Не смееме да заборавиме дека вториот Илинден и АСНОМ се нераскинливо поврзани со победата над фашизмот. Имено, народноослободителната и антифашистичката борба во Втората светска војна водеа кон државно и национално осамостојување на македонскиот народ. Антифашистичките определби на македонскиот народ се нераскинливо поврзани со националните стремежи за сопствена држава, што е очигледно од рефератот „Борба против окупаторот“, кој произлегол од Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ, а во кој се наведува дека „големиот антифашистички фронт е единствениот пат за спечалување на македонското право на самоопределување“
Илинден е вечно врежан во националната историја како светилник до целта – независна и самостојна Македонија
Борбата на македонскиот народ за свое национално ослободување и создавање своја држава е олицетворена во двата Илиндена, востанието од 1903 година и АСНОМ од 1944 година. Првото и Второто заседание на АСНОМ се круна на вековните македонски државни и национални стремежи. Оттука, Илинден е вечно врежан во македонската национална историја како лост до целта – референдумот за независна и самостојна Република Македонија во 1991 година.
Македонската државност се потпира врз два
тежишни столба
Како нација и држава не смееме да заборавиме дека одлуките што беа донесени на Првото и Второто заседание на АСНОМ во суштината се верификација на вековната македонска борба за слобода и сопствена држава. АСНОМ како врховно, законодавно и извршно тело на македонскиот народ ја донесе и одлуката за прогласувањето на македонскиот јазик за службен јазик, како и Декларацијата за основните права на граѓаните во демократска Македонија. Овие акти имаа огромно значење во развојот на македонската држава. Не случајно Методија Андонов-Ченто, во својство на претседател на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ, нагласил дека македонската државност се потпира врз два темела. Прво „општонароден фронт, македонското народно движење со основниот принцип: борба за национална слобода“, потоа и големобугарската окупација и фашистичкиот терор, кои, „го издигнаја македонскиот народ толку политички, колку не са го издигнале 30 години мирен политички живот. Се разби најголемата, закоренелата заблуда, македонскиот народ разбра еднаш за секогаш оти големобугарскиот окупатор не му донесе слобода, ами најарно и незапамтено ропство.“
Вториот Илинден е во симбиоза со македонската антифашистичка борба
Не смееме да заборавиме дека вториот Илинден и АСНОМ се нераскинливо поврзани со победата над фашизмот. Имено, народноослободителната и антифашистичката борба во Втората светска војна водеа кон државно и национално осамостојување на македонскиот народ. Антифашистичките определби на македонскиот народ се нераскинливо поврзани со националните стремежи за сопствена држава, што е очигледно од рефератот „Борба против окупаторот“, кој произлегол од Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ, а во кој се наведува дека „големиот антифашистички фронт е единствениот пат за спечалување на македонското право на самоопределување“.
Македонската антифашистичка борба беше во корелација со солидарноста, еднаквоста и слободата, што е особено видливо во решението за прогласување на АСНОМ за врховно законодавно и извршно тело на демократска Македонија, во кое меѓу другото се истакнува дека „АСНОМ го образуваат народните представители, без разлика на народност, вероисповедание, пол, раса и политическо-партијска припадност“, или декларацијата на АСНОМ за основните права на граѓанинот на демократска Македонија, во која се нагласува дека „на националните малцинства на Македонија им се осигурават сите права на слободен национален живот“.
Од антифашистичката борба произлегоа одлуките на АСНОМ за државно и национално осамостојување на македонскиот народ. Впрочем, одлуката од 2 август 1944 година за воведување на македонскиот јазик како службен јазик во македонската држава ќе беше невозможна без победата над фашизмот. Ова е особено значајно ако се земат предвид нечовечните политики на Царска Бугарија и Кралството Албанија кон македонскиот народ, како што се обидите за асимилирање на Македонците преку образовниот систем и содржини или наредбата за зборување само на албански јазик со цел македонското населението постепено да се албанизира.
Во таа конотација, генералот Михајло Апостолски вели дека „народноослободителната борба беше условена од длабоките национални и хумани чувства и интереси и од силниот стремеж за слободен живот на македонскиот народ, па, според тоа, претставува природно продолжување на долготрајната борба за национално ослободување“.
Континуитетот помеѓу двата Илиндена
Континуитетот помеѓу двата Илиндена е очигледен и во одлуката на АСНОМ за прогласување на 2 Август како државен празник. Со ова се нагласува континуитетот на борбата на македонскиот народ за своја држава, со што се става акцент кон негување на заедничката историја.
Во оваа одлука било нагласено дека 2 август е симбол на неговите борби за неговото „конечно ослободуене от вековното ропство и за создавање на слободна и суверена Федерална македонска држава“. Поврзаноста помеѓу македонските национални особености и македонската држава може да се согледа и од Манифестот на АСНОМ до македонскиот народ. Во него се претставени дотогашната историја и борбата на Македонците за слобода, со нагласување: „Македонски народе, од тешките борби и пролеаната крв на најдобрите македонски синови излегува денес првото Народно собрание, тој симбол на твојата слобода и изразител на твојот суверенитет, и ја прокламира пред цел свет полната национална слобода на македонскиот народ во првата слободна македонска држава. Вековниот идеал на македонскиот народ се постигнува. За првпат после Самоила македонскиот народ створи своја сопствена држава; за првпат македонскиот народ ќе се осети во Македонија како во своја кукја; за првпат тој стана не дребна пара во сметките на грабежливите сили, ами слободен народ во слободна држава. Това е најголемата придобивка во историјата на нашиот народ, спечалена во гигантскиот антифашистички фронт со крвта на најдобрите синови на Македонија…“
Деновиве, кога го одбележувавме Илинден, мора да потсетиме дека нашите предци биле свесни дека изградбата и стабилноста на македонската држава се обусловени од негувањето на македонските национални особености – јазик, историја, култура, обичаи итн. Затоа во повоениот период беа оформени голем број институции, како што се Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Институт за национална историја, Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ итн.