Од активностите на нашинците низ светот

Во организација на македонското културно-уметничко друштво „Свети Наум Охридски“ од Тринген, Швајцарија, се одржа традиционалниот годишен „Македонски концерт 2025“. Според присутните, халата „Маркт“ во швајцарскиот град Бургдорф била претесна за големиот број Македонци од цела Швајцарија што присуствуваа на „Македонскиот концерт 2025“.
Концертот започна со интонирање на македонската национална химна „Денес над Македонија“, а присутните беа благословени од свештеник на Европската епархија при Македонската православна црква-Охридска архиепископија, со благослов на неговото високопреосвештенство г. Пимен, митрополит европски.
Она што му дава посебно значење на годинешниот македонски концерт е фактот дека на него учествуваа македонски културно-уметнички друштва од Република Албанија, Република Бугарија, Република Грција и Република Македонија. На концертот со песни и ора се претставија македонското културно-уметничко друштво „Свети Наум Охридски“ од Тринген, Швајцарија, македонското културно-уметничко друштво „Пирински глас“ од Пиринска Македонија, Бугарија, македонското културно-уметничко друштво „Ефрем Каранов“ од Кратово, Македонија, македонското културно друштво „Сонце“ од Мала Преспа, Албанија, и македонското културно друштво „Македонци“ од Егејска Македонија, Грција. На концертот учествуваа и музичките групи „Македонска булка“ и „Дрим тим“.
Посебен впечаток кај присутните остави една од главните кореографии на концертот, а тоа беше шеснаесетзрачното златножолто сонце на црвена основа, симболика што на концертот во Швајцарија духовно ги обедини припадниците на македонскиот народ од повеќе балкански држави. Културно-уметничките друштва се претставија со песни и ора од сите географски делови на Македонија, а присутните Македонци уживаа во македонските ора и песни на ретко видена културна манифестација во Швајцарија досега.
Поздравна телеграма до организаторите, учесниците и присутните упати и Светскиот македонски конгрес, во која беше нагласено дека со сите разлики помеѓу нас Македонците, само Македонија е нашиот еден и единствен заеднички именител, само Македонија е нашиот еден и единствен заеднички содржател.
– Со Македонија нѐ има, без Македонија сите заедно ќе нѐ снема! Затоа повикуваме на семакедонско помирување и обединување, бидејќи во единството е силата за одбрана на името на државата Македонија и идентитетот на македонскиот народ! Никогаш северна, само Македонија вечна од исконот до бескрајот – се наведува во поздравната телеграма на Светскиот македонски конгрес.


Македонска донаторска средба за Денот на жената во Аризона

Во организација на македонската православна црковна општина Свети Архангел Михаил од Феникс, Аризона, на 8 Март, Меѓународниот ден на жената, ќе се одржи македонска донаторска средба. Присутните можат да донираат најмалку 20 долари, а собраните финансиски средства ќе бидат наменети за градежни работи, а ќе се вложат и во наменскиот градежен фонд при црковната општина. Организаторот повикува на масовно присуство, а македонската донаторска средба ќе биде збогатена со македонско мени и македонски народни песни и ора.
– Добредојдени се сите Македонци и пријатели на Македонците и на Македонија. Ќе поминеме прекрасна македонска донаторска средба со убави жени од нашите животи. Слатките и домашните јадења донесени од кого било ќе бидат драгоцен прилог кон заедничкиот ручек за сите – изјавија претставниците на црковниот одбор.


Македонската заедница во Западна Австралија ја промовира книгата „Дрва и тутун“

Во просториите на центарот на Македонската заедница во Перт викендов се одржа промоција на книгата „Дрва и тутун“ од авторката д-р Криина Фицџералд (Criena Fitzgerald), напишана по барање на Стив Сикирич.
Презентацијата помина во одлична атмосфера, со сеќавања од живи сведоци на историјата за Менџимап и производството на дрво и тутун со години низ историјата. Книгата може да се купи за 80 долари во центарот на Македонската заедница во Северен Перт, на улицата Алберт, во македонската православна црковна општина Свети Никола во Перт и од авторот на мобилниот број 0417980553 или на имејлот [email protected].


Единствената македонска партија во Албанија на избори ќе настапи како дел од коалицијата предводена од опозициската Демократска партија

Единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), на парламентарните избори ќе настапи како дел од коалицијата предводена од опозициската Демократска партија (ДП) на поранешниот албански премиер и бивш претседател на државата Сали Бериша. Според ДП, во изборната коалиција има 26 политички партии, меѓу кои и Партијата на слободата на Илир Мета, Републиканската партија на Фатмир Медиу, Партијата за заштита на човековите права на грчкото малцинство, чиј лидер е Вангел Дуле, како и Партијата за правда, интеграција и единство, партија на Чамите, на Шпетим Идризи.
При потпишувањето на коалицијата договорено е на изборите да настапат под името „Алијанса за величествена Албанија“, а каде и колку ќе имаат свои кандидати на кандидатските листи со загарантирани места и отворените листи во 12-те Изборни единици ќе биде соопштено дополнително. Парламентарните избори, 11-ти по ред од падот на комунистичкиот систем, ќе се одржат на 11 мај, на кои првпат ќе гласа и албанската дијаспора.