Кочо Рацин

Сто и седумнаесет години од раѓањето на еден од најголемите современи македонски поети Коста Апостолов Солев Рацин

  • Овој денешен напис на „Нова Македонија“ е еден обид за позадлабочено осврнување на личноста и творештвото на националниот мислител и волшебник на македонската поетска реч Коста Солев-Кочо Рацин, на човекот што со својата поезија и македонска национална реч ги најави „белите мугри“ на битисувањето на македонскиот народ

Коста Апостолов Солев е роден на 22 декември 1908 година во Велес, во семејството на сиромашниот грнчар Апостол Солев. Имал гладно и сиромашно детство, во кое многу работел и учел. Рано го сфатил ропскиот живот на македонскиот народ и затоа уште во детството кај него се јавила омраза кон експлоататорите. Поради сиромаштија го прекинал школувањето во втори клас нижа гимназија и му се посветил на татковиот, грнчарскиот занает. Но го користел секој слободен момент за читање, повлекувајќи се на таванот и учејќи на свеќа. Ги читал делата на најистакнатите марксисти, социолози, писатели и мислители. Меѓу двете светски војни станал член на Комунистичката партија на Југославија.
Творештвото на Кочо Рацин опфаќа неколку области: поезија, проза, историски списи, филозофски списи, литературна критика и есеи. Започнува да пишува поезија во 1928 година. Својот најголем придонес го дава во областа на поезијата, особено со својата стихозбирка „Бели мугри“. Со неа го постигнува својот најголем успех. Стихозбирката „Бели мугри” е испечатена во 1939 година во Самобор, до Загреб, во 4.000 примероци. Иако била забранета, таа се растура меѓу македонското население низ цела тогашна Југославија и во Пиринска Македонија. „Бели мугри“ е напишана на македонски јазик и со македонска азбука, шест години пред официјализирањето на заседанието на АСНОМ, што јасно говори за постоење на македонска самосвест, јазик, азбука и култура.
Во 1941 година Рацин работел во Софија, но по смртта на Коле Неделковски бил гонет од софиската полиција, па избегал во Скопје. Тука работел во Народната библиотека, а живеел илегално. Малку подоцна се вклучил во партизанските одреди. Го издавал весникот „Илинденски пат“. Работел во партизанската печатница и подготвувал нова книга за печатење. На 13 јуни 1943 година на планината Лопушник згаснува неговиот живот, во случај во кој, според една верзија, загинал несреќно, кога бил смртно застрелан од негов соборец, додека, онака наглув, не се одзвал на наредбата да застане. Според втора, сѐ уште официјално непотврдена верзија, тој бил убиен по нечија наредба.

Поетското творештво на Рацин

Кај Рацин се издвојуваат две фази во неговото поетско творештво. Првата фаза опфаќа песни напишани на српски (и бугарски) јазик, а втората, на македонски. Првата фаза ги опфаќа песните посветени на невозвратената љубов што тој ја чувствувал кон Рахилка Фирфова-Раца. Тој ѝ пишувал картички со љубовни изливи, а некои од нив ги напишал со сопствена крв. Овие песни, вкупно 24 (19 на српски и 5 на бугарски јазик), како и 31 картичка, го сочинуваат поетскиот ракопис „Антологија на болката“.
Освен овие песни, во првата фаза спаѓа и обидот да го напише романот „Афион“, или „Опиум“, на српски јазик, кој не го довршил. Ракописот бил запален при неговото апсење во 1934 година. Во 1932 година добива награда од хрватското списание „Литература“ за новелата „Во каменоломот“. Кочо Рацин ги напишал и расказите: „Резултат“, „Златен занает“, „Татко“, „Тутуноберачи“, „Пладне“, „Еден живот“, „Радоста е голема“, „Јулус“, „Новак“.
Во втората фаза, Рацин ќе биде преокупиран со животот и експлоатацијата на македонскиот народ и ќе пишува на македонски јазик. Ќе ја напише и ќе ја објави во 1939 година стихозбирката „Бели мугри“, како и неколку есеи, критики и историски осврти. „Бели мугри“ е составена од 12 песни, од кои две се циклуси (со по 6 и 7 песни), напишани на велешки дијалект со примеси од западномакедонските говори, во кои преовладуваат општествените и револуционерните теми. Според лирскиот вид, сите песни во збирката се општествени, а мотивите се: аргатски, печалбарски, за пропаднатите занаети, елегични и револуционерни. Насловот на оваа знаменита стихозбирка содржи силна симболика, сликовита асоцијација на едно ново утро, нов почеток, нов живот за работниците, аргатите и сите експлоатирани луѓе. „Бели мугри“ е создадена под влијание на народната поезија, на „Зборникот“ на Браќата Миладиновци. Со аргатски мотив се песните: „Денови“, „Селска мака“, „Тутуноберачите“, „Печал“. Во стихозбирката „Бели мугри“, „Ленка“ е елегија и тоа е можеби најпознатата, антологиска песна на Рацин.
Со мотивот на пропаднатите занаети, Рацин се преокупира во циклусот од седум песни „На Струга дуќан да имам“. Во својата маркантна песна „Копачите“, која е со експресионистичко-револуционерен мотив, Рацин повикува на борба против таквиот живот, повикува на револуција. Од посебно значење е и исповедно-патриотската песна „Татунчо“.

Ќулафкова: Поезијата на Рацин, мислителот и борец за правда, и по еден век е жив македонски отслик на стварноста

На 7 април годинава во Македонската академија на науките и уметностите во Скопје беше претставено тритомното издание за Кочо Рацин – поезија, проза, животопис. Во врска со тритомното издание за Кочо Рацин во воведната реч во таа пригода, главниот редактор академик Катица Ќулафкова истакна: „Ова тритомно издание претставува пофалба на делото на Рацин, на неговиот животен и творечки подвиг, на неговата втемелувачка, сподвижничка, визионерска, напредна, хумана и револуционерна природа. Рацин не е само име на една стилска епоха, туку и на една филозофија на праведното и достоинственото постоење на човекот и на човештвото.. Рацин обединува таков каков што е: страстен човек, надарен поет, бескомпромисен борец за правда, бранител на обесправените и угнетените, префинет мислител, пасиониран истражувач, хуманист, футурист, интернационалист. Рацин ја доживеал изворно македонската драма и затоа можел да ја опише нејзината суштина. Рацин дошол, видел и останал во светот. На македонски начин. Поради тоа, неговата најдобра поезија од пред еден век и денес се чита како да е жив отслик на стварноста. Македонско селфи. Рацин ја доловил суштината на историјата, гледајќи ја со едното око на македонски начин, а со другото – на општочовечки.“
Во јуни 2019 година професорот д-р Људмил Спасов обелодени една информација дотогаш речиси непозната за пошироката македонска јавност: дека македонскиот поет Кочо Рацин е под заштита на УНЕСКО веќе 30 години, а денес и веќе над три децении. Проф. д-р Људмил Спасов на отворањето на 56. Рацинови средби ја покажа книгата издадена од УНЕСКО, со која поетот Кочо Рацин пред триесетина години влегува во изборот на словенските писатели за светско наследство.
– Да знаеме и да бидеме горди дека Кочо Рацин е под заштита на УНЕСКО. Но, држава сме што не знае да ги памети традициите. Малкумина го знаат ова, кое се случи во СФРЈ во средината на 1980-тите години. Тоа беше голема културна акција на УНЕСКО, во која се влезени најзначајните словенски писатели. Меѓу сите нив е и Кочо Рацин. Тешко било во рамките на Југославија да се пробие македонски поет, но благодарение пред сè на Матеја Матевски, Борис Вишински, Рацин влегува во оваа едиција, се преведува и се печати – кажа тогаш професорот Спасов.
Со своја сериозна критика се огласи и академик Ќулафкова при промоцијата на тритомното издание за Кочо Рацин – поезија, проза, животопис.
– И по повеќе од осум децении книжевното творештво на Кочо Рацин нема доживеано темелно и интегрално критичко издание во својата матична, македонска културна и научна средина. Речиси четириесет години Рациновото прозно уметничко и публицистичко дело не наидува на соодветен научен одговор, па ни на достоен национален возврат, каков што заслужува. Се добива впечаток дека спласнува сеќавањето за Рацин како последица на неговото отсуство или недоволно присуство во образовниот систем, во медиумите и во критиката. Македонската академија на науки и уметностите одржа два свечени собира последниве две децении, но не е реализиран проект од типот на критичко издание на целокупните дела на Кочо Рацин, проект кој подразбира темелно архивско, споредбено истражување, дигитализација, превод, компаративно и осовременето критичко толкување – нагласи Ќулафкова.
Овој денешен напис на „Нова Македонија“ е еден обид за позадлабочено осврнување на личноста и творештвото на националниот мислител и волшебник на македонската поетска реч Коста Солев-Кочо Рацин, на човекот што со својата поезија и македонска национална реч ги најави „белите мугри“ на битисувањето на македонскиот народ.
Во статијата на Јосиф Ќаевски-Перо со наслов „Сеќавање за смртта на Кочо Рацин“, објавена во весникот „Нова Македонија“ во март 1990 година, се приведуваат изворно последните, претсмртни зборови на великиот Македонец Рацин, откако бил погоден со куршум на планината Лопушник: „Кога дојдовме до Кочо, тој легнат на грб, уште свесен, праша: „Што е ова, бре другари, со мене, дали сето она е вистина или нешто сонувам“. Кога почна да ја губи свеста, собра сила само уште да рече: „Другари, имам една стара мајка во Велес, кажете ѝ оти загинав за Македонија“.


Рацин: Народ кој нема свое вчера, кој нема свое денес,
не може да има ни свое национално утре!

Кочо Рацин во сета своја дејност се пројавува не само како поет на душата на македонскиот народ туку и како негов знаменит национален мислител од највисок ранг, способен да проникне во македонските национални пулсирања и визионерски да ги искаже со силата на својот збор. Рацин не е физички со својот народ веќе 82 години, откако згасна неговиот живот во 1943 година на планината Лопушник, но неговите мисли и пораки извонредно силно одекнуваат би се рекло токму денес.
Рацин уште во 1940 година ќе запише: „Јасно е дека ние сме Македонци, а не македонски Блгари. Јасно е дека против това свесно се борат и блгарските и српските империалисти, и дека несвесно им служат онија наши другари што ни одречуат правото а се сметаме национално Македонци“.
На темата „историски корени на македонскиот народ“ Рацин ќе дополни: „Ако се зборува за историческо право, то и Македонците имаа уште ушче по големо, зашчо Македонија постојала ушче во времето на Филипа и Александар Македонски.“
Пишувајќи во „Јазикот – тоа е голема сила на народот, на нацијата“, Кочо Рацин ни остава од 1940 година уште едно блескотен запис – своевидно национално послание, кое е на иста линија како и предупредувањето на Блаже Конески до Македонците „да бидат на штрек и да го чуваат јазикот свој мајчин македонски, оти е единствена нивна комплетна и неподелена татковина“.
Рацин пишува: Да му го земеш јазикот на еден народ, тоа значи да му ја земеш душата, да го лишиш од неговиот национален персоналитет. И таа забрана овде (во Кралството Југославија, л. заб.) и иста таква забрана во ’бугарска’ Македонија, и во Грција – тоа е сè борба за душата на македонскиот народ, но не за тоа таа да се развие, туку да се уништи. И тука има едно фантастично совпаѓање: трите балкански буржоазии се единствени во нешто – во тоа да се одрече, а потоа да се уништи македонскиот јазик за да се избрише македонскиот народ како национална индивидуалност… Ете, и историјата сакаат да ни ја скријат, да ни ја земат, за да ни ја земат душата, за да докажат дека сме племе без историски континуитет. Народ кој нема свое вчера, кој нема свое денес, не може да има ни свое национално утре. Ете, нашето вчера треба да исчезне за да се стопи нашето денес и за да се избрише секоја мисла за нашето утре. А континуитетот постои – континуитет на маки и страдања, но и континуитет на отпори, борби и еден чудовишен континуитет на национална отпорност и на народна жилавост.“

Свето Тоевски