Честите беспредметни повици за одржување лидерски средби само можат да ги деградираат институциите пред јавноста. На Македонија не ѝ е потребно вонинституционално решавање на битните прашања преку лидерски средби и заклучоци, туку зајакнување на институциите и на нивните капацитети и функционалност, со што би се зголемила и довербата на граѓаните во нивната работа, како и во владеењето на правото во земјава
Апелите за лидерски средби ја подриваат довербата во институциите и го ослабуваат владеењето на правото
Барањето на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, за лидерска средба на првите луѓе на парламентарните партии, на која би расправале за настаните и нередите околу прославата на Денот на албанското знаме, од досегашните искуства имплицира повторно параинституционални средби, разговори, преговори и заклучоци што некогаш, заради „мир во куќата“, знаат и да излезат надвор од процедуралните и законските рамки и да биде договорено нешто што ќе има основа за реализација само доколку се направат „измени и дополнувања на некој законски или подзаконски акт“. Со тоа, од досегашното искуство на нашите соговорници, само се еродира довербата во институциите, се руинираат системски утврдените процедури и норми и се праќа порака на несигурност во системот и правната држава.
Разводнување на проблемот и неефикасност на лидерските средби
Педантниот преглед наназад покажува дека на таквите средби, кога се работело и за најважни политички и државни прашања, се случувале само одвлекување на вниманието на јавноста и шпекулации на одредени медиуми во врска со најавите и содржините на лидерските средби, па прес-конференции за тоа дали сите или поединечни партии или политичари ќе присуствуваат или ги одбиваат, потоа содржината на средбите, кои по правило биле затворени за јавноста, па кратки нејасни и недоречени изјави од учесниците дека „разговарале меѓу себе“, со што, всушност, не се кажува ништо конкретно. Единствено нешто конкретно од таквите состаноци на политичките раководства имало кога се усогласувале ставовите за датумите на предвремени парламентарни, локални или претседателски избори, па и таквиот постигнат договор потоа формално мораше да се легализира во Собранието.
Честите беспредметни повици за одржување лидерски средби само придонесуваат да се деградираат легитимните обврски на институциите во очите на јавноста. На Македонија не ѝ е потребно вонинституционално решавање на битните прашања преку лидерски средби, туку зајакнување на институциите и на нивните капацитети и функционалност, со што би се зголемила и довербата на граѓаните во нивната работа, како и во владеењето на правото во земјава.
За секоја противзаконска акција – институционална и правно регулирана
реакција
Нема дилема дека ескалацијата на настаните на прославата на Денот на албанското знаме не е непланиран, спонтан и случаен инцидент, од причина што се работи за група демонстранти што користеа оружје во центарот на Скопје. Ова предизвика силна вознемиреност и страв кај граѓаните, особено кај странците во градот, а беше пренесено од сите светски агенции како обид за безбедносна радикализација на редовната состојба каква што немало повеќе години. За настаните во Македонија, институциите реагираа навремено и пропорционално, што го потврдија и претставниците од меѓународната заедница. Тоа е една реална политичка атмосфера и продуктивна состојба како последица на настаните што ги вознемирија јавноста и граѓаните и треба да бидат третирани според законските прописи, објаснети и расчистени од сите аспекти. Кога станува збор за правната и институционалната реакција, за споменување е дека имаше и политички реакции. Сепак, според нашите соговорници, таквите политички реакции, во името на правната држава и владеењето на правото, е најдобро да бидат артикулирани во рамките на законските процедури, односно кога се користи можноста на седница на Собранието да бидат поднесени интерпелации (овој пат за неколку министри по истиот повод, вклучувајќи го и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски), па низ собраниски пленарен претрес да се оценат преземените мерки од страна на носителите на јавните и државни функции. Само таквата законски предвидена процедура и содржини ги зајакнуваат системот и капацитетот на институциите, а не институционален паралелизам и праксата на „средби на племенски поглавари“, како што велат со доза иронија нашите соговорници.
Во парламентот се добива одговор за тоа кој на улиците на Скопје и во другите градови на Македонија организирал акти на политичко насилство
За овие прашања, државните институции, кои ја ставија ситуацијата под контрола, како и партиите и пратениците што бараат парламентарна расправа за конкретните прашања и иницијативи, имаат доволно време до најавената седница на Собранието да ги обезбедат сите информации, материјални докази и факти за тоа што се случуваше на празникот на албанското знаме и неколку дена потоа, со што и јавноста и граѓаните ќе бидат успокоени. Важно е токму на една јавна седница на законодавниот дом јавноста да го добие и одговорот на прашањето дали во демонстрацијата на политичко насилство во Скопје и Куманово, како и некои слични инциденти по истиот повод во државава, како инспиратори или организатори биле инволвирани и учествувале и лица и групи од политичките партии, со што специфичната тежина на делата добива една друга димензија, со што надлежните правосудни органи евентуално би добиле „материјал“ поведенијата на инволвираните да ги квалификуваат соодветно со законски утврдената санкција.
На крајот, нашите соговорници уште еднаш подвлекуваат дека лидерските средби не треба да бидат пракса, ниту да има некаква перманентност или континуитет во нивното организирање, туку да се организираат инцидентно во смисла на протоколарна меѓулидерска консултативност. Одржувањето затворени лидерски средби соговорниците го толкуваат како „замајување на јавноста и градење некаков политички рејтинг за некого“ и дека тие се „беспредметни, контрапродуктивни и нефункционални со создавање некаква непотребна политичка мистериозност околу тоа за што се договориле политичките партии“. Врв на парламентарната демократија се ефективните институции преку кои се решаваат и најгорливите проблеми, тврдат нашите соговорници.
Илија Максимовски