Повеќемина универзитетски професори, историчари и меѓународни претставници нагласија дека обидите за рехабилитирање на Џафер Дева во Косово, преку реставрацијата на неговата куќа, во суштина се манифестација на екстремниот албански експанзионистички национализам, иредентизам, ревизионизам и историски негационизам, што е спротивно на вредностите на Европската Унија и на светската пракса
Обид за рехабилитација на контроверзниот нацистички соработник од Косово
Контроверзиите околу Џафер Дева започнаа во февруари 2022 година кога беше објавено дека Програмата за развој на Обединетите нации и Европската Унија ќе помогнат за финансирање за реставрирање на неговата куќа во Косовска Митровица. Одлуката беше експресно осудена, а со свои реакции во јавноста излегоа и Јорн Роде, германски амбасадор во Косово, како и Ефраим Зуроф, директорот на центарот „Симон Визентал“. Под притисок на критиките, Програмата за развој на Обединетите нации и Европската Унија ги повлекоа средствата, но властите во Приштина и понатаму не се откажуваат од проектот, кој треба да се оформи како нов регионален културен центар со образложение дека станува збор за културна промоција. Според познавачите на оваа проблематика, Џафер Дева бил соработник на Третиот рајх и регрутирал косовски Албанци во дивизијата СС-Скендербег, а меѓу другото во Албанскиот државен архив има повеќе документи што ги потврдуваат неговите активности против цивилното население.
Кој е Џафер Дева?
Во светската историја Џафер Дева останува запаметен како фашистички политичар што за време на Втората светска војна бил соработник на Третиот рајх. Дева бил првиот политички лидер на косовските Албанци што се изјаснил дека е подготвен да соработува со нацистичка Германија во случај на инвазија врз Кралството Југославија. Бидејќи бил во контакт со Абвер (германското воено разузнавање), тој во Белград се сретнал со Херман Нојбахер, германскиот специјален претставник за Југоисточна Европа и му ја дал својата поддршка.
Во ноември 1943 година бил назначен за министер за внатрешни работи и практично му била дадена директна команда на силите на новоформираната албанска влада. На 4 февруари 1944 година, албанските полициските единици на кои им бил претпоставен убиваат 86 жители на Тирана. Дева подоцна бил вклучен во регрутирањето косовски Албанци за да се приклучат на 21-та планинска дивизија Скендербег. Ја изгубил функцијата министер за внатрешни работи со распуштањето на албанската влада, а потоа станал водач на Втората лига на Призрен и раководел до антипартизански операции околу Призрен.
Набргу потоа побегнал во Хрватска, а потоа во Австрија со помош на Германците. По Втората светска војна преку Италија заминал во Дамаск, Сирија, каде што помагал во издавањето на весникот во егзил со наслов „Единство на нацијата“. Во 1956 година емигрирал во Соединетите Американски Држави и накратко живеел во Њујорк и во Бостон пред да се пресели во Калаверас Каунти, Калифорнија, во 1960 година. Тука започнал со раководење на т.н. Третата лига на Призрен, сѐ до смртта на 25 мај 1978 година. Досиејата објавени по неговата смрт покажаа дека Дева бил еден од 743-те осомничени фашистички воени злосторници регрутирани од Централната разузнавачка агенција (ЦИА) за време на Студената војна.
Обидите за рехабилитација да наидат на силна осуда во јавноста
Обидите за рехабилитација на Џафер Дева беа осудени од страна на Јорн Роде, германски амбасадор во Косово. Тој нагласи дека е многу загрижен за плановите за реставрација на куќата на Џафер Дева, познат соработник на нацистите и протагонист на озлогласената дивизија СС-Скендербег.
– Не ја искривувајте вистината за холокаустот или воените злосторства извршени од нацистите и локалните соработници – нагласи Јорн Роде.
Со свој став излезе и Паскал Мило, угледен албански историчар од Тирана, именувајќи го Џафер Дева како една од најкомпромитираните пронацистички фигури меѓу Албанците.
– Како министер за внатрешни работи, тој беше главниот одговорен за сите албански жандармски сили што отворено соработуваа со германските окупаторски сили од ноември 1943 до јуни 1944 година против албанските партизани и антифашисти – посочува Паскал Мило.
Според Паскал Мило, Албанскиот државен архив поседува стотици документи што ја потврдуваат злосторничката активност на Дева против невините цивили во Тирана, како и дека бил организатор и директен извршител на масакрот на антифашистите и жителите на Тирана на 4 февруари 1944 година.
– Нацистичките документи покажуваат дека тој бил нацистички соработник, не само на нивните генерали во Албанија туку и на специјалниот пратеник на Хитлер за Југоисточна Европа, Херман Нојбахер – нагласува албанскиот историчар од Тирана.
Реновирањето на куќата на Дева е спротивно на европската пракса
Повеќемина аналитичари и експерти нагласуваат дека реновирањето на куќата на Џафер Дева, за што Министерството за култура од Приштина одвоило 500.000 евра, се спротивни на европската пракса. Според нашите соговорници, рехабилитацијата на Џафер Дева е спротивна на протоколот на Советот на Европа, кој го опфаќа и негирањето на холокаустот и другите геноциди признаени како такви од меѓународните судови, основани од 1945 година, со релевантни меѓународни правни инструменти.
Исто така треба да се нагласи дека Европскиот суд за човекови права јасно стави до знаење дека негирањето или ревизијата на јасно утврдените историски факти, како што е холокаустот, се отстранети од заштитата на членот 10 од членот 17 од Европската конвенција за човекови права. Односно за секое негирање или ревизија на воени злосторници ќе може кривично да се одговара пред надлежните судови, велат нашите соговорници. Д.Ст.
Со промоција на Џафер Дева, Косово ги загрозува територијалниот интегритет и суверенитет на Македонија
Повеќемина академици, професори, историчари и аналитичари неколкупати досега предупредуваа на великоалбанските иредентистички испади, а меѓу последните вакви примери е токму реставрацијата на куќата на Џафер Дева во формат на културен центар и промоција на политичките идеи на Дева. Добро упатените во оваа проблематика нагласуваат дека настојувањата на официјална Приштина, а особено на косовскиот премиер, да се заживеат ликот и делото на Џафер Дева не се случајни. Доколку се земе предвид дека Дева бил еден од водачите на Втората албанска лига и на Третата призренска лига, тогаш недвосмислена е заднината на ваквите политички поведенија на Приштина.
За потсетување, Призренската лига, позната и како Албанска лига, се залагала за обединување на Косовскиот, Битолскиот, Јанискиот и Скадарскиот вилает во рамките на една политичка единица (државен ентитет). Идеолошки наследници на првата Албанска лига се Втората и Трета лига од Призрен, а великоалбанскиот шовинизам и иредентизам се движечкиот дух, поврзан со Призренската лига.
Со други зборови, доколку официјална Приштина ги промовира ликот и делото на Џафер Дева, тогаш на индиректен начин се промовира и албанскиот иредентизам – „идеологија што се заложува за менување на државните граници со цел етничките малцинства што живеат во други држави да потпаднат под власт на државата каде што тој етникум е мнозинство“.
Со овој чин се загрозуваат и територијалната целовитост и суверенитетот на Република Македонија, бидејќи великоалбанскиот проект за кој се залагал Џафер Дева го вклучува и западниот дел на нашата унитарна држава, при што на овој начин демонстративно се изразува непризнавање на постојните граници на современата македонска држава, велат нашите соговорници. Останува нејасно, дали Приштина свесно или несвесно промовира великоалбански иредентизам!?
Од друга страна, неколку политички субјекти на македонските Албанци на најдиректен начин слично постапија, кога беа преименувани неколку улици во Скопје, како беше именувањето според Суљо Отља, воен командант на Бали Комбетар, идеолошки наследник на Албанската лига. Д.Ст.
Се бара реакција на меѓународната заедница
Директорот на Канцеларијата за јавна и културна дипломатија во српската влада, Арно Гујон, изјави дека реновирањето на куќата на нацистичкиот соработник Џафер Ибрахим Дева е јасен сигнал до српската заедница во Косово и Метохија и ја повика меѓународната заедница да реагира. Гујон потсети дека целото неалбанско население претрпело многу за време на „кампањата на терор“ на Дева во окупираните делови на Србија за време на Втората светска војна.