На денешен ден, 6 јуни, пред точно шест години, на 89-годишна возраст почина академик Матеја Матевски, кој останува вечно запаметен како еден од најголемите современи македонски поети, како човекот што го унапреди и збогати македонскиот литературен јазик

Шест години од смртта на академик Матеја Матевски

Современата македонска држава произлезе од Народноослободителната и антифашистичката борба на македонскиот народ во Втората светска војна кога многу млади талентирани луѓе активно учествуваа. Овие младинци, кои се одликуваа со ентузијазам, по војната целосно се посветија на македонската културна и книжевна дејност, го збогатија македонски литературен јазик и оставија траен белег со своето творештво. Меѓу нив е и Матеја Матевски, кој останува запаметен како еден од најголемите современи македонски поети, но и интелектуалци. Матевски зад себе остави богато творештво, а по Блаже Конески е вториот Македонец што ќе го добие светски високото поетско признание, „Златниот венец“ на „Струшките вечери на поезијата“. Со тоа Матевски влезе во друштвото на Пабло Неруда, Еуџенио Монтале, Сејм Гор, Рафаело Оберти, Бротски, Тед Хјуз, Михаил Ед Бергер, Ивон Фоа и многу други.

Кој е Матеја Матевски?

Роден е на 13 март 1929 година во Истанбул, Република Турција, во македонско печалбарско семејство, а детството го поминал во Гостивар, родното место на неговите родители. Во Гостивар завршил основно училиште и два класа од училиште, тогаш познато како „Граѓанско училиште“. Неговото школување било прекинато за време на војната, но по завршување на војната своето школување го продолжил во гимназија во Тетово, а подоцна во гимназија во Скопје. Во 1949 година заминал за Белград каде што своето школување го продолжил на Високата новинарско-дипломатска школа. По извесен прекин, студиите ги продолжил во Скопје, каде што дипломирал на Филозофскиот факултет на групата македонски јазик и југословенска литература.
По завршување на студиите, тој работел како средношколски професор, подоцна се вработил како новинар во Македонската радио-телевизија, бил продуцент на литературно-културната програма а подоцна станал главен продуцент и директор на Радио-телевизија Скопје, исто така ја извршувал функцијата претседател на комисијата за културна реализација, бил уредник на издавачката куќа „Кочо Рацин“. Како гимназијалец (1951-1958) бил уредник на списанието „Млада литература“, а потоа повеќе години на „Разгледи“, бил професор по драмска историја на Драмскиот факултет во Скопје.
Матеја Матевски членувал во многу литературни друштва и различни литературни асоцијации. Тој бил претседател на Асоцијација на писателите на Македонија, претседател на „Струшките денови на поезијата“, „Рацинови средби“, Македонската литературна фондација, член на Македонската академија на науките и уметностите, и вицепретседател на МПЕН, член на Македонската асоцијација на писателите од 1956, исто така тој бил и дописнички член од Северна Америка на шпански јазик.

Творештво

Со пишување стихови почнува да се занимава уште во гимназијата. Првата своја песна ја објавува во 1959 година во списанието „Млада литература“, во 1956 година ја објавува својата прва стихозбирка. Некои негови стихозбирки се преведени и на други јазици („Дождови“). Освен со поезија, Матевски се занимава со театарски критики и преводна литература. Преведува претежно од албански, словенечки, српскохрватски, француски јазик, ги преведе книгите „Приказна за шивачката и ножиците“ од Драготин Кете во 1961 година, „Очилата на тетка Бајаваја“ во 1961 година од Ела Пероци, „Децата на Герника“ од Херман Кестен од 1962 година, „Момина солза“ од 1962-1965 година од Прежихов Воранц, Иван Минати „Се бега во облаците и со птиците“ 1966 година и „Во мрачното стебло“ 1970 година од Андре Френо.
Застапен е и во антологиите на Иван В. Лалиќ и Јосип Пупачиќ „Вратата на времето. Повоените Југословенски поети“ (Загреб 1958), на Зоран Мишиќ „Современа Југословенска поезија“ (на француски јазик, Париз, 1959), на Димитар Митрев „Повоени македонски поети“ (Скопје, 1960), на Танасие Младеновиќ, Новак Симиќ и Драго Шега „Југословенска лирика“ (на полски јазик, Варшава, 1960), на Александар Спасов, Милан Ѓурчинов и Димитар Солев „Современа македонска поезија и проза“ (на српскохрватски јазик, Белград, 1961), на Иван Ивањи „Млада југословенска лирика“ (на германски јазик, Франкфурт на Мајна, 1961-62), на Димитар Митрев, Фран Петре, Владимир Поповиќ и Шиме Вучетиќ „Понова југословенска поезија“ (Загреб, 1962, 1966), на група автори на „Светска поезија“ (на француски јазик, УНЕСКО, Париз, 1963), на Александар Спасов „Современа македонска поезија“ (на словенечки јазик, Љубљана, 1963), на Херберт Готшалк „Современа југословенска лирика“ (на германски јазик, Гитерслоу, 1964), на Аурел Гаврилов и Раду Флора „Современа југословенска поезија“ (на романски јазик, Панчево, 1964), на Јанко Лаврин „Антологија на современата југословенска поезија“ (на англиски јазик, Лондон, 1964), на Џакомо Скоти „Антологија на македонската поезија“ (на италијански јазик, Сиена, 1965), на Карољ Ач „Песна на нашите денови. Антологија на модерната југословенска поезија“ (на унгарски јазик, Нови Сад, 1965), на Лилјана Ацева и Николај Јанков „Балкански писатели. Зборник со дела од учесниците во првата средба на балканските писатели“ (на бугарски јазик, Софија, 1965), на Кирил Злобец, Славко Михалиќ и Александар Спасов „Нова југословенска поезија“ (на италијански јазик, Парма, 1966), на Влатко Павлетиќ „100 дела од литературите на југословенските народи“ (на српскохрватски јазик, Загреб, 1966), на Ирена Венигова и Душан Карпатски „Снимци на пејзажите на поезијата. Мал избор од југословенските поети од 20 век“ (на чешки јазик, Прага, 1966), на Александар Спасов „Современа македонска поезија“ (на српскохрватски јазик, Белград, 1967), на Милан Ѓурчинов „Антологија на македонската поезија“ (на српскохрватски јазик, Белград, 1968), на Никола Милечевиќ „Антологија на светската љубовна поезија“ (на српскохрватски јазик, Загреб, 1968), на Илхан Берк „Светска поезија. Од најстарите времиња до денес“ (на турски јазик, Истанбул, 1969), на Золтан Чука „Раѓање на зборот. Современи македонски поети“ (на унгарски јазик, Будимпешта, 1969), на Неџати Зекерија „Десет македонски поети“ (на турски јазик, Истанбул, 1971) и на Костас Асимапокулос „Современи југословенски поети. Мала антологија“ (на грчки јазик, Атина, 1971).

Што кажаа за него други дејци

– На „Дождови“ можеби треба да се погледне како на своевидна апокалипса во нашата поезија. Тоа е првата успешна афирмација на слободниот стих кај нас. Акцептирајќи го слободниот стих како начин за израз, импонирајќи притоа со завидлива консеквентност, Матевски успеа да нѐ убеди напати за предноста на постапката што ја спроведува. Со „Дождови“ Матевски настапува во улога на активен лансер на нови изразни можности – академик Гане Тодоровски.
– Помеѓу нашите нови поети Матеја Матевски зазема посебно место. Од првите денови на својата најава низ страниците на литературните публикации, стиховите на Матевски го свртуваа вниманието со својата среденост, сериозност и зрелост. Ненаметливи и неатрактивни, тие го одразуваа процесот на стрпливо, макотрпно себеодмерување на патот кон сопствената боја, кон сопствениот поетски звук. Дури сега, од дистанцата на десетгодишниот креативен развој на поетот може да се согледа колку неопходен и плодотворен беше тој пат по кој поетот не престанува и денес да чекори. Се чини дека новите одлики на поетот и стојат така цврсто и непоколебливо, имајќи ја зад себе сигурната врвица на постапното созревање што го воспитуваше поетот за одмерена, воздржлива употреба на зборот и од негува во него високо развиено чувство за мерка – Милан Ѓурчинов
– Тој беше човек епоха во македонската поезија. Но не беше само вонсериски поет и интелектуалец, академик и општественик, туку и благороден човек со големо срце, со интелектуална мудрост, промисленост, смиреност и толерантност што фасцинираше. Со импозантниот број престижни национални и меѓународни награди и неговото членство во десет странски академии и научни друштва, академик Матевски беше и ќе остане гордост на својата земја, на МАНУ, на неговото семејство, пријателите и почитувачите – академик Таки Фити.
– Последните години ги помина врзан за постела, но сепак успеваше последните сили да ги чува за да пишува и пишуваше до последен здив, останувајќи им верен на своите идеали на младоста… Тој е поет што направи огромен исчекор во осовременувањето на македонскиот поетски јазик, во изострувањето на неговиот сензибилитет, во откривањето на неговите скриени можности. Матеја Матевски е поет што во македонската поезија ги напиша првите стихови што звучат навистина модерно и чијашто модерност не изгубила ни денес ништо од својата длабочина и свежина. Со секавичен блесок на откровение се појави еден поет од прв ред чиишто стихови носеа во себе визионерска светлина и изненадувачка силина. Тоа е датум запишан со црвени букви во календарот на македонската поезија – академик Влада Урошевиќ.

Награди

Матеја Матевски има добиено повеќе награди меѓу кои националните: наградата на Друштвото на писателите на Македонија за 1956 година за стихозбирката „Дождови“, наградата „Браќа Миладиновци“ на „Струшките вечери на поезијата“ во 1963 година за стихозбирката „Рамноденица“, највисоката национална награда „11 Октомври“ за 1963 година, наградата „Браќа Миладиновци“ на „Струшките вечери на поезијата“ во 1981 година за стихозбирката „Липа“, наградата на Друштвото на писателите на Македонија за 2001 година награда, „Кочо Рацин“, наградата „Златен венец“ на „Струшките вечери на поезијата“ во 2011 година.
Ја доби престижната меѓународна награда за поетски опус на академијата „Мајкл Мадхуседан“ од Калкута, Индија. Наградата, како и академијата го носи името на индискиот поет од 19 век, кој пишувал на бенгалски и на англиски јазик, а се доделува 28 години за достигнувањата во областа на литературата, уметноста, науката и филантропијата.
Наградата, дипломата и златниот медал, на лауреатот му биле врачени во Калкута. Академик Матевски е поранешен добитник на уште едно индиско признание, кое му било доделено по повод 40 години од смртта на нобеловецот Рабиндранат Тагоре.
Тој е единствениот добитник на највисокото признание за литература „Премио медитерано пер литература 2005“. Наградата секоја година ја доделува Средоземната академија со седиште во Неапол, Италија, која со своите активности ги поврзува земјите од Средоземјето. Ова високо признание го добиваат личности и институции за нивните особени заслуги во политичката и општествената активност и уметничкото и научно творештво. Добитници на наградата во другите области се: претседателот на Владата на Турција, Реџеп Ердоган, и министерот за надворешни работи на Шпанија, Мигел Анфел Моратинос. „Премио медитерано…“ им беше доделена и посмртно на палестинскиот водач Јасер Арафат и на шпанскиот писател Мануел Васкес Монталбан. Во Неапол беше претставено и италијанското издание на романот „Времето на козите“ на академик Луан Старова. Доделувањето на наградата и промоцијата на романот беа дел од активностите посветени на средоземната култура и уметност, преземени од „Галаксијата Гутенберг“ и Културниот центар и саем во Неапол.