Фото: Маја Јаневска-Илиева

Аналитички осврт врз бугарското признавање на Македонија од 1992 година

  • Фрламе аналитички поглед на бугарското признавање на македонската држава од 1992 година главно од гледна точка на декларативната теорија, една од неколкуте доминантни меѓународни теории за признавање на државите. Но, за потсетување, признавајќи ја Македонија според „иновативната формула“ „држава – да, народ и јазик – не“, Бугарија имплицитно во таа своја одлука од 1992 година внесе и елемент
    на „условено признавање на државата“ (conditional recognition of a state“), кој е поврзан со една втора меѓународна теорија и пракса за признавање на новите држави, позната како конститутивна или консекутивна теорија

На 15 јануари 1992 година, Арбитражната комисија (подоцна наречена Бадинтерова комисија) на Европската заедница, предводена од претседателот на Уставниот суд на Франција, Робер Бадинтер, соопшти во својот извештај дека се исполнети сите услови за меѓународно признавање на Македонија, заедно со Словенија. Истиот ден Бугарија ја призна Македонија како суверена и независна држава. Бугарското признавање на новата штотуку осамостоена македонска држава, во овие 34 години, од редица домашни и меѓународни правни експерти и експерти за меѓународни односи се оценува како единствено такво официјално признавање во светски рамки, затоа што е извршено врз основа на „иновативната формула“ „држава – да, народ и јазик – не“! Одрекувајќи го постоењето на засебен македонски народ и засебен македонски јазик што го говори тој народ и сметајќи дека имаат „историски бугарски“, односно како народ и јазик со бугарски корени, може да се добие впечаток дека Бугарија, поправо, условно кажано, како да ја признала само македонската територија, ама не и државотворниот народ што живее на таа територија. Официјалното признавање на Македонија од страна на Бугарија е извршено врз основа на таканаречената бугарска национална доктрина, која во однос на Македонија и Македонците содржи теза „еден народ – две држави“ или „две чеда на иста мајка – Бугарија“, односно дека македонскиот народ е дел од бугарскиот народ, кој живее во две држави. Оваа и ваква политика на официјална Софија беше прецизирана во два документа изработени од Бугарската академија на науките и уметностите: во „Бугарската национална доктрина за 21 век“, објавена во 1998 година, и во нејзиниот втор дел „Национални стратегиски програми“, објавен во 1998 година. Во овие документи се содржани великобугарските стремежи кон Македонија, како дел од нивниот проект и доктрина уште од 19 век за бугаризација на македонскиот народ и Македонија. Фрламе аналитички поглед на бугарското признавање на македонската држава од 1992 година главно од гледна точка на декларативната теорија, една од неколкуте доминантни меѓународни теории за признавање на државите. Но признавајќи ја Македонија според „иновативната формула“ „држава – да, народ и јазик – не“, Бугарија имплицитно во таа своја одлука од 1992 година внесе и елемент на „условено признавање на државата“ (conditional recognition of a state“), кој е поврзан со една втора меѓународна теорија и пракса за признавање на новите држави, позната како конститутивна или консекутивна теорија.

Декларативната теорија за признавањето на државите

Според декларативната теорија, формализирана во Конвенцијата од Монтевидео од 1933 година, една држава постои штом ги исполнува објективните критериуми (територија, население, влада), без оглед на признавањето од други држави. Во членот 1 на Декларацијата од Монтевидео пишува: „Критериуми за државноста, која се признава се (а) постојано население, (б) дефинирана територија, (ц) влада и способност за владеење, управување со државата и (д) капацитет на државата да влегува во односи со други држави“. Членот 3 на Конвенцијата од Монтевидео гласи: „Политичкото постоење на една држава не зависи од признавањето на други држави“.
Значи, декларативната теорија, крената веќе во ранг на Конвенција од Монтевидео, според која се врши официјалното признавање други држави, подразбира дека односната држава може да добие официјално признавање ако го исполнува, покрај другите, и критериумот да има свое население, односно народ. Во 1992 година, Македонија имала свој народ македонски и свое друго население, но тогаш имала и официјален извештај на Бадинтеровата комисија дека ги исполнува сите меѓународни услови за свое официјално признавање како држава. Но како постапила Бугарија со своето признавање на Македонија? Карикирано претставено во врска со македонскиот случај, Бугарија во 1992 година рекла: „Да, морето го гледаме, го признаваме дека постои, ама во него нема риби“! Значи, Македонија за Бугарија во 1992 година веќе постоела како држава, ама во неа без Македонци! Признавање што е официјално, фактичко, секако многу значајно, оти било прво во светот, но кое, сепак, било и останало сѐ до денес внатрешно „празно“ и „шупливо“!
Признавајќи ја државата, ама не и народот, таа година Бугарија, всушност, ја прекршила Конвенцијата од Монтевидео во нејзиниот член 1, дел „а“. Ја крши и денес. Сепак, членот 3 на таа конвенција јасно посочува дека постоењето на македонската држава не зависи од признавањето на други држави, штом таа ги исполнува пропишаните меѓународни услови, кое го констатирале и го потврдиле пред три и пол децении Бадинтер и неговите колеги од односната Арбитражна комисија на Европската заедница.

Конститутивната (консекутивна) теорија за признавањето на новите држави

Конститутивната теорија го третира признавањето како дискрециски политички чин, државите можат да изберат да додадат специфични услови пред да го доделат своето признавање. Тоа значи дека тие прибегнуваат кон „условено признавање“ на односната држава. Ова е практика на признавање на нова држава, само ако исполнува одредени специфични барања надвор од стандардните критериуми за државност, пропишани со Конвенцијата од Монтевидео (население, територија, влада). Вообичаените услови вклучуваат: почитување на човековите права, обезбедување заштита за сите граѓани, но и гарантирање на правата на малцинските групи.
„Условеното признавање“ од една држава на друга подразбира експлицитно пројавен услов или имплицитно очекување новата признаена држава дополнително да исполни одредени барања, како што се заштита на правата на малцинствата или почитување специфични стандарди за човекови права во однос на нејзиното население. На пример, Европската заедница ги призна државите од поранешниот Советски Сојуз само откако тие се обврзаа да ги почитуваат правата на малцинствата.
Конститутивната теорија говори дека случајот кога една држава го признава постоењето на друга држава, но не ги признава луѓето од таа држава, односно нејзиниот државотворен народ, исто така се категоризира како „условено признавање“, иако, од формалноправен аспект, тоа признавање е важечко, фактичко и официјално. Бугарија во својата одлука да ја признае Македонија немаше споменато конкретни условувања, но не случајно тогаш ја призна држава, но не и народот: со имплицитно очекување тој македонски народ да стане бугарски со својот македонски јазик! На оваа линија Софија бара денес „почитување и остварување на правата на Бугарите во Македонија“, но не како „бугарско малцинство“, туку како „бугарски државотворен народ“, за кој се бара, со поддршка и на ЕУ, токму како таков да се внесе во преамбулата на македонскиот устав.
Признавајќи ја државата, но ставајќи „вето“ на народот, на нацијата, официјална Софија во јануари 1992 година создаде „бугарска меѓународноправна аномалија“ во случајот со Македонија: за Бугарија, Македонија е конституирана и постои како држава во системот на меѓународните односи, но основниот идентитет на таа држава – македонскиот национален идентитет – останува оспорен и негиран од страна на Бугарија, и покрај нејзиното официјално признавање на државата Македонија. Официјалното признавање од Бугарија на Македонија уште од пред 34 години создаде своевидна „правно-нормативна архитектура“ за денешното барање за уставни измени, а потоа следствено и за можното конечно остварување на „санстефанскиот сон“ – „една држава – два народа“.
Како и да е, што и да е, споменатата одлука на Бугарија од 15 јануари 1992 година сепак може и треба да се исполни со вистинска содржина на признавање на реалноста на постоењето и на македонскиот народ, македонскиот јазик, историја и идентитет. Бугарија нема да биде уште долго време „геополитичка галеница“ на ЕУ, Франција и на други европски држави и меѓународни центри на политичка моќ. Меѓународните околности, особено во Европа, брзо се менуваат: ЕУ, внатрешно разнишана, станува, или веќе станала, речиси небитен геополитички играч на светската сцена, а „бугарскиот адвокат“ Макрон во Франција од ден на ден сѐ повеќе наликува на „лисја на дрвјата“, кои можат, поради засиленото „дување на суверенистичките ветришта“, да паднат на земјата и пред претседателските избори во 2027 година…
НАТО гради бази во Бугарија, но американскиот претседател Трамп од свои причини и финансиски математики не му мисли добро на Северноатлантскиот пакт, така што е прашање што ќе се случува со тие бази во перспектива… Американскиот лидер, пак, колку ја „бендисува“ ЕУ веќе е добро познато… Во ваквиот меѓународен геополитички контекст, Бугарија треба да очекува дека реално ќе ѝ падне „геополитичката цена“. Затоа, официјална Софија треба што поскоро да ја осовремени одлуката за признавање на Македонија од 1992 година со содржини на вистинско добрососедство, со заемно признавање, почитување и соработка. Без хегемонизам, без великобугарски шовинизам од 19 век, зашто со тоа нема да има иднина на Балканот. Доктрината „една држава – два народа“ треба да замине на буништето на историјата, а неа да ја замени формулата „две држави – два народа“.

Свето Тоевски