Поглаварот на Римокатоличката црква ја повтори во јавноста отворената покана за домаќинство за разговорите меѓу Москва и Киев. Претходниот пат руската страна како образложение за несогласувањето Ватикан да биде медијатор го презентираше аргументот што има конфесионална одредница, односно дека „не е во ред меѓу две православни земји посредник да биде Римокатоличката црква“…
Римокатоличката црква не се откажува од посредништво за организирање мировни преговори меѓу Москва и Киев
Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Лав Четиринаесетти, повторно деновиве го иницираше својот предлог дека Ватикан е подготвен да биде домаќин на претставници на Русија и на Украина за преговори. Како што се наведува во официјалното соопштение на Ватикан, „предлогот за одржување состанок на ниво на лидери во Ватикан сè уште останува отворен и можен“. И италијанската премиерка Џорџа Мелони неодамна изјави дека поглаварот на Римокатоличката црква ја потврдил подготвеноста на Ватикан да биде домаќин на мировни преговори меѓу Русија и Украина.
Сепак, министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, остана на тврдите ставови како и претходно дека „сценариото за одржување на оваа средба во Ватикан е нереално“. Во истиот контекст како и Лавров, и советникот на патријархот московски и на цела Русија, протојереј Николај Балашов, оцени дека не е добра идеја Ватикан да биде домаќин на разговорите меѓу Москва и Киев. Останува да се види и ставот на рускиот претседател по ова прашање.
За одбележување е дека украинскиот претседател Зеленски веќе се согласи за оваа иницијатива на Ватикан. Р.С.