Како две паралелни војни отворија длабоки пукнатини во
Северноатлантската алијанса
- Додека Украина и Иран го влечат западниот блок во различни насоки, трансатлантското единство сè повеќе наликува на привид отколку на вистинска стратешка кохезија
Под притисок на две војни, НАТО и пошироката трансатлантска рамка влегуваат во фаза во која напнатостите повеќе не можат да се прикријат со протокол. Судирот меѓу Каја Калас и Марко Рубио околу Русија и Украина, заедно со јавниот бес на Доналд Трамп поради тоа што европските сојузници не сакаат да го сервисираат американскиот конфликт со Иран ниту да испраќаат бродови во Ормускиот Теснец, покажува дека внатре во западниот блок се отвора подлабок спор од обично несогласување за тактиката. Пука самата идеја за заеднички стратешки инстинкт.
Вашингтон и европските престолнини сè почесто ги гледаат истите карти, но гледаат различни „закани“, различни приоритети и различни граници на сопствената обврска.
Две војни, две перцепции за светот
Украина за поголемиот дел од Европа е клучно и примарно прашање, иако, иронично, токму САД „ја отворија вратата“ што ќе доведе до овој конфликт. За европските држави, војната во Украина не е само прашање на геополитика туку и на егзистенцијална безбедност на континентот. Таа се доживува како судир што ќе ги одреди идната архитектура на Европа и границите на руското влијание.
Од друга страна, Иран за Вашингтон и Израел е поинаков тип војна – војна на проекција на моќ, регионално преуредување и контрола на енергетско јадро што ја пресекува глобалната трговија. Тоа не е егзистенцијална војна за Европа, туку стратешки избор на Америка.
Во таа разлика лежи суштината на проблемот: сојузниците повеќе не делат иста хиерархија на закани.
Акробации без покритие
Марк Руте се обидуваше на почетокот на март да продаде формула дека Алијансата може истовремено да турка на двата фронта – да ѝ помага на американската операција против Иран и да ја одржува украинската линија стабилна.
Но самата конструкција на тој наратив ја открива длабочината на проблемот.
Речиси во иста реченица ги пофали американско-израелските удари, нагласи дека НАТО како сојуз нема да биде вклучен и дополнително објасни дека членот 5 тука не е тема. Таа реторичка акробација не беше знак на сила, туку обид да се управува со контрадикцијата: како да се поддржи сојузник, а притоа да не се вовлече Алијансата во војна што мнозинството членки не ја сакаат.
Самата потреба за вакво балансирање јасно покажува до кој степен некогаш монолитниот сојуз го губи заедничкиот темел.
Трансатлантскиот јаз повеќе не е теоретски
Внатрешните напнатости во НАТО траат со години, но сега добиваат нова димензија – оперативна и воена. Ова повеќе не е спор околу буџетите за одбрана или политичката реторика, туку конкретно прашање: во кои војни учествува сојузот и зошто.
Европа ја гледа Украина како своја војна.
САД го гледаат Иран како свој приоритет.
И двете страни очекуваат солидарност – но под сопствени услови.
Резултатот е ситуација во која формалното единство се одржува, но стратешката кохезија слабее. НАТО сè уште функционира како воена рамка, но сè помалку како политичка заедница со единствена визија.
Крај на илузијата за „заеднички инстинкт“
Долго време постоеше претпоставка дека Западот, и покрај разликите, дели основен рефлекс – брзо и инстинктивно препознавање на заканите и заеднички одговор. Таа претпоставка сега се распаѓа бидејќи повеќе не станува збор за тоа како да се реагира, туку на што воопшто да се реагира.
Украина и Иран не се само две кризи – тие се огледало на длабоко разидување. Едната е одбранбена војна на европско тло, другата е проекција на сила надвор од него. Едната бара долгорочна исцрпувачка поддршка, другата брзи и одлучни воени потези.
Сојуз што се обидува истовремено да води две вакви војни без јасен приоритет ризикува да го изгуби фокусот – и кредибилитетот.
Алијансата на пресвртница
Денешното НАТО се наоѓа на пресвртница каква што не видело од крајот на Студената војна. Прашањето повеќе не е само колку е силен туку колку воопшто е единствен.
Ако разликите меѓу Вашингтон и европските престолнини продолжат да се продлабочуваат, сојузот би можел да еволуира во полабава коалиција на интереси наместо цврст безбедносен блок.
Засега, расколот сè уште не е формален. Но станува сè повидлив.
А историјата покажува дека сојузите ретко пукаат нагло – почесто полека се трошат, сè додека еден ден не стане очигледно дека она што ги држело заедно повеќе не постои. Р.С.
Трамп: Членките на НАТО се кукавици, ние ќе го запаметиме тоа“
Причината за жестоките реакции на претседателот на САД кон Северноатлантската воена алијанса (што засега сè уште се само вербални) е тоа што во војната меѓу САД и Израел во Иран, членките на НАТО се оглушија или отворено го одбија повикот на Трамп да му се приклучат, поточно активно да учествуваат во обезбедувањето на коридорот за танкерите и други пловила низ Ормускиот Теснец.
Во еден таков контекст, Трамп рече дека без САД, НАТО нема вистинска сила.
– Без САД, НАТО е тигар од хартија! Тие не сакаа да учествуваат во борбата за запирање на Иран со нуклеарно оружје. Сега кога оваа борба е добиена воено, со многу мал ризик за нив, тие се жалат на високите цени на нафтата што се принудени да ги плаќаат, но не сакаат да помогнат во отворањето на Ормускиот Теснец – напиша Трамп на својата социјална мрежа Трут сошал. Тој додаде дека отворањето на Ормускиот Теснец е „едноставен воен маневар“ и ги обвини сојузниците за кукавичлук.
– Кукавици и ние ќе го запаметиме тоа – рече претседателот на САД.
Особено се алармантни неговите неодамнешни изјави во кои ја доведе во прашање американската поддршка за сојузниците од НАТО, тврдејќи дека Алијансата не му помогнала на Вашингтон во војната против Иран.
– Секогаш би биле тука за нив, но сега, врз основа на нивните постапки, не мислам дека мораме, нели? – изјави претседателот на САД.
За потсетување, Трамп со години дава изјави на адреса на НАТО, а повеќето од тие изјави се против Алијансата. Имено, половина година пред да стане претседател на САД, тој рече дека „ќе ја охрабри Русија да нападне која било членка на НАТО што не ги исполнува своите обврски според воениот сојуз“!
Натаму, потсетуваме дека во својот прв мандат, Трамп многу пати се закани дека ќе се повлече од НАТО, вклучително и на самитот на тој сојуз во 2018 година. Потоа ги критикуваше другите нации што не ги трошат целните 2 проценти од нивниот БДП за одбрана. Во меѓувреме, беше договорено да се зголемат трошоците за одбрана на 5 проценти од БДП до 2035 година, но дури и тоа не влијаеше значително врз перцепцијата на Трамп за НАТО. Р.С.
































