Разговор со м-р Весна Керамитчиевска, логопед
Логопедијата е наука за говорот. Ова е толкувањето што обично ни го даваат речници со постаро потекло, но денес логопедијата како наука се применува секаде каде што се јавуваат проблеми во усното изразување кај секој што покажува какви било говорни недостатоци.
Колку луѓе од нашето секојдневие го знаат вистинското толкување на зборот логопед? И колку од сите оние што го знаат толкувањето се вистински упатени во значењето на една многу сериозна професија какава што таа е на логопедот?
За разјаснување на ова вистински значајно прашање, моја соговорничка е една од ретките стручњаци од оваа област во Македонија, која целиот свој работен век го посвети на не толку признаената наука кај нас, Весна Керамитчиевска, но која успева да го формира целосно своето место на скалата на неопходни науки.
Таа е по образование дипломиран филолог на Катедрата за романска филологија, со италијански јазик под Ц при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје. Но по еден вид семејно определување во 1990 година, дипломирала на Дефектолошкиот факултет во Белград, отсек логопедија, и целосно е посветена на сето она што се однесува на говорната активност, како многу значајна активност особено и не само во развојот на децата, туку воопшто во одржување на убавиот говор како една одлика со која треба да се закити секој современ човек. Погоре истакнав „семејно наследство“ затоа што сметам дека е неодминлив фактот дека нејзиниот татко проф. д-р Славчо Каерамитчиевски е вистинскиот промотор и еден од основоположниците на логопедијата во Македонија и пошироко признаен од страна на САНУ (Српската академија на науките). Тој е двоен доктор на науки, едниот докторат е од областа на македонската фонетика, а вториот од областа на фонопедијата (наука за гласот), а работниот век го завршил како редовен професор на Дефектолошкиот факултет во Белград, за чии потреби ги напишал учебниците „Општа логопедија“, „Аудиологија“ и „Фонопедија“, како и многу научни трудови. Втората инспирација за нејзината определба е нејзината мајка Љубица Керамитчиевска, магистерка и децениска практичарка –логопед.
Како долгогодишен логопед, таа работи во специјалното основно училиште „Д-р Златан Сремец“ во Скопје, каде што ќе ја доживее и својата административна пензија, оставајќи зад себе генерации и генерации деца веќе подготвени да се посветат на професии што ќе ги привлекуваат во животот. Но Весна продолжува и понатаму да работи и да им помага на сите оние што од неа ќе ја побараат таа стручна помош. Зошто? Токму поради недостигот од стручен кадар од оваа област и токму поради постојаното маргинализирање на логопедијата, која во Македонија, барем искуството го покажа тоа, стануваше вистински неопходна.
За да дојдеме до суштината на овој наш разговор, најпрво би ве замолила на нашите читатели да им ја објасните нашата мултиетничка и мултикултурна заедница, каде што по сила на историски случувања, отсекогаш сме биле и сè уште сме мултијазичко подрачје во кое се говорат јазиците на сите присутни народи што живеат во неа. Што е тоа клучно што во ваквите заедници може да се изнедрат проблеми, кои со текот на времето стануваат теми на расправи во голем број научни сфери, но најмногу кај дефектологијата и логопедијата?
– Според мене, мултинационалниот, мултиетничкиот, мултикултурниот состав на населението кај нас е вистинско богатство, кое само по себе не содржи проблематика што би била предмет на проучување и практика на логопедијата. Како потенцијален проблем на нашите простори јас ја гледам стигматизацијата на отстапувањата од она што се смета за типично, а е наметната од нашиот менталитет. Луѓето на овие простори многу децении имаа сосема солиден соживот, особено во времето на СФРЈ. На тој начин бевме воспитувани и така функциониравме сѐ до транзицијата, која сама по себе донесе многу тешкотии и промени во начинот на функционирањето и самото живеење.
Според ваши лични сознанија, каде е направена клучната грешка во однос на правилниот и соодветен третман за значењето на логопедијата во нашата средина, односно во нашата држава?
– Во суштината на човекот, како био-психо-социјално суштество, лежи комуникацијата. Токму таа е предмет на проучување и пракса на логопедијата. Ова и интердисциплинарна наука што ги опфаќа сите сегменти од кои се состои човековата личност.
Кадар од овој профил по Втората светска војна, со децении се оформуваше на овие простори во Белград и Загреб, подоцна во Љубљана и Сараево. Еден мудар човек еднаш напиша дека поголемиот дел од енергијата на логопедите ќе се троши на докажување на потребата од нивното постење повеќе отколку самата пракса.
Полека но сигурно се оформуваа установи и институции што во суштината се занимаваа со решавање разновидни развојни отстапувања, кои различно се дефинираа, а не се лекуваа со лекови. Тоа се состојби што се предизвикани од различна етиологија, а оставаат последици врз способноста на комуницирање и функционирање на личноста, говор, вид, слух, глас, нарушување во однесувањето.
Логопедијата се занимава со детекција, корекција, хабилитација и рехабилитација на говорно-јазичната патологија.
Сонот на мојот покоен татко беше токму создавање едукативна институција кај нас, за да се создаваат кадри. Тоа со многу напор му успеа, така што се оформи група за дефектолошки студии на УКИМ-Скопје при Филозофскиот факултет. Сепак, овие науки бараат повеќе медицински одошто воспитно-едукативен пристап. Кадар постоеше и сѐ уште постои во малобројни специјализирани установи, кои ниту оддалеку не можат да ги задоволат потребите.
Вашата долгогодишна практична работа во ПОУ „Д-р Златан Сремец“ неоспорно ги давала очекуваните резултати. Но, верувам дека и јавноста ќе ја интересира, дали во рамките на нашите филолошко/дефектолошки студии се создадоа можности за отворање специјална интердисциплинарна катедра за подготовка на овој вистински стручен и за нас секогаш неопходен кадар?
– Јас имав чест и среќа да го „печам“ занаетот таму каде што имав најмногу предизвици поради различните патологии со кои се среќавав таму. Иако со мојот постдипломски статус и искуство имав можности да се занимавам академски со науката, јас сепак го избрав практичното дејствување, токму поради недостигот од логопедски кадар.
Морам да се осврнам на суштинските проблеми што ги наметнаа системските промени во општеството. Подолгото отсуство на родителите, начинот на живеење и на исхрана, неминовно го зголемија бројот на лица со најразлична попреченост. Драстично се зголемува бројот на рани детски психози, како на пример аутизмот. Токму тука лежи проблемот со многујазичноста. Децата совладуваат странски јазик применувајќи современи електронски средства, пред да ја совладаат морфологијата на јазикот на кој треба да се социјализираат.
За среќа, при УКИМ на Медицинскиот факултет пред две години се оформија студии по логопедија, со што по извесно време ќе постои соодветен кадар. Доколку се реализира и институционално поврзување за поддршка на овие лица, состојбите драстично ќе се сменат на подобро. Со ова им посакувам успешна работа на идните колеги.
Билјана З. Билјановска