше посочена и потребата за продолжување на мисијата на весникот, за негово поголемо вклучување во образовниот процес за да може кај новите генерации да се воспостави култура на читање, но истовремено и да се запознаат подетално со улогата на весникот и неговата историска димензија.
– Би сакал да ве поздравам од името на редакцијата на „Нова Македонија“ и да ви се заблагодарам што со вашето присуство го збогативте одбележувањето на овој значаен јубилеј за весникот, но и за државата, токму на местото каде што е отпечатено првото издание. Им се заблагодарувам на Институтот за национална историја и на Матицата на иселениците за идејата и организацијата на научната конференција, која со опфатените теми дава приказ за долгогодишната работа и традиција на „Нова Македонија“, како и за тесната поврзаност на весникот со сите сфери од општествениот живот. Сето ова претставува поттик да продолжиме со посветена, професионална и квалитетна работа во линија со националните интереси и во годините што доаѓаат – истакна во своето обраќање Милко Живковиќ, главен и одговорен уредник на „Нова Македонија“.
Потоа научниот собир посветен на 80-те години од печатењето на првиот број на „Нова Македонија“ продолжи со излагања поврзани со улогата на весникот низ сите години од создавањето на современата македонска држава, почнувајќи од минатото, работењето во НИП-от, поседувањето широка дописничка мрежа и за плејадата новинарски пера што поминаа низ редакциите на весникот. „Нова Македонија“ ќе ги објави тематските обраќања на конференцијата во неколку продолженија во следните броеви.
Меѓу присутните, покрај сопственикот на весникот, Минчо Јорданов, беа и претставници од Здружението на македонските иселеници-ЕГЕ од Измир.
На крајот организаторите на собирот на сите учесници им доделија пригодни благодарници. Н.М.


Катица Ќулавкова: „Нова Македонија“ – „сламка на спасот“ за македонскиот граѓански и национален дискурс

Кога ќе помислам на дневниот весник „Нова Македонија“ најнапред чувствувам оптимизам дека и во услови на политички дисконтинуитет и државни трансформации е возможно да се сочува еден медиумски, културен и општествен континуитет. Поминавме разни фази на развитокот: – ранливата но и полна елан поствоена фаза; – фазата на стабилизација на македонската современа јазична и медиумска сцена; – фаза кога дневниот печат вршеше важна улога во создавањето критична маса на граѓани со прогресивни, но и национално јасно определени ставови; – фаза кога беше неопходно да се сочува изворниот профил и медиумски идентитет, а за да се сочува нешто треба пред сè да се има тоа нешто; – фаза кога дојде до инфлација, па и девалвација на дневниот печат, надополнета со напливот на електронски медиуми и портали без личен печат; – фаза кога започна делбата на медиумите врз јазичното начело; – фаза на финансиски колапс, кога државата ги намали својот интерес и својата поддршка на самостојните и независни медиуми…
И тогаш сфаќам дека „Нова Македонија“ успеа да ги преживее и да ги надживее сите искушенија и опструкции, дека успеа да го сочува и да го нагласи поекспресивно својот медиумски профил, успеа да не вегетира, туку да го освои својот простор на слободата… На прагот е на својот столетен роденден, а сепак витална и препознатлива.
Лично ја сфаќам некогаш и како „сламка на спасот“ за македонскиот граѓански и национален дискурс. Таа е одговор на прашањето каде да се објави и кој би го објавил текстот кој промовира некоја идеја со македонски призвук! Оти, да бидеме искрени, постои извесна стигма кога треба да се застане на браникот на историски стекнатите македонски права – државотворните, јазичните, културните, образовните…
Ете, затоа ме обзема и тага, заправо тажна радост, дека „Нова Македонија“ е, за жал, еден од малкуте истрајни македонски дневни весници. Една, а нè обединува сите!


По повод 80 години од излегувањето на првиот број на најстариот дневен весник „Нова Македонија“, упатувам најискрени честитки и вечно да продолжи да живее овој наш весник, кој претставува темел и идентитет на македонската држава, на македонскиот народ и на сите граѓани.
Јас особено сум благодарен за четиридецениската соработката и континуирана поддршка на овој весник, на мојата мисија „,Македонско цвеќе на мирот“, кое се наоѓа меѓу поетите, музичарите, спортистите, актерите, просветните и здравствените работници, државниците, екологистите низ светот… цветин.