Низ разговор за јубилејот и традицијата што трае од 1924 година, Ване Талев со неизмерна радост и гордост зборуваше за изработката на првото седефесто зрно од рацете на неговиот покоен дедо Ване.
– Тоа е еден голем јубилеј, кој за нашата фамилија е голема чест и голема радост. Приказната за охридскиот бисер ја започнал мојот покоен дедо Ване во далечната 1924 година, откупувајќи ја со златници тајната за правење на емулзијата со која се премачкуваат седефестите зрна – раскажува Ване Талев

СТО ГОДИНИ ИЗРАБОТКА НА ОХРИДСКИОТ БИСЕР

Охридскиот бисер е еден од препознатливите белези за Македонија. Низ охридската чаршија и денес ќе чуете разни приказни за тоа како настанал белиот бисер, а начинот на кој се изработува е тајна што се чува еден век. Меѓу првите што почнале да произведуваат накит од далеку прочуените бисери се семејството Талеви, кои годинава одбележуваат јубилеј – сто години од изработката на првиот охридски бисер. Тајната за изработката на охридскиот бисер дури и денес е една од најдобро чуваните тајни на оваа фамилија, која совршените бисери одлично ги соединува и во креативни бисерни ѓердани и белезици. Оваа традиција се пренесува од колено на колено веќе четврта генерација, исклучиво на машко колено од татко на син.
Низ разговор за јубилејот и традицијата што трае од 1924 година, Ване Талев со неизмерна радост и гордост зборуваше за изработката на првото седефесто зрно од рацете на неговиот покоен дедо Ване.
– Тоа е еден голем јубилеј, кој за нашата фамилија е голема чест и голема радост. Приказната за охридскиот бисер ја започнал мојот покоен дедо Ване во далечната 1924 година, откупувајќи ја со златници тајната за правење емулзија со која се премачкуваат седефестите зрна – раскажува Ване Талев.
Таткото на Ване, Климент, ја раскажува приказната од дамнешно време дека неговиот татко и чичко платиле со златни наполеони за да го добијат рецептот на изработка на охридските бисери од руски емигрант познат под името Јован Субанович, тврдејќи дека начинот на изработка денес е сосема ист како пред сто години и е особено горд затоа што го исполнил аманетот од неговиот покоен татко – „никогаш да не ја менува процедурата, начинот на изработка“.
Во бисерните нишки од семејството Талеви се вткаени посебна формула и многу љубов. Охридскиот бисер е посебен и уникатен, не само поради емулзијата направена од рибино сребро добиено од охридската плашица, која е тајна чувана и пренесувана од колено на колено, туку и поради целосно рачната изработка.
– Премачкувањето се врши исклучиво рачно, со посебни природни четкички, од пет до десет пати. Врв на целата наша досегашна работа е златниот медал во Брисел на Еурека во 2001 година, на светскиот саем за рачна работа. На нашава планета тоа е највисоко признание за рачна работа. Има многу финеси во самата изработка. Колку да се натопи четчето во емулзија, колку блиску да се држи тоа до самото зрно, колку да се притисне при нанесувањето врз површината на зрното… За да не се познаваат линии дека е рачно изработено, туку да има еден идеално мазен филм одозгора, потребни се големо искуство и техника. Во тоа е тежината – вели Ване Талев.
Времето што е потребно за изработка на една бисерна низа зависи од дијаметарот на зрното, како и од должината на самата низа. Колку е помало зрното, толку е потребно повеќе време за изработка и, обратно, колку е поголемо зрното потребно е пократко време за изработка. Покрај сертификатот за квалитет при секој купен охридски бисер, од фамилијата Талеви се добива и упатство за одржување, каде што во неколку точки е наведено што не смее да се прави при носењето на бисерот.
– Најважно од сѐ, во никој случај да не се нанесува парфем директно на бисерната низа, бидејќи парфемот го уништува нејзиниот премаз – додава Талев.
Тајната за охридскиот бисер длабоко ја чува и најмладиот наследник, Климент Талев, кој по завршувањето на студиите решил да ги продолжи занаетот и традицијата на неговиот татко, дедо и прадедо.
Во дуќанот на Талеви, сместен во охридската чаршија, се изложени и десетина фотографии од познати светски личности што носат од охридските бисери.
– Нашиот дуќан досега го посетиле многу видни личности од ковот на претседатели, премиери, министри, амбасадори, шеици… Но како најголема наша фамилијарна сатисфакција се двата подарени бисера во Бакингемската палата на покојните Леди Дијана и кралицата Елизабета Втора од страна на нашите бивши претседатели Киро Глигоров и Борис Трајковски (само ја немавме таа чест и лично да нѐ посетат во нашиот дуќан) – истакнува Ване Талев.
Низ разговор, Талев ни посочи дека нивните охридски бисери се познати и признаени и на Балканот и во Европа, па и во целиот свет, велејќи дека нивните ценети клиенти буквално се од секој дел на Земјината топка.
Иако денес охридскиот бисер се соочува со нелојална конкуренција, „со фалсификати што се увезуваат од Турција и од Кина, а се продаваат како оригинални“, како што велат Талеви, тие се убедени дека причина за опстојување низ годините биле нивниот квалитет и оригиналност и ветуваат дека ќе го продолжат брендот што „не може да се копира“.